Европратеничката од Словенија, Тања Фајон, во вечерашното интервју за „360 степени“ вели дека уште од првиот ден од словенечкото претседателство има црн облак и владата ќе мора напорно да работи за да ја поправи катастрофалната година во однос на почитувањето на европските вредности.
„Добиваме многу критики од Брисел, од странски дипломати и медиуми во однос на владеењето на правото и слободата на медиумите. Tоа е црн облак на првиот ден од словенечкото претседателство, така што Владата ќе мора напорно да работи за да ја поправи катастрофалната година во однос на почитување на европските вредности. Јас сум многу критична за тоа што го прави нашата влада во Словенија. Да се биде земја претседавач значи дека мора да се почитуваат европските вредности. За ова сум загрижена и се надевам дека ќе успееме да ја поправиме оваа катастрофално лоша година во однос на неназначувањето европски обвинители, на критиките за политичко мешање во слободата на медиумите итн. И општеството е длабоко поларизирано и разочарано“,
вели Фајон.
Таа сепак е оптимист што Словенија го става Западен Балкан како еден од приоритетите за време на нивното претседателство и се надева дека ќе се направи исчекор во отпочнувањето на преговорите со Северна Македонија и со Албанија, но и да се испорача ветувањето за визна либерализација за Косово.
„Повторно да се поврзе бизнисот, економијата, контактите меѓу луѓето, да се врати довербата, не само внатре во регионот, туку и во институциите и во ЕУ. Сакам да ги видам пријателите од Западен Балкан како дел од дискусијата за иднината на Европа. Ние се обидуваме да го постигнеме тоа во Брисел, во Европскиот парламент. Дебата со граѓанското општество, со граѓаните е во тек и срамно е да се види дека Западен Балкан не е вклучен. Тоа е можност навистина да покажеме дека сите сме дел од овој континент и треба да дискутираме заедно за нашата иднина“,
вели Фајон.
