Она што е особено важен аспект на дигитализацијата, според вицепремиерот Никола Димитров, е што таа води кон градење на поотпорно општество и нуди можности за справување со корупцијата. Тоа, според него, ќе ги унапреди и транспарентноста и довербата на граѓаните во институциите

Во земјава започнува проектот за поддршка и развој на дигитализацијата и е-владеење, кој ќе го координира Секретаријатот за европски прашање (СЕП), а е финансиран од САД (250 000 долари) и Естонија (100 000 долари). Естонскиот центар за меѓународен развој, пак, ќе ни даде експертската поддршка за што претставничка на оваа институција Кадри Масик и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска потпишаа Меморандум за соработка.

„Со овој проект се воспоставува трилатерална соработка и верувам дека ова партнерство има потенцијал за остварување на важни резултати, не само во рамки на проектот, туку и пошироко, како модел за соработка и во други области преку зајакнување на врската помеѓу Естонија како земја членка, и Северна Македонија како кандидат за членство во ЕУ, врска која всушност ќе добие една нова димензија преку партнерство и менторство, а под покровителство на САД како заеднички пријател и важен стратешки партнер. Токму ова партнерство и менторство е суштината на овој проект – естонското искуство во оваа област е извонредно и пред нас е можност да учиме од земја која во светски рамки важи за предводник на процесите на дигитализацијата“,
рече Димитров.
Она што е особено важен аспект на дигитализацијата, според вицепремиерот, е што таа води кон градење на поотпорно општество и нуди можности за справување со корупцијата. Тоа, според него, ќе ги унапреди и транспарентноста и довербата на граѓаните во институциите.
Тим експерти од Естонскиот центар за меѓународен развој минатата недела веќе ги почнаа средбите со клучните институции, како и со претставниците на граѓанскиот и бизнис секторот и имале можност одблиску да се запознаат со состојбите, тековните активности, како и предизвиците.
„Оваа посета ни е основата за дефинирање на специфичните аспекти од процесот, кои ќе бидат адресирани преку проектните активности во следните 18 месеци, колку што е предвидена фазата на имплементација. Менторскиот пристап ќе биде насочен кон подобрување на правната и институционалната рамка за дигитализација и е-управување, обуки за вработените во надлежните институции со посебен фокус на управување со промени, како и поддршка во развивање на дигитални решенија“,
објасни Димитров.
Амбасадорката на Естонија во земјава Кристи Карелсон, пак, рече дека Естонија е лидер во дигитализацијата и е-управувањето кое го гледа како клучна алатка за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на јавниот сектор и довербата на граѓаните.
Одговарајќи на новинарски прашања, амбасадорката рече дека Северна Македонија ја има политичката поддршка од Естонија за евроинтеграциите, а нејзината земја може да помогне не само во дигитализацијата туку и во споделувањето на поширокото искуство во реформскиот процес. Двете земји, рече таа, минаа низ транзиција од комунистички режим кон слободна демократија и со стекнатото искуство Естонија може да помогне.

„Може да потврдам дека навистина минавме низ болни реформи дури, но како да го уверите својот народ дека понекогаш треба да се преземат овие поболни чекори, дека сè нема да тече мазно, и мислам дека сето тоа е многу скапоцено искуство што можеме да го споделиме со Северна Македонија“,
рече Карелсон.
Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз, пак, рече дека САД очекуваат позитивни ефекти од проектот.

„Оваа соработка е пример за продуктивните односи што се развиваат кога партнерите кои се на иста линија ги прифаќаат истите основни вредности и работат кон постигнување заедничка цел. Денес зборуваме првенствено за е-управување и дигитализација, но ова партнерство што го преземаме, се надевам, ќе генерира позитивни ефекти во широк спектар на области“,
нагласи Брнз.