Жителите на Кочани се уште тешко се враќаат на секојдневните обврски, атмосферата низ градот е мачна. Не бледнеат сеќавањата за кобниот 16 март кога од пожарот во т.н. клуб „Пулс“ загинаа 62 лица
Ограден паркинг и забранет пристап до објектот – еден месец по кобниот 16 март, пред т.н. клуб „Пулс“ се уште стои полициска лента. А тука е и постојаниот полициски надзор. Од уличката која води кон задната страна на објектот, се стигнува на само неколку чекори до местото каде се случи најголемата трагедија во земјава.
Локалот е сместен во индустриска зона, па во околината има повеќе автомеханички салони, хотел и неколку куќи. Жителите од соседството не се расположени за разговор.
Опожарениот клуб „Пулс“, Кочани
Во центарот, пак… тажно, мрачно, траорно – ова се зборовите кои кочанчани најчесто ги користат за одговор на прашањето – како е во градот еден месец по трагедијата. Многумина одбиваат да зборуваат, а тие што имаат сила, едвај успеваат да ги задржат солзите. Нема човек што не изгубил некој близок или, пак, не познава некој што останал без роднина или пријател.
Кочани, еден месец по пожарот во „Пулс“
„Дури влегуваш во возило, радиото го гасиш. Многу тешко, градот ни е најниско ниво што може да биде. Она што мора да се мрда, да се оди, тоа е друга работа“,
„Тешко оди, треба време да помине, уште е многу тазе. И не можам да зборам повеќе, затоа не сакам. Треба време да мине малку. Сите ни беа блиски, имаше живот, имаше веселба, убавина. Тешко за младите бе мајче, нигде нема сигурност. Не сме расположени воопшто“
„Се едно исто. Тешко, болно и да не се повтори веќе“,
„Нема атмосфера, јас обично квечерина излегувам да шетам, поминувам од тука, па дали од сите кафулиња и пицерии, дали има 20 луѓе во сите. Значи, тука се 15 кафулиња и пицерии, 20 луѓе во сите. Повеќе има персонал отколку гости. И нема амбинет, нема расположение“,
велат дел од жителите на Кочани.
На малиот плоштад каде што се наоѓа демолираното кафуле чиј сопственик е истиот што го држел т.н. кабаре „Пулс“, постојано има полициско присуство. Објектот е ограден, но може да се види дека се оставени искршените прозорци, маси и столици, по протестот што се одржа еден ден по трагичниот настан.
Објектот не е негова сопственост, изнајмен е. Е сега го заградија, инаку беше грозна слика тука искршено. Сега го заградија веројатно како некој доказен материјал дали ќе служи, не знам, меѓутоа и ова мене не ме потсетува на нешто разрушено, ме потсетува пак на трагедијата.
вели жител на Кочани.
Атмосферата која владее во градот, се чувствува во секое сокаче. А се преслика и на овонеделната седница на Советот на Општина Кочани, која почна со едноминутно молчење за настраданите. Беше прва по пожарот.
Седница на Советот на Општина Кочани
Со една точка на дневен ред, се избираше вршител на должноста – градоначалник. Последниот избран, Љупчо Папазов, поднесе оставка под притисок на јавноста, а потоа заврши и во притвор како осомничен во истрагата.
Неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ имаа свој предлог – советникот Гоце Марков. Со остри политички тонови го нападнаа противкандидатот Венко Крстевки, кој прв ја најави кандидатурата за градоначалник како независен советник.
„Вие почнавте веднаш со политика, каква политика бе, завршена е политиката во овој град, сите сме завршени, нели го разбирате тоа. Значи готово е, градот ни е мртов, сите сме мртви“,
кажа Ивица Лазаров, координатор на советничка група на СДСМ, Совет на Општина Кочани.
Ивица Лазаров, член на Советот на Општина Кочани од СДСМ
Изборот на градоначалник го засени обраќањето на советничката од ВМРО-ДПМНЕ Кристина Атанасова Арсова. Со емотивен говор, таа од говорницата поднесе оставка.
„Во следниот период ќе се посветам на син ми којшто се уште е во болница од несреќата и на сите оние деца коишто треба да се вратат за нивната рехабилитација затоа што навистина тоа им е потребно и никогаш нема да заборавам дека сите идеали на овој свет, не се вредни колку што е солзата на едно дете“,
рече Кристина Атанасова Арсова, членка на Советот на Општина Кочани од ВМРО-ДПМНЕ.
Кристина Атанасова Арсова, членка на Советот на Општина Кочани од ВМРО-ДПМНЕ
По паузата, со девет гласа „за“, Венко Крстевки беше избран за в.д. градоначалник на Кочани.
„Сметам дека е крајно време да кренеме во процес на департизација на институциите, да им дадеме шанса на младите и квалитетни луѓе кои имаат енергија, желба и идеи за промени и истите да можат да ги реализираат. Мојот кабинет ќе биде отворен за секој креативен млад ум, вклучувајќи ги сите останати сограѓани и постарите. Мора да направиме нов процес во Кочани кој се надевам ќе се рефлектира на територија на целата држава и да направиме многу позитивни промени. Да биде борбата во идеи, проекти, а не да биде борбата на лична база со навреди, клевети и непотизам“,
посочи новоизбраниот в.д. градоначалник на Општина Кочани, Венко Крстевски.
