„Досега имаме поведено десетина прекршочни постапки, меѓутоа нашата улога завршува до поведувањето на прекршочната постапка. Од тој момент натаму, судот е оној кој одлучува дали постои прекршок или не. Во исто време треба да нагласам дека судот одлучува дали ќе го земе нашето мислење за релевантно или нема да го земе“, вели во интервју за „360 степени“ претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Кире Василев, објаснувајќи ја процедурата низ која минуваат претставките што стигнуваат до нив за дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Погледнете го видеото
360° Колку и од кого најчесто до вас стигнуваат претставки за дискриминациски говор во јавниот простор врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет?
Василев „Во текот на 2022 година најголемиот број претставки се однесуваат на дискриминирачки говор посебно во сферата на јавното информирање и медиумите, односно на социјалните мрежи. До овој момент имаме примено над 36 претставки што е околу 40% од целокупниот број претставки поднесени до Комисијата за спречување и заштита од дикриминација. Најголем дел од нив се однесуваат на дискриминирачки говор на Фејсбук. Најчесто претставките се поднесуваат од невладини организации кои ги застапуваат овие групи. Досега Комисијата има постапено по сите претставки кои се поднесени до Комисијата, а има утврдено дискриминација во 12 случаи.“
360° Граѓанскиот сектор Ви забележува дека, барем во минатотото, оваа Комисија немаше висока репутација во однос на постапувањето по предмети и случаи на дискриминација. Дали се обидувате ова да го поправите некако?
Василев: „Да. Една од главните стратешки цели на Комисијата е да ја врати довербата на граѓаните во оваа институција и за разлика од претходните Комисии, нашата постапува според законот, а во законот сексуалната ориентација за првпат е спомената, така што ние само ги остваруваме нашите законски надлежности врз одредена професионална основа и професионална објективност“.
360° Дали Комисијата самата ја гледа дискриминацијата во јавниот простор, дали сами може да реагирате без да добиете претставка од некого?
Василев: „Може самите да реагираме, имаме таква законска надлежност. Сме реагирале во неколку случаи и сме ги разрешиле. Еден најпозитивен пример е случајот со ученичката со Даунов синдром во училиштето во Гостивар. Имаме и уште неколку случаи, сме повеле постапка по службена должност и за дискриминирачки говор. Обично, тие постапки ги поведуваме кога ќе видиме дека, со оглед на тоа дека имаме ограничени ресурси, мораме многу претпазливо да ги бираме случаите по кои поведуваме постапка по службена должност и обично тоа е кога ќе забележиме дека одреден случај во меидумската сфера или во јавноста добива сè поголемо значење и може да се претвори во нешто пострашно. Тогаш, на седница, после дебата, одлучуваме дали ќе поведеме постапка или не.“

360° Каква е потоа судбината на она што вие ќе го утврдите, дали често овие предмети завршуваат на повисоки истанци, на судови?
Василев: „Како што Ви кажав, доколку не бидат спроведени препораките ние имаме право да поведеме прекршочна постапка. Досега имаме поведено десетина прекршочни постапки, меѓутоа нашата улога завршува до поведувањето на прекршочната постапка. Од тој момент натаму, судот е оној кој одлучува дали постои прекршок или не. Во исто време треба да нагласам дека судот одлучува дали ќе го земе нашето мислење за релевантно или нема да го земе. Значи ние имаме праг до поведувањето на прекршочната постапката, а можеме да се јавиме како пријатели на судот во случаи доколку судот сака од нас да образложиме за делото на дискриминација.“
360° Од граѓанскиот сектор исто така забележуват дека голем дел од овие предмети немат конечна, финална разврска. Што мислите околу тоа, како може тоа да се подобри?
Василев: „Дел од нив имат конечна разврска затоа што дискриминаторите ги спроведуват препораките, сме добиле неколку извинувања, сме избришале постови во поглед на дискримирачки говор итн. Дел не се спроведуват, за жал. Како што Ви кажав, поведени се неколку прекршочни постапки, тоа останува на судот, иако имаме ние некој мал проблем со поведувањето на прекршоцните постапки но тоа е друг предизвик со кој треба да се соочиме. Сметам дека треба повеќе да работиме на превентивна улога и да ги информираме и подучиме граѓаните на последиците од таквиот дискриминирачки говор затоа што нашата Комисија не е формирана за да казнува, тука за да ја промени културата на однесување помеѓу граѓаните.“