Почитувајте ги препораките, слушајте ги наставниците и штитете го здравјето на сите, им порача министерот за здравство Венко Филипче преку видеопорака на учениците кои денеска ја започнаа учебната година.
„Пандемијата предизвикана од ковид-19 донесе брза и тектонска промена во образованието, каква што не се памети во историјата. Верувам дека за многу од вас новиот начин на кој се почнува оваа учебна предизвикува чувство на неизвесност. Знам дека многумина сакаат и бараат учењето да се одвива поинаку и искрено сите ги разбирам. Но, како здравствен работник и прв одговорен во битката со пандемијата, барам разбирање и поддршка за сите здравствени одлуки што ги донесовме во однос на образовниот процес. Секоја одлука е базирана на примарната и најважна цел, заштитата на јавното здравје, заштитата на здравствениот систем и пребродување на кризата. Секоја одлука што ја донесовме е донесена со цел да се обезбеди добар, но и безбеден образовен процес. И ова е единствениот исправен пристап во услови кога нема идеално решение“,
порачува Филипче.
Тој укажува на зголемување на ризикот од ширење на заразата и се надева дека со почитување на мерките за заштита ќе се избегнат рестрикциите кои никој не ги посакува.
„Сите добро се сеќаваме каква штета на менталното здравје, економијата и целото општество донесоа рестрикциите. Тие се последното нешто што сакаме да го употребиме и затоа мора да бидеме многу внимателни. Сите ученици што се враќаат во училишните клупи, нивните родители и наставниот кадар мора да бидат многу одговорни… Од учениците, родителите и наставниците очекувам максимално и доследно почитување на пропишаните мерки. Од сите заедно зависи дали ќе ја задржиме состојбата стабилна, а со тоа и безбедно и квалитетно да ја поминеме учебната година. Драги деца, вирусот не е шега. Можеби за вас е помалку опасен, но е многу поопасен за вашите родители, баби и дедовци. Почитувајте ги препораките, слушајте ги наставниците и штитете го здравјето на сите. Јас верувам во вашата зрелост и одговорност. Вие може да бидете пример за возрасните и за целото општество“,
вели Филипче.