Поранешниот премиер и пратеник, член на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев, во вечерашната дебата на „360 степени“ на тема реформите во безбедносно-разузнавачкиот сектор по скандалот со масовното прислушување, зборуваше дека во моментов контролата и надзорот над безбедносните служби е нефункционален.
„Една од позитивните работи на претходниот состав на Собранието е тоа што ги донесе законите од сферата на безбедноста, меѓутоа, многу работи останаа недовршени, а тоа е особено во контролата над службите за безбедност. За ова не треба да чекаме како држава да бидеме опоменати во некој следен извештај. Треба да го изградиме на квалитетна основа и да им гарантираме на граѓаните реален надзор врз она што е суштински елемент во човековите права. Треба, граѓаните да знаат дека не може да бидат предмет на нелегално прислушување, а нивната приватност, приватен живот и интима не може да бидат злоупотребувани“,
вели Димитриев.
Тој вели дека формирањето на Оперативно-техничката агенција е еден сегмент од целокупната реформа на безбедносниот сектор, но за него е поважно да има ефективна контрола и надзор над целокупниот систем од издавање на наредбата за посебни истражни мерки, до реализација на наредбата.
„Нашето законодавство дава одврзани раце на собраниската комисија да прави евалуација на целисходноста од посебните истражните мерки. Но, тој сегмент не е воопшто чепнат во нашава земја. Собраниските комисии немаат ниту минимален капацитет за да направат анализи за тоа колку од посебните истражни мерки, наредби, биле со некаква целисходност“,
додаде тој.