Несреќата се случила меѓу две патнички возила со кочански регистарски таблички
Две лица загинаа во сообраќајна несреќа што попладнево се случи на експресниот пат Штип-Кочани, кај подвозникот во близина на кочанското село Тркање, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Несреќата се случила меѓу две патнички возила со кочански регистарски таблички. Од здобиените повреди и двајцата возачи починале на местото на несреќата.
Според МВР, увидот на несреќата се уште е во тек.
„Околу 14 часот во СВР Штип е пријавено дека на експресниот пат Штип-Кочани, кај селото Тркање се случила сообраќајна несреќа меѓу две патнички возила со кочански регистарски таблички. Од здобиените повреди, двајцата возачи починале на местото на несреќата“,
се вели во соопштението од МВР.
На видеото што на Фејсбук го сподели Радио Кочани се гледа дека на местото на несреќата интервенираат екипи на Територијалната противпожарна единица од Кочани, Итната медицинска помош од Кочани, а увид врши екипи од Полициската станица во Кочани.
Претходно од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) информираа дека во прекин е сообраќајот кај селото Тркање, во близина на бензинската пумпа „Лукоил“.