Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, на средба со германскиот министер за Европа Михаел Рот во Берлин порачал дека се потребни одлучни чекори за да се надминат непринципиелните барања, како што се бугарските за јазикот, соопштија од Секретаријатот за европски прашања (СЕП).
Вицепремиерот посочува и дека е крајно време да се почнат преговорите со оглед дека кај македонската страна има загриженост оти секое понатамошно одолговлекување ја поткопува довербата во Европа.
„Се обидов да му ја доловам нашата перспектива, перспективата на македонските граѓани во однос на европската идеја, европската перспектива, дека е навистина крајно време да ги почнеме преговорите, бидејќи по сè што направивме и по очекувањата за германското претседателство и минатиот декември ќе биде многу тешко и за македонските граѓани, но и воопшто за граѓаните на Балканот да веруваат дека Европа е сериозна ако нема конкретни чекори напред, и во нашиот случај, и во случајот на Албанија, и за некои други прашања за другите држави од регионот. Со право се чувствуваме на некој начин повредени, посебно кога така важни идентитетски обележја како што е македонскиот јазик ни се проблематизираат на пат кон една заедница којашто ја прославува различноста – и лингвистичка и културна на европскиот континент“,
изјави Димитров по средбата.
Рот, пак, испрати порака дека го поддржува португалското претседателство во ЕУ за отпочнување на преговорите, но и дека Северна Македонија паралелно треба да работи на реформите.
„Германската влада ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија, на мислење сме дека треба конечно да отпочнат пристапните преговори. Силно го поддржуваме португалското претседателство, како би се овозможил почеток на преговорите во јуни оваа година. Во исто време ја охрабрувам Северна Македонија паралелно да работи на реформскиот процес, пред сè јакнење на правната држава, решителна борба против корупцијата, независно дејствување на судскиот систем, тоа не е важно само за Унијата, многу поважно е за граѓаните на Северна Македонија. Многу ме радува отворениот и пријателскиот пристап при размената на мислења со Димитров и Северна Македонија може и понатаму да се потпре на германската поддршка. Ние ја поддржуваме вашата земја да се најде на тој многу значаен и нужно потребен пат кон ЕУ“,
изјави Рот.
На средбата, како што соопштија од СЕП се разговарало и за плановите за одржување на Самитот во Берлин во рамки на Берлинскиот процес, кој треба да се одржи годинава.