Од бугарската ВМРО велат дека протестот е поради контрадикторни изјави на премиерот Кирил Петков и додаваат дека партијата размислува и за организирање референдум на оваа тема
Почна состанокот на Консултативниот совет за национална безбедност за позицијата на Бугарија за пристапувањето на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија, кој бугарскиот претседател Румен Радев го свика минатата седмица, во пресрет на посетата на новиот премиер Кирил Пеков на Скопје, најавена за 18 јануари.
Во исто време пред зградата на Претседателството во Софија, каде што се одржува состанокот на Советот за безбедност, се собраа и претставници на бугарската партија ВМРО, кои протестираат против можната промена на бугарскиот став во однос на пристапувањето на земјава кон Европската Унија.
Од партијата на Красимир Каракачанов велат дека протестот е поради контрадикторни изјави на премиерот Кирил Петков и додаваат дека партијата размислува и за организирање референдум на оваа тема.
„Бугарската влада има шанса да го издржи притисокот од РСМ, ако сака, ако не – ќе падне“,
изјави европратеникот од оваа партија, Ангел Џамбазки.
Тој го повика Кирил Петков да не дозволи повлекување доколку има притисок од западните сили
„Ние дури се прашуваме дали позицијата на нашата земја може да се потврди на национален референдум“,
рече тој.
Како што пишуваат бугарските медиуми, на состанокот на бугарскиот државен врв, што го свика Радев, се очекува да се потврди дека Бугарија нема да дозволи Скопје да ги започне преговорите за членство во ЕУ додека не ги исполни барањата на Софија.
Премиерот Петков, од друга страна, во изминатиот период најавуваше можности за брз излез од ќор-сокакот, додека партиите во владејачката коалиција го делат официјалниот став, но меѓу нив има одредени помали разлики. „Продолжуваме со промената“ и „Демократска Бугарија“ се поумерени, а БСП и „Има таков народ“ го задржуваат цврстиот тон кон Скопје.