Цената, досега, е околу 38 милиони евра – пари кои се исплатени на 457 стипендисти во изминативе петнаесетина години за студирање на 100 најдобри универзитети во светот според Шангајската листа. Иако сите стипендисти потпишуваат договор дека по завршувањето ќе се вратат да работат во татковината најмалку два пати подолго време отколку што биле на студии, тоа го испочитувале само 89 лица
Гаранција дека стипендистите ќе се вратат се мениците и договорите во кои секој стипендист се обврзува дека ако не се врати во земјата, ќе ги врати парите што му ги дала државата во неколкукратно повисок износ. Ниту некој вратил пари, ниту пак државата ги активира мениците
Академската 2010/11 беше првата година кога почна проектот за стипендирање студенти од земјава кои ќе успеат да се запишат на еден од стоте најдобри универзитети во светот, според „Шангајска листа“.
Идејата беше државата да им излезе во пресрет на амбициозните и талентираните, без разлика на нивната материјална состојба, а за возврат тие со знаењето да се вратат и да работат неколку години дома.

Колку пари треба да вратат тие што ќе останат во странство или колку време треба да работат во татковината тие што ќе се вратат, се услови кои се менуваа низ годините. Стабилен остана максималниот износ што државата го одвојува годишно, за секој студент. Државни стипендии за најпрестижните универзитети се даваат и ден-денеска. Но, никој јавно не говори колку пари се потрошени и кои се ефектите.

„360 степени“ обезбеди податоци што ја прикажуваат широката слика. Ефектот е, велат бројките, сосема спротивен од тоа што се планираше на почетокот. Овие две згради почнаа да се градат во 2015 година. За околу 20 милиони евра, нов дом требаше да добијат студентите на факултетите за информатички науки и за физичка култура при државниот универзитет „Кирил и Методиј“.

Оваа зграда во центарот на Скопје, пак, чинеше околу 25 милиони евра. Дел од неа требаше и стана дом на неколку државни институции. Но, дел од неа требаше, но не стана, дом на Факултетот за драмски уметности.
Додека државата беше и сè уште е трома во инвестирањето во домашното државно високо образование, програмата со која, меѓу другото, се полнат буџетите на странски универзитети тече без прекин.
Според податоците што „360 степени“ ги обезбеди од Министерството за образование и наука, за проектот стипендирање на студии на 100-те најдобри светски универзитети, само за додипломски студии, Владата во 2011 година исплатила околу 44 000 евра. Исплатите се скромни до 2013-та, а земаат замав во 2014 година кога нагло растат на речиси еден милион евра годишно. Со повремени осцилации низ годините, исплатите го достигнуваат историскиоѕ максимум во 2023-та. Само за таа година, државата исплатила 3,6 милиони евра за додипломци во странство. Или сумирано, само за првиот циклус на студии во странство, Македонија за период од 15 години исплатила околу 26 милиони и двесте илјади евра.

За државно стипендираните постдипломски студии во странство, динамиката на трошење е малку поинаква.
Уште на стартот на проектот, во 2010-та, биле потрошени значителни 340 000 евра за идни магистри и доктори на науки. Годишните трошоци растат нагло во 2013 година, а го достигнуваат врвот во 2015 година, кога биле исплатени речиси 2 милиона евра. Во следните години интересот и државната поддршката за овој тип на студии опаѓа, достигнувајќи го минимумот во 2023 година со исплатени 182 илјади евра. Или преведено, Македонија потрошила 12 милиони евра за магистри и доктори на науки кои студирале во странство со стипендии.

Кога ќе се соберат сумите од сите стипендии, се доаѓа до 38,2 милиони евра инвестиција.
Не велиме случајно инвестиција бидејќи идејата на овој проект беше јасна. Државата, што значи граѓаните на оваа држава, им плаќаат образование од светска класа на мал број одбрани студенти. За возврат, тие и со договор се обврзуваа дека ќе го вратат стекнатото знаење во татковината или дека ќе ги вратат парите – неколкукратно.

