Сообраќајот на аеродромот бил прекинат откако црногорската авиокомпанија „Ер Монтенегро“ добила дојава за поставена бомба во нивни авион

Дојава за поставена бомба имало вечерва околу 19:15 часот на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, пренесуваат српските медиуми.
Сообраќајот на аеродромот бил прекинат откако црногорската авиокомпанија „Ер Монтенегро“ добила дојава за поставена бомба во нивни авион.
Според соопштението објавено на веб-страницата на Радио-телевизија Црна Гора, дојавата за бомбата се случила додека авионот бил на земја.
„Авионот се проверува од безбедносните служби на Република Србија, а патниците и екипажот ќе бидат на безбедно додека не се извршат сите потребни контроли“,
се вели во соопштението од компанијата „Ер Монтенегро“.
Според информациите во тек се антитерористички проверки.
Како што може да се види на веб-страницата на аеродромот, последниот авион полетал во 18:45 часот, а летовите кои биле планирани за потоа доцнеле. Поради дојавата за бомба, летовите од Загреб и Базел биле пренасочени.
На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како патниците набрзина излегуваат од авионот додека стјуардесите им велат да го остават багажот во кабината и да излезат надвор.
По излегувањето од авионот, луѓето трчале на аеродромската писта во темница, а видеата од социјалните мрежи покажуваат дека се евакуирани повеќе авиони.
Според неофицијални информации што ги пренесуваат српските медиуми, бомба била пријавена и на некои други летови кои требало да полетаат во текот на вечерта.
Српскиот медиум „Блиц“ пренесува дека авионот на компанијата „Визер“ кој требало да полета за Барселона ги поставил таканаречените тобогани со цел патниците да се евакуираат. Тоа, како што се наведува, ја блокирало пистата и направило голем проблем.
Според информациите се очекуваат големи одложувања, пренасочувања и откажувања на летовите, а постои опасност до полноќ аеродромот да биде затворен.