Тоа е последицата од која стравуваат домашните производители, но и Владата, имајќи ги предвид новите правила за увоз на челик во Европската Унија од „трети земји“, кои Брисел планира да стапат на сила од средината на следната година
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за „360 степени“ вели дека државата активно ги убедува партнерите од Унијата да направат исклучок. Темата била предмет на дискусија и при посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, на Скопје
На почетокот на октомври Европската Унија најави дека подготвува предлог со кој ќе го заштити домашното производство на челик.
„За само една деценија, билансот во трговија со челик на ЕУ се влоши драматично, од 11 милиони тони суфицит, на 10 милиони тони дефицит“,
рече Марош Шефчович, еврокомесар за трговија и економска безбедност.
Главните мерки се преполовување на квотите за увоз на челик без царина од државите со кои ЕУ има договори за слободна трговија и воедно двојно зголемување на царината, од 25% на 50%, за челикот увезен надвор од квотите. Дополнително, ЕУ ќе бара и доказ за потеклото на произведениот челик.
Последната мерка е главно насочена кон челикот со потекло од Кина. Намалените квоти и зголемени даноци, пак, се насочени пред се кон големите извозници на челик кои влегуваа во квотите на ЕУ, како Јужна Кореја и Турција. Но, најавите за нови мерки ја опфаќаат и Македонија.
Што презема власта за изземање на земјава од оваа одлука?
„Се работи за прашање за коешто сметаме дека во некој разумен рок ќе добиеме и соодветен одговор и соодветна квота за нашата држава, за да истите правила не важат за нас, односно да важат правилата коишто важеле досега“
вели Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија.
Ќе преживее ли домашната челична индустрија ако Брисел го одбие барањето за олеснителни квоти или изземање од одлуката?

На секое парче метал има посебна назнака колку треба да биде обработено и во која форма и дебелина треба да излезе од фабрика. Тоа е дел од производствениот процес во погонот наречен „Валавница“. Во специјална печка на околу илјада степени т.н. слабови се загреваат, а потоа преку посебен процес на ладење челикот се обликува според потребите на компаниите нарачатели.
Овие машини се сместени во комплексот на фабриката „Макстил“ во Скопје. Од се што се произведува тука, само околу 4 отсто е нарачка за домашните компании. Се друго е за извоз, во најголем дел за потребите на фирми во земјите од Европската Унија.

Генералната директорка на „Макстил“, Марија Дуковска-Павловска, вели дека најавените мерки од ЕУ ќе имаат големо влијание врз производството и нивната компанија.
„Отприлика 70% од нашето производство се извезува во Европска Унија. Најмногу значи во Германија, Италија, Романија, Бугарија. Тоа значи 220 илјади тони годишно се извезуваат во Европската Унија. Доколку се воведат така како што првично се најавија квотите, во тој случај тоа ќе значи драстично намалување на нашето производство и во прашање ќе биде и опстанок, понатамошниот опстанок, доколку се имплементираат квотите и царините така како што беа првично најавени“,
вели Марија Дуковска-Павловска, извршен член на ОД, генерален директор на „Макстил“.

Новиот предлог на Брисел предвидува една генерална квота за сите т.н. трети земји. Тоа значи дека производителите во земјава ќе треба да се тркаат за исто парче од колачот со далеку поголеми производители од Турција и Јужна Кореја.
Дополнителна отежнителна околност е што споменатите големи извозници во ЕУ произведуваат т.н. комерцијални стандардни производи со кои за само неколку дена можат да ја пополнат квотата. „Макстил“, на пример, е повеќе фокусиран кон специфични производи, за кои е потребно повеќе време од моментот на нарачка до испорака.
„Еден сме од најголемите производители на топловалани лимови за бродоградба. Значи најголеми наши купувачи се големите бродоградилишта во Европа. Што би одговарало за нас? Да се врши изземање би било најдобро, нели, меѓутоа и сегашните квоти би функционирале. Ако, доколку се намалат, ќе ги завземат квотите, ќе ги искористат големите производители коишто се надвор од Европа всушност, и ќе остане многу малку за нас. Затоа го споменав она, дека произведуваме исклучиво за крајни корисници, затоа што не произведуваме голема количина па потоа да ја продадеме на почеток на кварталот. Затоа, или останувањето на сегашните квоти или изземање на комплетно на државите, државата, можеби и државите коишто се географски во Европа. Да речеме земјите од Западен Балкан да апсолутно, да“,
посочува Дуковска-Павловска.
За колку важна гранка станува збор, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Во 2019 година, земјава извезувала железо и челик во вредност од околу 500 милиони евра. Таа бројка пораснала до околу 670 милиони во 2021 и 22, за лани да падне на 385 милиони евра.

