Од МНР повторно велат дека му укажале на северниот сосед за грешката. Повторно добиле уверување дека бргу ќе биде отстранета и дека е направена без намера. Од МНР додаваат и дека земјава негува одлични односи со Србија
При преговорите за Договорот од Преспа, Грција се согласи да ги признае меѓународните кодови „МК“ и „МКД“ за земјава за севкупна употреба, со исклучок за регистарските таблички на возилата за кои Северна Македонија прифати да се користи „НМ“ или „НМК“
Пред две години објавивме дека на автопатот од Белград кон Скопје, во Србија, на дел од патните табли стои НМК како ознака за земјава.
Веднаш реагираше македонското Министерство за надворешни работи до колегите од север.
„Оттаму добивме уверување дека станува збор за ненамерен пропуст на тамошните служби задолжени за поставување на патна сигнализација и, воедно, уверување дека истата ќе биде коригирана во најскоро време“,
рече Јадранка Чаушевска Димов од МНР.
Две години подоцна отидовме повторно на истиот патен правец за да провериме – дали ненамерниот пропуст е коригиран како што било ветено од српска страна.

Од Белград, возејќи по патниот коридор 10 кој води до граничниот премин Табановце, покрај секое исклучување до поголемо населено место, има сообраќајни знаци за продолжување на патот кон главниот град на соседната земја. А на нив, до името на Скопје, наместо меѓународно признатите ИСО кодови за земјава – „МК“ или „МКД“, и натаму стои „НМК“.

Дел од патниците од земјава кои ги затекнавме во Србија не знаеја како треба да е означена земјава, но тие што знаеја не им беше сеедно.

Кодот не е безначајна работа бидејќи тој беше една од точките за кои се преговараше во процесот кој заврши со Преспанскиот договор. Во членот 1, став 3-д, земјава направи отстапка за ознаката на регистарските таблички на возилата, а Грција се согласи со кодот во сите останати случаи.
„Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО)“,
се наведува во Преспанскиот договор.
И додека прашањето можеби изгледа симболично, во дипломатските односи, токму симболите понекогаш ја градат или нарушуваат довербата помеѓу земјите. Знаејќи дека македонската страна реагирала уште пред две години, повторно упативме прашања до Министерството за надворешни работи – што е со уверувањата од српска страна дека грешката ќе биде коригирана?
„Одговорот од српска страна, во сите прилики, беше дека станува збор за ненамерен пропуст на службите задолжени за поставување на патната сигнализација, со уверување дека пропустот ќе биде коригиран во најскоро време“,
кажаа од Министерството за надворешни работи.

А, во однос на тоа дали повторно ќе побараат корекција на патните знаци од нашиот северен сосед, одговорија:
„Веруваме дека соседна Србија, со која нашата држава негува одлични билатерални односи, ќе постапи по нашето барање, упатено во повеќе наврати од 2023 година наваму. Очекуваме дека надлежните институции на Република Србија ќе ја коригираат вертикалната сигнализација и ознаките на автопатот Е-75, со цел да биде поставен правилниот меѓународен код – „МК“ или „МКД“, во согласност со меѓународните стандарди“,
велат од МНР.
„360 степени“ се обрати и до амбасадата на Република Србија во земјава. Не добивме одговори – ниту зошто не е постапено, ниту дали ќе се постапи.
Во изминативе две години „360 степени“ не беше единствената редакција што известуваше на оваа тема. Во јуни годинава колегите од Канал 5 за знаците со „НМК“ го прашаа вицепремиерот и министер за политички систем Иван Стоилковиќ, инаку лидер на Демократската партија на Србите во Македонија.

Тој изјави дека лично разговарал со директорот на „Патишта Србија“ кој му кажал дека немале намера да предизвикаат некого и ако македонската страна инсистира, знаците ќе бидат променети.
„Нема да ги побарам за да прашам до каде е приказната, јас ти кажувам дека јас ќе го сменам знакот и ќе направам слика само за да ви покажам дека правите проблем од нешто што не е никаков проблем“,
рече вицепремиерот во гостување на Канал 5 ТВ.
Но, три месеци подоцна Стоилковиќ на својот фејсбук-профил објави правилник за сообраќајни знаци, опрема и сигнализација на патот донесен од Министерството за транспорт во 2020 година. Таму, во членот 24, став 388 на фотографијата за пример за национална автоознака на сообраќајните знаци е илустриран код „НМК“.
„Дали некој знае што правела Владата на СДСМ и кои се обврски направила на државата? Дали некој од мене и амбасадорот Тупанчевски направи идиоти? Дали? Иди бегај!“,
напиша Стоилковиќ во објавата.

Имајќи предвид дека Стоилковиќ е дел од иста гарнитура која е на власт речиси година и половина, а се повикува на правилник, иако меѓународно признатиот код е МКД или МК – побаравме став и од Министерството за транспорт.
Дали се согласуваат со ставот на Стоилковиќ? Ако проблемот е во правилникот, зошто не е сменет?
Деновиве добивме уште едно ветување дека прашањето ќе се отвори на највисоко ниво. Дојде лично од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
360°: На сообраќајните знаци кратенката за нашата држава е НМК и мислам дека тоа прашање беше отворено на некакви нивоа на Владите, бидејќи според Преспанскиот договор и ИСО кодовите се МК и МКД.
Сиљановска-Давкова: Да, но веќе идниот ден, наша тогашна министерка си напиша НМК.
360°: НМК е ексклузивно за регистарските таблички на возилата, досега сте го слушнале ова прашање како тема?
Сиљановска-Давкова: Не.
360°: Би го отвориле во контактите со српската страна?
Сиљановска-Давкова: Се разбира.
