Комесарот на полицијата на Нов Јужен Велс рече пукањето на плажата Бонди во Австралија е прогласено за терористички инцидент и оти полицијата истражува дали имало трет сторител вклучен во нападот

Најмалку 12 лица се убиени кога две вооружени лица отвориле оган на плажата Бонди во Австралија, соопштија полициските сили на Нов Јужен Велс додавајќи дека еден од осомничените е исто така убиен.
Според полицијата, во пукањето се повредени уште 29 други лица, а меѓу нив двајца се полицајци.
„Вториот наводен извршител е во критична состојба“,
соопшти полицијата.
Првичните информации беа дека се убиени 10 лица, меѓу кои и напаѓачот, а оти 11 се повредени. Но, комесарот на полицијата на Нов Јужен Велс, Мал Ланион, подоцна соопшти нови бројки.
Ланион, исто така, рече дека полицијата пронашла импровизирана експлозивна направа во автомобил на плажата Бонди, а кој е поврзан со починатиот напаѓач.
„На местото на настанот е испратена единица за спасување и деактивирање бомби“,
рече тој.
Тој пукањето на плажата Бонди во Австралија рече дека е прогласено за терористички инцидент и оти полицијата истражува дали имало трет сторител вклучен во нападот.
Полицијата ја добила првата пријава за пукање во 18:45 часот.
Полицијата во својата прва порака на социјалните мрежи ја повика јавноста да ја избегнува областа, а на секој што се наоѓал таму му било кажано да побара засолниште.
„Две лица се во полициски притвор на плажата Бонди, сепак, полициската операција е во тек и ние продолжуваме да ги повикуваме луѓето да ја избегнуваат областа“,
соопшти полицијата.
Зборувајќи на прес-конференција, премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, потврди дека пукањето на плажата Бонди било насочено кон еврејската заедница во Сиднеј.
„Овој напад бил наменет да ја таргетира еврејската заедница во Сиднеј. На првиот ден од Ханука, она што требаше да биде ноќ на мир и радост прославена во таа заедница со семејствата и поддржувачите беше разбиено од овој ужасен, злобен напад“,
рече Минс.
Bondi beach pic.twitter.com/pQBo5EbCiw
— Australian Jewish Association (@AustralianJA) December 14, 2025
Од видеата што се споделуваат на социјалната мрежа Икс може да се видат луѓе на плажата Бонди како бегаат додека се слушаат повеќе истрели и се вклучуваат полициски сирени.
На друго видео се гледа како двајца мажи се легнати на земја на мал пешачки мост од страна на униформирани полицајци. Може да се видат полицајци како се обидуваат да реанимираат еден од мажите.
Полицијата бара од секој што има снимка од мобилен телефон или автомобилска камера да им ја испрати.
Службата за брза помош на Нов Јужен Велс потврди дека 18 лица се во болница, а болничарите сè уште ги лекуваат другите на местото на настанот. Состојбата на 18 хоспитализирани лица не е објавена.
„Сцените во Бонди се шокантни и вознемирувачки. Полицијата и службите за итни случаи се на терен и работат на спасување животи. Моите мисли се со секое засегнато лице“,
изјави премиерот на Австралија, Ентони Албанезе.
На плажата Бонди за време на пукањето се одржувал настан по повод првиот ден од еврејската прослава на Ханука.
