Зголемувањето на револтот што го дефинирате како „говор на омраза“ од наша страна е од обичните луѓе, граѓаните, и е токму предизвикано од тоа што вие им кажувате кои се. Сакате да им кажете која е нивната историја и сакате да им кажете каков е нивниот јазик, рече Димитров во одговор до бугарската пратеничка Захариева
Тешко ми е да ги разберам ваквите обвинувања, бидејќи ги слушам многу често јавно од бугарските политичари, дали се дел од домашниот контекст или се резултат на меур во кој навистина верувате, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров како одговор до пратеничката Екатерина Захариева која обвини дека во земјава има дискриминација по бугарска етничка основа.
Димитров ова го одговорил на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, а денеска го сподели на својот профил на Фејсбук.
„Какo прво, имаме Комисија против дискриминација. Кога проверив дали има поплаки за овие наводи што доаѓаат од Бугарија дека ние ги дискриминираме граѓаните што сметаат дека се етнички Бугари, до оваа Комисија нема ниту еден доставен приговор против дискриминација. Оттука, тешко ми е да разберам дали ваквите обвинувања – бидејќи ги слушам многу често јавно од бугарските политичари, дали се дел од домашниот контекст или е резултат на меур во кој навистина верувате во такво нешто? Северна Македонија е мултиетничка држава. Во нашиот Устав стои дека етичките заедници се еднакви“
, вели Димитров во одговорот.
Тој додава дека од страна на официјални лица од С Македонија ниту еднаш немало случај на говор на омраза или дискриминација и потенцирапе дека поединечни инциденти од страна на граѓани секогаш се осудуваат. Тој рече дека бугарската страна го толкува како говор на омраза гневот на македонските граѓани.
„На претходните избори во Бугарија, имаше ТВ реклама на политичка партија каде што С Македонија беше прикажана како бугарска земја. И тоа се територијални претензии и ова би можел да го протолкувам како говор на омраза. Зголемувањето на револтот што го дефинирате како ‘говор на омраза’ од наша страна е од обичните луѓе, граѓаните,и е токму предизвикано од тоа што вие им кажувате кои се. Сакате да им кажете која е нивната историја и сакате да им кажете каков е нивниот јазик. Нормално, кај луѓето ќе има револт. Ние како земја секогаш ќе ги осудуваме инцидентите, но сегашната бугарска политика кон Северна Македонија е инвестиција во антагонизам, а не во пријателство“,
рече Димитров.