„Ги повикувам граѓаните да ни помогнат и да нè поддржат да го спречиме ова антидржавно и антинационално однесување на т.н. патриотска влада на ВМРО-ДПМНЕ. Дали ова е цената што треба да се плати за да се добие кредит од шест милијарди евра, што ќе го плаќаат многу генерации, во следните децении, за тие пари оваа влада да ги потроши на договори во четири очи“, рече лидерот на СДСМ на денешната прес-конференција
Едно од прашањата што ги упати лидерот на СДСМ е дали може да очекуваме дека на мигрантите ќе им бидат дадени македонски пасоши и ќе бидат гласачка машинерија на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи, како што додаде, сепак се ближат избори
Лидерот за Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска ја обвини власта на ВМРО-ДПМНЕ дека молчи за, како што кажа, тајните преговори и договори со Велика Британија за депортација на мигранти од островот во земјава и најави активности на социјалдемократите во насока на спречување „насилно внесување мигранти“ во Македонија.

Темата за депортација на мигранти од Велика Британија во земјава стана повторно актуелна во јавниот дискурс по пишувањата на дел од британските медиуми за наводните преговори меѓу владите на двете земји за примање мигранти.
Филипче на денешната прес-конференција кажа дека уште пред неколку месеци ја најавиле, како што рече, опасноста што нè очекува со мигрантите, а за која, додаде, сега дознаваме од британските медиуми.
„Кога првпат ги споменавме овие тајни преговори и разговори, а тоа беше потврдено во написи во странските медиуми, веднаш скокнаа против нас т.н. патриоти од ВМРО-ДПМНЕ. Почнаа со објави дека лажеме, па осмислија цела кампања против мене лично, против други актуелни и поранешни функционери на партијата. Кога тоа не им успеа, во следниот период таа кампања само ја засилија. Меѓутоа во последните неколку дена излегоа информации во релевантни британски медиуми со конкретни и детални информации и податоци за тоа што е разговарано околу прашањето со мигрантите од Британија“,
рече Филипче.
Од овие пишувања на медиумите од островот, додаде тој, дознаваме дека според разговорите што се воделе, мигрантите треба да бидат интегрирани во нашето општество и на пазарот на трудот, особено од градежништвото, и тука да имаат трајни живеалишта.
Дури, како што рече лидерот на СДСМ, од Велика Британија доаѓаат детални информации дека Лондон ќе ѝ исплаќа на Македонија 20 000 фунти по мигрант согласно договор за т.н. повратни центри.
„И сето ова, замислете, македонските граѓани го дознаваат од странски медиуми. Ова е апсолутно недозволиво, ова е скандал од невидени размери. Европската статистика покажува дека со лошо спроведена стратегија за интеграција на мигранти се случуваат големи проблеми во државите и општествата каде што тие доаѓаат – насилства, криминал, немири, тепачки. Дури и многу поразвиени земји од Македонија имаат голем проблем со мигрантите – Германија, Британија, Шведска. Тешко се справуваат со овој проблем и тоа го гледаме преку медиумите, објавено изминатите години.
И самата Британија има проблем со мигрантите и тоа трае веќе предолго време. Кога овие развиени земји тешко се справуваат, како ли само ние ќе се справиме со овој проблем во нашата земја, кога имаме нефункционални институции“,
кажа Филипче.
Во таа насока, тој се осврна и на дебатата што се води во рамките на институциите на Европската Унија (ЕУ) за заострување на мерките кон мигрантите, а кои, меѓу другото, предвидуваат забрзана процедура за депортирање и креирање заедничка листа на безбедни земји на потекло.
„А што се случува кај нас? Дали ќе гледаме центри за мигранти насекаде низ државава, низ сите општини и во сите градови? Дали ќе дозволиме т.н. патриоти од ВМРО-ДПМНЕ да ја претворат Македонија во мека за мигранти, додека, исто така, од странски медиуми дознаваме дека околните земји овој предлог експлицитно го одбиле. Дали може да очекуваме дека на мигрантите ќе им бидат дадени македонски пасоши и ќе бидат гласачка машинерија на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак се ближат избори“,
рече лидерот на СДСМ.
