МВР, како што велат оттаму, нема да дозволи каков било притисок или злоупотреба на положбата, поради што за расчистување на случајот е активирана внатрешната контрола
Максим Димитриевски, независниот кандидат за градоначалник на Куманово, кој освои најмногу гласови во првиот изборен круг, се пожали на Фејсбук дека го запрела полиција и дека неговото возило, иако е ново, било испратено на технички преглед.
Тој вели дека прво бил следен од полициско возило, а тројца униформирани полицајци, без никакво образложение, им барале документи на него и на возачот.
Димитриевски за сите овие случувања информираше преку вклучување во живо преку својот фејсбук-профил.
„Ова не лични на ништо. Вакво самовластие никаде не е дозволено. Нека им служи на чест на господинот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и на мојот поранешен другар. Ме следат како да сум најголем криминалец, а не градоначалник на најголемата општина во државата“,
вели Димитриевски во видеото.
Тој рече дека тргнал да прими терапија кај својот матичен лекар, но дека сега е спречен во тоа.
Од МВР се огласија со соопштение, во кое се нагласува дека е активирана внатрешната контрола за да се расчисти случајот, при што се истакнува и дека нема да се дозволи каков било притисок и злоупотреба на положбата.
„Во врска со денешниот случај во Куманово, кога е сопрено возило ’рено’, управувано од Д.Д., ве известуваме дека Министерството за внатрешни веднаш го вклучи Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди за целосно расчистување на случајот. МВР нема да дозволи каков било притисок, незаконско постапување или злоупотреба на положбата“,
велат од Министерството за внатрешни работи.
Димитриевски е актуелен градоначалник на Куманово, кој во 2017 година беше избран како кандидат на СДСМ, а пред овие избори реши да настапува како независен кандидат, по што беше исклучен од партијата. Во првиот изборен круг во неделата тој освои 15 164 гласа, односно 22 гласа повеќе од кандидатот на СДСМ, Оливер Илиевски, со кого ќе се соочат и во вториот круг. Независната советничка листа која ја поддржа кандидатурата на Димитриевски, пак, освои над 10 илјади гласа и е второрангирана по листата на СДСМ, која доби поддршка од 11 727 гласачи.