Серија експлозии се случија во текот на ноќта во фабриката „Слобода“ во Чачак. Работниците во ноќна смена, како и граѓаните што живеат во близина на фабриката, се евакуирале и според првичните информации никој не е повреден.
Градоначалникот на Чачак, Милан Тодоровиќ, за РТС вели дека околу 60 работници работеле во третата смена и дека сите биле веднаш евакуирани.
„Првите детонации се слушнаа околу 1:30 часот, тие се случија во складиштето за муниција. Добро е што експлозијата и пожарот не се случија во производствените сали”,
рече Тодоровиќ.
Најдраматично било во населбата Језина каде што сѐ уште се слушаат повремени детонации и се чувствува непријатна миризба на чад. Поголем дел од жителите сведочат дека ноќта ја поминале во подрумите откако ги слушнале силните експлозии.
„Нѐ разбудија силни пукотници околу 2 часот, станавме, се спакувавме со сопругата и избегавме. Сега доаѓаме да земеме неколку работи од дома“,
сведочи граѓанин.
Причините за експлозијата сѐ уште не се познати, а министерот за внатрешни работи Александар Вулин во утринското гостување на РТС вели дека ситуацијата се смирува, пожарникарите се на терен и нема потреба од евакуација на целото население на Чачак.