И тука доаѓаме до големото ама. Според податоците до кои дојде „360 степени“, работите стојат вака:
Досега се стипендирани 252 студенти за додипломски студии. Според МОН, студиите ги завршиле 134. Од тие што завршиле, 81 останале во странство, а 26 се вратиле. За 27 стипендисти, колку што недостасуваат во збирот на студенти со завршени студии, не добивме објаснување каде се. Како и да е, тоа не го менува фактот дека повратот на мозоци стипендирани за додипломски студии со пари од домашните даночни обврзници е околу 10 отсто.

За магистерски студии, државата, односно граѓаните, им платиле на 198 кандидати. Од нив, 152 стипендисти го известиле министерството дека завршиле втор циклус на студии. Од магистрите, 70 останале во странство, дома се вратиле 62, додека за преостанатите 20 не добивме податок. Тоа значи дека повратот на мозоци стипендирани за магистерски студии со пари од домашните даночни е околу 41 отсто.

За докторски студии, државата, односно граѓаните, платиле за 7 кандидати. Сите завршиле трет циклус. Шест останале во странство и само еден се вратил. Тоа значи дека повратот на мозоци стипендирани за докторски студии е околу 14 отсто.

Или, сублимирано, од 457 стипендисти, во земјава се вратиле 89, што е околу 19,5 отсто. Односно на секои десет стипендисти, се враќаат само двајца.

И во договорите кои ги потпишува секој стипендист и во конкурсот што се објавува пред секоја академска година јасно е напишано дека тие што нема да се вратат да работат дома, треба да ги вратат парите. Во првите години кога почна програмата, секој стипендист се обврзуваше дека ќе врати три пати повеќе пари отколку што му дала државата ако не се врати да работи во татковината два пати повеќе години отколку што му траеле студиите. Таа обврска подоцна порасна на износ десетпати повеќе од државната инвестиција. Во последниот конкурс обврската е намалена – да се врати истата сума која ја вложила државата.

Еден од потребните документи за воопшто да се добие стипендија, и според Законот за студентски стандард и според секој конкурс, е
„Меница во форма на нотарски акт како средство за обезбедување на исплатените средства“,
се вели во Законот.
Таа би требало да гарантира враќање на парите. Затоа и ја побаравме и ја добивме информацијата – колкумина од тие што спротивно на договорот со државата останале во странство на крај вратиле пари и во колкав износ.
„Министерството нема започнато постапка за ниту еден стипендист за активирање на меница врз основа на склучен договор за доделена стипендија за студирање во странство“,
ни одговорија од МОН.
Се обидовме да дознаеме и нешто повеќе за тие што се вратиле во земјата. За нив, во конкурсите е пропишано…
„За секоја година помината на студии во странство ќе работи две години во Република Северна Македонија… Должен е шест месеци да биде на располагање за вработување во органите на државата управа, како и државните високообразовни установи… Доколку во периодот… не му е понудено соодветно вработување… тој може да бара вработување во приватниот сектор во РСМ“,
е објавено во конкурсите.

Кога се јавивме во Агенцијата за вработување да прашаме каде се пријавуваат стипендистите и дали им нуделе работа, ни одговорија дека немаат посебна листа или третман за нив. Такво нешто нема ниту една друга институција, иако државата им плаќала за студии и до 40 000 долари годишно. Дури на последниот конкурс, за академската 2025/26 година Министерството за образование вовело обврска секој што ќе заврши да се пријави во јавен регистар. Во моментов, на него има само едно име – Живе Ристовски. Пишува дека завршил на Универзитетот во Гронинген, на 14 јуни 2024 година.

И, на крај, за да видиме каква добивка имала јавната администрација од целата програма, прашавме – колку од стипендистите завршиле во јавниот сектор. Според одговорите од Министерсвото за образование, од како што кажавме вкупно 457 стипендисти, само 12 се во државните институции. Иако не секоја година, по некое вработување имало во периодот 2012-2020. Оттогаш, државата не вработила ниту еден стипендист кој самата го спонзорирала.
Се обративме и до Ректоратот на УКИМ за да прашаме – дали и колку од државно стипендираните студенти успеале да ги привлечат како кадар на некој од скопските државни факултети. Не добивме одговор. Се чини ќе почекаат домашните факултети на кадарот од најдобрите 100 универзитети. Ќе почекаат и домашните студенти, на услови барем како на просечните универзитети.
