Одговарајќи на прашањето дали Ескобар разговарал со бугарските претставници и што им порачал, Османи рече дека не може да говори во име на американскиот претставник, но ја посочи неговата изјава дадена и на прес-конференцијата – дека САД се активно ангажирани за побрзо да се случи евроинтеграцијата на РСМ, дека нивни стратегиски интерес е целиот регион да биде дел од ЕУ и тоа го посочил и во разговорите
САД изразуваат силна поддршка за брза европска интеграција на Северна Македонија и работиме со нашите европски партнери да обезбедиме тоа да се случи што е можно поскоро, изјави денеска американскиот заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Габриел Ескобар, кој е во официјалната посета на земјава на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи.

„Сите се согласуваме дека Северна Македонија и културолошки и историски и сè повеќе економски е дел од Европа и треба да имате столче на масата до земјите членки на ЕУ. Во тој поглед ќе продолжиме да ги поддржуваме вашите напори да се покаже флексибилност во процесот на европски интеграции, како и продолжување на реформскиот процес за тоа да стане реалност“,
рече Ескобар.
Тој изрази благодарност за партнерството на САД со Северна Македонија, посочувајќи дека тоа не е само партнерство туку и пријателство и сојузништво.
„Ние делиме заеднички интереси, но пред сè вредности што се во основа на нашето партнерство“,
рече Ескобар и изрази благодарност во име на неговата влада за континуираната поддршка во рамки на НАТО.

Османи истакна дека САД остануваат наш стратегиски партнер и кредибилен сојузник и се заблагодари за јасната и гласна поддршка од САД, додавајќи дека нашите стратегиски интереси се целосно комплементарни со интересите на САД.
Тој се наврати на поддршката на САД од независноста до денес и истакна дека сите договори што се постигнати – од Охридскиот, Преспанскиот и оној со Бугарија – се со поддршка со нашите сојузници, а на прво место САД.
„САД биле со нас и нè поддржувале и во добро и во лошо. Во моменти на големи искушенија и кризи ни помогнале да останеме на вистинскиот пат посветени на нашите заеднички евроатлантски вредности. Тоа не беше секогаш лесно, ама секогаш беше неопходно да се продолжи напред и покрај различните предизвици и проблеми. Охридскиот рамковен договор и договорите со Бугарија и Грција се наш успех и заедничка вредност за сите. Ги постигнавме затоа што секогаш ја имавме поддршката од нашите партнери на прво место САД. Заедно успеавме да ја трансформираме нашата држава, да ја зајакнеме демократијата, да ги подобриме односите со соседите и да ја зголемиме регионалната соработка. Продолжуваме заедно и во иднина со посветена работа да ги реализираме нашите заеднички и стратешки цели и интереси“,
истакна Османи.
Одговарајќи на прашањето дали Ескобар разговарал со бугарските претставници и што им порачал, Османи рече дека не може да говори во име на американскиот претставник, но ја посочи неговата изјава дадена и на прес-конференцијата.
„САД се активно ангажирани за побрзо да се случи евроинтеграцијата на РСМ, дека нивни стратешки интерес е целиот регион да биде дел од ЕУ и тоа го посочи и во разговорите“,
рече Османи.