Експлозијата се случила во пумпно-турбинската централа која била на околу два километри од браната и оти поради тоа, во моментов нема оштетувања на нејзината конструкција

Најмалку четворица загинале, а десетмина се повредени во експлозија во една од двете хидроцентрали кои го регулираат вештачкиот басен на езерото Сувијана во Северна Италија, пренесува националната телевизија РАИ.
Експлозијата се случила денеска околу 15 часот, под вода во централата на езерото Сувијана, 70 километри од градот Болоња. Погодената област се наоѓа на 30 метри под нивото на водата, објави Би-би-си.
Италијанските медиуми пренесуваат дека според првичните информации четворица од десетте повредени работници се со тешки изгореници, а неколкумина се водат за исчезнати.
Според пишувањата на италијанските медиуми, експлозијата се случила во пумпно-турбинската централа која била на околу два километри од браната и оти поради тоа, во моментов нема оштетувања на нејзината конструкција.
❌#Bologna, #esplosione nel primo pomeriggio di #oggi in una centrale idroelettrica semi-sommersa a Bargi, nei pressi del lago di Suviana: soccorsi 3 operai feriti, #vigilidelfuoco impegnati nelle operazioni di ricerca di possibili dispersi. Intervento in corso [#9aprile 16:30] pic.twitter.com/EsT20o16lM
— Vigili del Fuoco (@vigilidelfuoco) April 9, 2024
На местото на несреќата се испратени три амбулантни хеликоптери и повеќе амбулантни возила, а покрај противпожарната единица и карабинерите од станицата Камуњано, ангажирани се и сите расположливи сили за справување со кризи.
„Спасувачките операции се крајно комплицирани поради околностите на теренот, а податоците за повредените би можеле да бидат различни бидејќи евакуацијата од централата сè уште е во тек“,
пренесуваат италијанските медиуми.
Портпаролот на компанијата „Енел грин пауер“, во чија сопственост е електраната, соопшти дека имало пожар на трансформаторот и посочи дека ги преземале сите безбедносни мерки за евакуација и заштита на персоналот.
Засега е невозможно да се претпостават причините за несреќата, за што суштинско ќе биде сведочењето на оние што се нашле на самото место.