Венко Крстевски, в.д. градоначалник на Кочани
И покрај се, во Кочани сепак има место каде барем на моменти може да се почувствува малку позитивна енергија и волја за промена. Катче каде група млади се организираат за помош на повредените и семејствата на жртвите од пожарот во „Пулс“. За кочанчани и јавноста веќе добро позната – иницијативата „Супорт Кочани“.
‘Супорт Кочани’ настана од буквално краток ‘брејнсторм’, 15 минути дискусија на кој начин можеме да придонесеме, да помогнеме на родителите кои им требаат средства. И одлучивме да ги излистаме сметките за да нема некој на средина, да не чекаме на бирократски процедури. Дојдовме тука во канцеларија и буквално пуштивме прва верзија со неколку души излистани за кои што можевме да премереме информации“,
вели Дарко Стоилов, претседател на здружението „Супорт Ко“ – Кочани.
На овој начин успеале да соберат околу половина милион евра.
Дарко Стоилов, претседател на здружението „СупортКо Кочани“
Во иницијативата се вклучени 30-тина волонтери, а меѓу нив има и млади луѓе кои биле присутни во клубот на трагичниот 16 март. Еден од нив е и 18-годишниот Љубомир.
„Во ‘Супорт Кочани’ сум од самиот почеток. Денот после погребот одма се приклучив. Конкретно еден другар ме повика случајно, немаше што да правам, бев на некој начин во безумение, не знаев каде терам. И ме повикаа тука, кажаа дека имаат потреба од помош.Првата задача ми беше во кол-центарот, таму имаше најголема потреба. Со мене работеа уште четири или пет лица и имавме за задача да ги прибереме на некој начин сите информации потребни за повредените. Имавме на некој начин интеракција со лица кои беа во тој момент во болница, беа однесени, самата ситуација не се знаеше како ќе се одвива. Родителите беа избезумени, им требаше стварно поддршка. Покрај тоа што ги собиравме донациите, пружавме на некој начин и морална поддршка“,
раскажува Љубомир Игнатов, волонтер на иницијативата „Супорт Кочани“.
Љубомир Игнатов, сведок на пожарот и волонтер на „Супорт Кочани“
Игнатов вели дека нема да ја заборави кобната вечер. Во клубот пристигнал само пет минути пред да почне пожарот.
„Поседовме малку во диското и кога почна да гори во целата ситуација не ја сфативме сериозноста и почнавме да излегуваме кон излезот. Тука обезбедувањето ни направи на некој начин координација како да излеземе. Се поставија во улога на родители. Не координираа сите и не влечеа. Ние се заглавивме на стампедото, јас бев скроз доле на дното и врз мене имаше толпа луѓе, не ни имам претстава колку беа врз мене. Еден период се откажав тотално, викам подобро е на овој начин да завршам отколку да горам. Бев во бесознание неколку минути и потоа ме извлече некој, благодарен сум му бескрајно, не знам кој е тоа, сакам да знам кој е. Едно другарче ми помогна да се вратам од целата ситуација и после почнав да помагам на кој можам и колку можам“,
додава Игнатов.
Младиот Игнатов вели дека во оваа иницијатива препознал не само финансисика, туку и морална поддршка. А иницијативата веќе прерасна во здружение под називот „Супорт Ко“- Кочани. Волонтерите велат дека имаат планови и во иднина да продолжат да помагаат на проекти за доброто на градот.
„Првата цел е креирање заедничка сметка, на таа сметка ќе се собираат сите донации кои ќе бидат еднакво распределни до сите лица кои се објавени на страната. Втората цел се собирање донации за различни институции во Кочани. На пример, имаме листа работи кои се потребни за кочанската болница. И третата цел за мене најголема, е формирањето на младинскиот центар. Тоа ќе биде центар за психолошка поддршка на населението, за дружење и социјализација“,
вели Елена Наунова, волонтерка на иницијативата „Супорт Кочани“.
Елена Наунова, волонтерка на „Супорт Кочани“
Стручна психолошка помош изминатиов период веќе пружија стотина психолози. Во соработка со Црвениот крст, организирани во тимови, помагаа на терен. Со младите во училиштата, но и со наставниот кадар, вели професорката Емилија Бошковска од Комората на психолози.
„Посебен е начинот на пристапување. Не работиме психотерапија, не работиме психолошко советување, особено во првите моменти. Станува збор за техника на дебрифинг, за техника на прва психолошка помош или психосоцијални интервенции кои во втората и третата недела ги користевме.И да, наидовме на позитивно, сите што беа поканети прифатија“,
порачува Бошковска.
Емилија Бошковска, психолог
Бошковска вели дека и покрај тешката состојба која ја затекнале во првите денови, добиле позитивен реакција од населението. Особено од младите луѓе кои биле подготвени да соработуваат – индивидуално и во групи.
„Буквално се најдовме во ситуација каде што во секој од класовите влегувавме затоа што се пријавуваа преку директорите, преку психолозите во училиштата и тие што не ги поминавме индивидуално, беа во групите. Така што, беше интересно да се види дека тие имаат потреба од разговор и тоа што да речеме со возрасните не можеа да го разговараат за како се чувствуваат, го искористија делот што ние бевме таму и тоа беше позитивниот момент што понатака ќе знаат како и со кого да разговараат за чувствата“,
вели Бошковска.
Во пожарот во „Пулс“ загинаа 62 лица. Таа загуба никогаш нема да се надомести. Околу двесте беа повредени. Многумина ќе се лекуваат долго, можеби и цел живот. Дали некогаш ќе заздрават и тие и раните што ги отвори пожарот во меморијата на овој град.