Некои со музика во двор или на тераса. Други тивко, внатре во домот. Тоа се само дел од начините на кои граѓаните го поминаа најдолгиот полициски час на територијата на цела држава.
Но, за да може мнозинството да седи дома, малкумина мораа да работат во случај на итна потреба. Еден од нив беше Драган Стојановски, кој работи за онлајн продавница – од каде може да се купи на интернет, а производот да ви го донесат дома.
„Немаме никаков контакт со луѓето на кои им носиме, тоа ни е начинот на работа, ги оставаме пред куќа стан или што и да е.“
вели Драган Стојановски, вработен во он-лајн маркет „Пакет“
Според Стојановски, што поради итност што поради други причини, нарачки има се повеќе.

„Сега заради ситуацијава зголемен е бројот на нарачки над 130 дневно сигурно минимум, зависно секој ден е различно, но има повеќе нарачки.“
додава Стојановски.
Но, викендов на терен не беа само приватните фирми, како маркетите, рестораните и аптеките. Во Кисела Вода, на пример, општината имаше мобилни тимови кои купуваа за ранливите категории жители во општината. Плаќа нарачателот, а доставата е бесплатна.

Мобилните тимови, сепак, не доставуваа што било, туку основни намирници и лекови. Но, се соочуваа и со невообичаени барања.
„Се работи за стар човек, требало синот да му однесе јадење. Јас да го земам да го однесам саат време да го види, да му однесе јадење и да го вратам. Немам такви ингеренции.“
вели Гоце Димков од мобилниот тим во Општина Кисела Вода
За време на 61-часовниот полициски час секоја општина имаше имаше список на фирми или служби од каде може да се добие храна или лекови. Градот Скопје направи и интерактивна мапа.
За многумина, сепак, со крајот на викендот не завршува и потребата од помош. Блага и Воислав Трајковски од Кавадарци се пензионери кои не можат самите да одат да пазаруваат, да плаќаат сметки или со часови да чекаат пред аптеките за да купат лекови.

„Јас имав сообраќајка. Тој има проблеми со срцето, не смее да се симне.“
вели Блага Трајковска.
Помошта околу набавките и административните обврски за овој брачен пар доаѓа од нивната сограѓанка Блага.
„Ја сакам оваа работа, ме исполнува, среќна сум. Се зближуваме многу со луѓето. Најчесто бараат продукти, лекарства да им земеш, сметки да им платиш.“
вели Блага Михајлова помошник на стари и изнемоштени лица.
Михајлова е ангажирана преку проект за помош на стари и изнемоштени лица кој Министерството за труд и социјала го спроведува во повеќе општини. Кавадарци има ангажирано 14 лица кои им помагаат на 50-ина граѓани.

„На 14-те лица кои беа ангажирани им заврши периодот во февруари, но во консултации со УНДП им се продолжи за уште еден месец, со цел справување со новонастаната ситуација со ковид 19.“
вели Сашо Мошев, координатор на проектот во Општина Кавадарци
Со рецептите в рака, парите и однапред подготвениот список, Блага стигна навреме да испазари пред полицискиот час и да ги достави намирниците во домот на своите сограѓани, кои нестрпливо ја чекаа.
Со 10 мобилни тима и 30-ина волонтери, Црвениот крст на Град Скопје има задача да им помага на најранливите категории граѓани во главниот град. Во општинската организација во Чаир има 6 волонтери кои покриваат населени места во четири општини. За еден месец добиле повеќе од 200 повици.
Едниот волонтер прима повици и ги упатува до екипите кои имаат за задача да набават прехранбени продукти, хигиенски средства исто така и редовната терапија за нашите граѓани кои не можат да стигнат до матичниот лекар, подигање на рецептот, до аптека и достава до нивните домови.
вели Арѓенд Чиљафи, стручен соработник во Црвен крст на Град Скопје

Дневно примаат во просек 5 до 6 повици. Ако не успеат да ги реализираат истиот ден, приоритет имаат следниот.
„Барањата на граѓаните се разновидни почнувајќи од тоа да дојдете да ни смените сијалица дома прегорена, да ми платите сметки за струја, па и тие посебните да дојдете нешто да кренете околу домот. Претежно се стари лица па истите тие работи што им ги правеле пријатели и роднини, па сега поради неможност бараат од нас. За жал, ги одбиваме. Немаме ни време ни можности за да бидат реализирани таквите барања.“
додава Чиљафи.

Еден од повиците беше во пензионерскиот дом во Чаир, каде купија лекови.
„Обично немаме проблем при подигнување на лекови. Одиме со рецептите кои веќе им се подготвени, со книшката, евентуално лична карта на корисникот и ги подигнуваме лековите.“
вели Кренар Хоџа, волонтер
Следната дестинација беше селото Љубанци.
„Од здравствени причини од град избегавме, дојдовме тука. Мажот ми е опериран од срце, а јас со кичмата не можам да одам.“
вели жителка на Љубанци.

За десетина минути овој брачен пар ги доби потребните производи од списокот – полни ќеси зејтин, брашно, млеко, сокови и шеќер – намирници кои ги планираат за цела недела.
„Моментално се наоѓаме во рурална средина, каде и теренот е малку непристапен, ама тука сме и за тие граѓани да им помогнеме. Чувството на волонтерска работа ни дава снага, сила и моќ да помогнеме во овие тешки моменти “
вели Александар Николовски , волонтер
Во време на пандемија, обврската која сите овие лица ја носат со себе е двојна. Од една страна, да им помогнат да немоќните, а од друга страна да не ги изложат и нив и себе на заразата.