За вчерашната изјава на премиерот Мицкоски дека „додека тој има мандат, нема да има шатори за мигрантите“, вели дека тоа значи две работи – планирање предвремени избори и мислење на втор мандат, и тоа дека во суштина нема да има шатори, но ќе има социјални станови
Филипче изјави дека е „очигледно“ оти договор за мигрантите постои, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ мора да го потпише бидејќи тоа е поврзано со добивањето на кредитот од шест милијарди евра

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска најави нов институционален чекор за одбрана на земјата од, како што вели, веќе договорениот прием на мигранти во Северна Македонија.
По започнатата петиција, СДСМ најавува дека до Собранието ќе поднесат резолуција за заштита на државните интереси. Доколку пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржат, партијата најави одржување голем народен протест.
Филипче изјави дека е „очигледно“ оти договор за мигрантите постои, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ мора да го потпише бидејќи тоа е поврзано со добивањето на кредитот од шест милијарди евра. Тој тврди дека буџетот има недостиг од една милијарда евра до крајот на годината.
Филипче најави дека неговата партија овие денови ќе ја подготви и ќе ја достави резолуцијата до Собранието и ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржат.
„Дали Македонија, земја која не може да исплати плати, да одржи базичен ред дома, може да се справи со ваков наплив на мигранти? Дали економски ова може да се издржи? Затоа ги повикувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја прифатат резолуцијата. Така ќе избегнеме ‘мислевме, рековме, кој лаже, кој не лаже’. И тоа ќе биде доволно, а не да им веруваме на празните зборови, туку да има потписи“,
рече тој.
Доколку резолуцијата не биде поддржана, СДСМ најави дека ќе ги повика сите граѓани на голем народен протест за да се блокира процесот на носење мигранти.
„Спремни сме да се бориме до крај, ова не е шала. Нема да запреме овде, прво ќе следува резолуцијата во Собраниет, а согласно однесувањето на пратениците од власта, спремни сме да излеземе на протести. Ова е борба за Македонија“,
додаде Филипче.
СДСМ се повикува на светски и на британски медиуми кои објавија дека Македонија ќе прима мигранти, при што Британија би плаќала по 20 илјади фунти по мигрант. Се споменуваат постојано домување, сместувања во згради и вработувања, што е, како што рече Филипче, „чекор до пасоши“.
За вчерашната изјава на премиерот Мицкоски дека „додека тој има мандат, нема да има шатори за мигрантите“, вели дека тоа значи две работи – планирање предвремени избори и мислење на втор мандат, и тоа дека во суштина нема да има шатори, но ќе има социјални станови.
„После сите пишувања на светските медиуми, прашањето е за јавноста дали СДСМ е тој што лаже, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ сега тоа ќе го објаснува, дека сите британски медиуми лажат, дека целокупната светска јавност лаже. Еве, го повикувам ВМРО-ДПМНЕ, нека излезат и нека кажат. Нека кажат дека сите лажат, односно дали цел свет лаже, само ВМРО-ДПМНЕ не лаже“,
рече Филипче.
Претседателот на СДСМ предупреди дека политиките на Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја водат Македонија по истата траекторија како Србија под водство на Вучиќ. Филипче посочи дека власта повторува идентични шеми, со скриени договори и манипулации, кои ја туркаат државата во длабока политичка и општествена криза. Како пример Филипче го посочи случајот со литиумот во Србија.
„Кризата со мигрантите е истата криза како проектот за копање литиум во Србија. Ова е истото препишувачко школо на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, го следат истото сценарио“,
истакна Филипче.
Филипче вчера, обвинувајќи ја власта за, како што кажа, тајните преговори и договори со Велика Британија за депортација на мигранти од островот во земјава, најави активности во насока на спречување насилно внесување мигранти во Македонија.
Во врска со мерките и активностите што ги планираат социјалдемократите, Филипче рече дека за почеток од партијата ќе покренат иницијатива против овој план. А доколку власта го игнорира овој чекор, тој најави дека ќе бидат преземени други, посилни активности.
Онлајн петицијата вчера беше отворена и сите граѓани може да ја потпишат, а потпишувањето ќе трае 30 дена.
