На една од показните вежби на полициските сили кои симулираа како изгледа напад и одбрана од непријател, една од димните бомби заврши на трибините кадешто седеа дипломатите и новинарите.
Настанот беше во рамките на одбележувањето на денот на полицијата 7 мај, а беше промовиран и спотот што се снимаше пред два дена кај спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
На свечената церемонија присуствуваше раководството на МВР, дел од вработените, семејствата на бранителите, поканетите гости од Дипломатскиот кор и новинарите.
Министерот Наќе Чулев рече дека денешниов празник го одбележуваат во едни сосема поинакви околности, кои што даваат јасен увид за значењето и улогата на полицијата и во кризни состојби, како што е актуелната пандемија од коронавирусот.
„Демонстрираната организираност, исполнителност, законска дисциплинираност, и пожртвуваност на сите припадници на Министерството за внатрешни работи, во исполнувањето на сите зададени обврски и задачи во справувањето со пандемијата и примарно – во зачувувањето на човечките животи како бесценета вредност на секое општество, е јасен показател за потенцијалите и кредибилитетот на македонска полиција“
рече Чулев.