„Со оглед дека водевме нерамномерна кампања, особено во делот на медиумското спонзорирање каде што најголем дел од средствата ги имаат самонаречените големи партии, мислам дека граѓаните тоа го препознаваат и на крајот ќе излезе ставот што тие ќе го кажат. Очекувам така да продолжи и во текот на денот, но кога ќе се пребројат гласовите тогаш сè ќе биде јасно“, вели Димитриевски

Претседателскиот кандидат од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, се надева дека денеска во Македонија ќе победи демократијата.
Димитриевски, откако го оствари своето избирачко право во првиот круг од претседателските избори, во изјава за медиумите рече дека народот треба да се одважи, да излезе и да ја даде поддршката за оној за кој смета дека ја заслужува.
„Јас како кандидат ќе ја почитувам народната волја, на сите граѓани на Македонија. Нека денешниот ден биде празник на демократијата во Македонија и на Балканот“,
изјави Димитриевски.
Според него, гласањето се одвива непречено со одредени технички проблеми на некои поединечни гласачки места.
„Со оглед дека водевме нерамномерна кампања, особено во делот на медиумското спонзорирање, каде што најголем дел од средствата ги имаат самонаречените големи партии, мислам дека граѓаните тоа го препознаваат и на крајот ќе излезе ставот што тие ќе го кажат. Очекувам така да продолжи и во текот на денот, но кога ќе се пребројат гласовите тогаш сè ќе биде јасно“,
рече Димитриевски.
Димитриевски рече дека нема информација оти имало организирани групи што ги носат граѓаните до гласачките места.
„Досегашната пракса покажува дека токму припадниците, кои партиски припаѓаат на едниот, другиот или третиот блок, се токму тие што го злоупотребуваат МВР во партиско-политички цели. Дали постои вакво нешто, навистина не знам. Впрочем, ако Куманово е Македонија, тогаш мислам дека треба да се обрати внимание на целата држава. Кој и да прави каков било притисок, не може да ја смени волјата на граѓаните. Таа е јасна на крајот на денот граѓаните гласаат зад параванот сами по сопствено убедување“,
рече тој.
Според Димитриевски, факт е оти досегашната праска покажува многу злоупотреби на изборниот процес, особено поткуп и средства за присила.
Тој сподели информација дека од големите политички блокови се имаат јавувано на луѓе кои со потпис, име и презиме дале писмена поддршка за него и додаде дека е чудно од каде дошле до податоците.
„Со тие податоци единствено располага СВР во матична книга на евиденција, според матичниот број. Но, тоа не е првпат. Така беше и за локалните избори и повторно не успееја да сменат ништо“,
изјави Димитриевски.