Ова е 3Д-принтер кој најде примена во производството на заштитна опрема за докторите и сестрите кои се во првата линија на битката против коронавирусот. Тој не печати на хартија, туку произведува тродимензионални предмети кои претходно се дизајнирани на компјутер. Како материјал користи пластична жица, ја загрева и слој по слој го создава предметот. Овој принтер во моментов прави четири рамки одеднаш за т.н. визир-маски кои ги штитат лицата на медицинскиот персонал.

Кога рамката е готова личи на венче. На неа потоа се прицврстува проѕирната фолија, се става на главата и лицето е заштитено.

Идејата за вакво производство сега е поддржана речиси 20 илјади членови на фејсбук-групата „3Д принт Медицинска Опрема“, формирана спонтано, од луѓе од различни профили кои можат да помогнат во процесот.

Иницијативата потекнала од Александар Каревски, доктор во болницата „8 Септември“ во Скопје, со само еден пост на „Фејсбук“, за сега да ја поддржат многумина сопственици на 3Д-принтери во земјава. Со здружени сили веќе стигнуваат до производство од околу 500 визир-маски дневно.

„Нè има лекари кои се грижиме за визирите да бидат по некои спецификации, да бидат удобни за носење. Има 3Д дизајнери коишто помогнаа да се направи моделот за да биде лесен за склопување и да можат да се користат различни материјали. Имаме дури и професори од Природноматематичкиот факултет коишто ни помагаат во целата работа. Имаме, исто така, и компании коишто се занимаваат со 3Д печатење кои го прекинаа своето производство за да ни помогнат нам и секако многу граѓани коишто ни помагаат со дистрибуцијата, склопувањето и сите останати логистички работи“,
вели д-р Александар Каревски.
Поради коронавирусот многу земји го забранија извозот на ваква заштитна опрема. Но, и пред да се случи тоа, кај нас ретко се наоѓаа, а се многу потребни во актуелната криза.
„Овие визири перфектно го штитат лицето на медицинскиот работник. Второ, ја заштитуваат и маската којашто ја носи, значи истата има поголема трајност затоа што хируршките маски имаат ограничена трајност кога се носат. Оваа маска заштитува од флагелови капки коишто кога некој искашлува или кувнува се исфрлаат во воздухот, за да не стигнат до лицето и до маската којашто ја носи здравствениот работник и воопшто после тоа да не ги пренесе на своето лице, случајно, со допир, којшто допир ние и не можеме да го контролираме зашто неколку илјадници пати во текот на денот ние по навика, без да приметиме, си го допираме лицето“,
вели д-р Александар Каревски.
Маските се од таков материјал што пред и по употреба можат да се дезинфицираат со соодветни средства за повторно да се користат.
„Овие маски се првично наменети за медицинските лица коишто имаат директен контакт со пациентите, првичниот контакт кога сè уште не знаете дали е пациентот заразен, ризичен или не, особено за медицинските лица кои работат со пациенти кои се потврдено заразени со вирусот. Но нашата идеа и желба е сите медицински лица за време на пандемијава да имаат по една заштитна маска. Ние добиваме барања од граѓани и од други комерцијални субјекти кои сакаат да ги добијат овие маски, но би сакал уште еднаш да им нагласам дека овие маски ниту ќе се продаваат, ниту се продаваат и ќе одат само како донација на медицинските установи“,
вели д-р Александар Каревски.
Веќе подготвените визири со однапред утврдена дестинација волонтерите ги товарат во возила и ги транспортираат.
Кон иницијативата се приклучил и Ристе Попески-Димовски, професор од Институтот за физика на ПМФ. Дел од својот дом во Скопје претворил во мала фабрика за 3Д-печатење визир-маски.

„Јас мислам дека произведувам преку 50 парчиња дневно. Од 50 до 100, толку е бројката бидејќи се произведуваат по три на принтер. Времето на принтање на три вакви е околу три часа. Не оди тоа побавно. Побрзо од ова веќе се намалува квалитетот на принтот така да тука некаде сме на границата на квалитет и брзина и даваме се од себе“,
вели д-р Ристе Попески-Димовски – доцент на Институт за физика на ПМФ.
Професорот е воодушевен од хуманоста на луѓето кои се пријавиле да помогнат и од донациите што ги добиваат.
„Дали донирале нешто, дали едноставно се јавиле – кажете каде да возиме, таму ќе возиме. Ова е една прекрасна ситуација каде многу луѓе наеднаш дојдоа и рекоа – сакаме да помогнеме, нешто што јас ретко го забележувам кај нас. Доброволно даваат се од себе и мислам дека ќе направиме една многу убава работа за помош на нашите доктори“,
вели д-р Ристе Попески-Димовски – доцент на Институт за физика на ПМФ.

Во домашни услови држачи за визир-маските произведува и наставникот по информатика од Куманово Бобан Поповски. На почетокот биле двајца, а сега се десеттина кумановци што ги печатат.

„Да ни правеше некој интервју и да не избираше и да склопуваше ваков тим немаше да направи ваков идеален тим. Сите имаме една цел, а тоа е да му помогнеме на медицинскиот персонал бидејќи ако е заштитен медицинскиот персонал ние ќе бидеме сигурни и безбедни кога ќе отитеме на лекар“,
вели Бобан Поповски – Информатичар.
Поповски вели дека имаат одлична соработка со колегите од другите градови. Поддржувачите постојано ги снабдуваат со материјал за печатење.
„Нам ни е јасно дека Владата не може да направи некој тендер и да купи, не знам, 100 илјади наеднаш. Како што се маските недостаток, така се и визирите недостаток. Ние со наши сили што можеме да помогнеме, а целта е секој здравствен работник во Куманово вклучувајќи го и приватниот сектор да има визир. Тоа е целта и додека не ја исполниме не застануваме“,
вели Поповски.
Визирите произведени од групата „3Д принт Медицинска Опрема“ се веќе на главите на стотици медицински лица во болниците во земјава. Зашто нивното здравје е предуслов за нашето здравје.