Потенцирајќи на ваквата, како што ја нарече, опасност, мора одлучно да се каже „не“ и време е да се крене гласот на народот.
„Ги повикувам граѓаните да ни помогнат и да нè поддржат да го спречиме ова антидржавно и антинационално однесување на т.н. патриотска влада на ВМРО-ДПМНЕ. Дали ова е цената што треба да се плати за да се добие кредит од шест милијарди евра, што ќе го плаќаат многу генерации, во следните децении, за тие пари оваа влада да ги потроши на договори во четири очи“,
кажа тој.
Во врска со мерките и активностите што ги планираат социјалдемократите, Филипче рече дека за почеток од партијата ќе покренат иницијатива против овој план. А доколку власта го игнорира овој чекор, тој најави дека ќе бидат преземени други, посилни активности.
Нашето место е во Европската Унија, а не на периферијата, како црна точка, рече Филипче, кој своето обраќање го заврши со неколку прашања.
„Дали ќе чекаме овие сценарија да се остварат? Дали ќе ја загрозиме безбедноста на граѓаните? Дали лажат британските медиуми? Дали лаже Европската Унија? Дали лаже Социјалдемократскиот сојуз на Македонија?“,
кажа лидерот на СДСМ.
Обраќањето го заврши со најава за нови т.н. „бомби“ и порака дека секој што краде ќе одговара.
За потсетување, британските медиуми минатата недела објавија дека Велика Британија можеби ќе ги депортира одбиените баратели на азил во Северна Македонија, во обид да ја обесхрабри нелегалната миграција со чамци во земјата. Според објавите, двете држави од есенва биле влезени во формални преговори за да се реализира овој план.
Таблоидот „Дејли мејл“, повикувајќи се на информации од лондонски „Тајмс“, пренесе дека Британија би ѝ плаќала на Македонија за секој мигрант што ќе го преземе, а би обезбедила и инвестиции во земјава и помош во борбата против руско влијание.
Мигрантите што би пристигнале тука, додава весникот, би имале право да бараат азил во земјава или да побараат работни визи за секторите каде што има недостиг на работна сила. Тие не би биле задржувани со сила и би можеле да си заминат од земјава кога сакаат. Истите информации ги пренесе и весникот „Сан“.

По написите, реагираше британската амбасада во земјава. Оттаму велат дека двете држави соработуваат во борбата против, како што пишува, нерегуларната миграција.
Во твитот, амбасадата не ги споменува објавите на медиумите и не дава конкретни коментари на нивните детални наоди за тоа каков договор се подготвува меѓу британската и македонската влада за префрлање мигранти. Само се вели дека „по клучниот состанок помеѓу премиерите Стармер и Мицкоски во мај“, Британија и Македонија воспоставиле „стратешко партнерство што се фокусира на градење долгорочна политичка, економска и безбедносна рамка со цел да се продлабочи соработката и да се засили стабилноста и просперитетот на двете земји“.
Од друга страна, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги негираше тврдењата дека се планира и се преговара за отворање мигрантски кампови во земјава.
Владејачката партија, обвинувањата дека ќе се градат кампови ги оцени како уште една лага од „фабриката“ на СДСМ, партија за која велат дека пред „само неколку години молчеше пред најголемиот мигрантски бран и ја претвори државата во транзитна зона без контрола“.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, на прес-конференција викендов, исто така рече дека договорот за стратешко партнерство со Британија, не предвидува и изградба на бегалски кампови во Македонија.
„Нема подобар демант за ваквите спинови на некои опозициони партнери, од изјавата на британскиот амбасадор дека британско-македонскиот стратешки договор потврдува и предвидува инвестирање во инфраструктура, во економија, безбедност и образование, но не предвидува бегалски кампови во Македонија“,
рече Милошоски на прес-конференција во неделата.