Но и ланскиот рекордно низок пласман во последниве години, претставува 5% од вкупната вредност на извозот од земјава.
Во количини, пак, во 2019 година земјава извезла 650 илјади тони железо и челик. Таа бројка растела до 700 илјади тони во 2021, за оттогаш да падне до ланските 520 илјади тони.

Доколку ЕУ остане на сегашниот план за нови правила, драматично ќе паднат и овие бројки. Тоа ќе влијае директно на извозот и на Бруто домашниот производ, а индиректно и врз други гранки, па и генерално врз целата економија на државата.
Се обративме за став во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија – дали и што се презема за евентуално Македонија да биде изземена од одлуката на ЕУ или да добие повластен третман.
Министерот Тимчо Муцунски, во изјава за „360 степени“ по минатонеделните средбите во Брисел, вели дека прашањето е високо на агендата.
„Факт е дека сме земја со потпишан договор за стабилизација и асоцијација и ратификуван договор за стабилизација и асоцијација. Земја со статус кандидат, земја со целосно усогласена надворешна и безбедносна политика. И, од таа гледна точка, сметаме дека заслужуваме да добиеме некој исклучок од овие правила. А, доколку остане во сила ваквата одлука, несомнено е дека ќе има негативно влијание врз домашната економија, но затоа максимално ангажирано работиме за да не дојде до тоа“,
вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

На прашањето какви се изгледите ЕУ да направи отстапки за земјава, Муцунски вели рано е да се каже. Но, според него, Владата прави силен притисок во Брисел и прашањето е издигнато на највисоко политичко и административно ниво.
„Значи темата ја имаме актуелизирано до овој момент јас со еврокомесарката Кос. Претседателот на Владата во неговиот разговор со претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен. На мојата средба со Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската унија, Каја Калас, повторно дискутиравме за ова прашање. Се работи за прашање за коешто сметаме дека во некој разумен рок ќе добиеме и соодветен одговор и соодветна квота за нашата држава, за да истите правила не важат за нас, односно да важат правилата коишто важеле за сега. Тоа е значајно прво од принципиелна гледна точка – сме земја кандидат, но и земја со целосно усогласена надворешна и безбедносна политика со таа на Европската унија и го сметаме за несоодветно да бидеме ставено во група на земји коишто се далеку од тој стратешки пристап кон Европската унија. Но, пред сè, исто така, бидејќи ваквите нови правила во суштина го нарушуваат и Договорот за стабилизација и асоцијација помеѓу нашата држава и помеѓу Европската унија, па некои дури велат дека одат и надвор од рамките на праксите на Светската трговска организација“,
додава Муцунски.
„360 степени“ се обрати и до Делегацијата на Европската унија во Скопје. Првото прашање беше – дали мерките ќе важат подеднакво за сите држави што не се членки на ЕУ, вклучително и за земјите кандидатки?
Оттаму ни одговорија:
„Мерките на ЕУ во рамките на заштитните мерки за челик се однесуваат на нашите партнери извозници на челик со договор за слободна трговија, со исклучок на тие од Европската економска област“,
велат од Делегацијата на ЕУ.

Запади појаснување – Македонија има договор за слободна трговија, но не е дел од Европската економска област.
На нашето последователно прашање, дали земјите од Западен Балкан ќе имаат ист третман, како на пример Јужна Кореја, од Делегацијата дополнуваат:
„Комисијата ќе разговара за последиците од нејзиниот предлог со трговските партнери. Предлогот предвидува дека договорите за слободна трговија ќе бидат фактор кој ќе биде земен предвид кога ќе се доделуваат квоти. Сепак, предлогот не предвидува дискриминација меѓу партнерите со договори за слободна трговија“,
посочуваат од канцеларијата на ЕУ во Скопје.
На нашето последно прашање, дали ЕУ остава простор за можни олеснувања кон земјите со географска блискост или водат пристапни преговори, ни одговорија:
„Комисијата ќе претпочита колективно решение за глобалниот прекумерен капацитет . Унијата и државите истомисленички треба заедно да работат кон оградување на нивните економии од глобалниот прекумерен капацитет, а воедно обезбедување безбедни синџири на снабдување и зголемување на пристапот до пазарот меѓу нив“,
додаваат од ЕУ.
Новите правила на ЕУ за увоз на челик треба да стапат на сила на средината на 2026 година. До тогаш, барем во теорија, има шанси нешто да се смени во првичниот план на Брисел за заштита на тамошното производство на челик.
