Според Би-би-си, полицијата по пристигнувањето на местото на настанот уапсила двајца мажи за кои постои сомневање дека се поврзани со нападот
Десет лица се хоспитализирани, од кои девет во животно загрозувачка состојба, по напад со нож што вчера вечер се случил во воз што се движел во округот Кембриџ во Англија, јавува Би-би-си.

Британската полиција првиот повик за нападот во возот, кој се движел на линијата од Донкастер до Кингс Крос во Лондон, го добила во 19:39 по локално време.
По пристигнувањето на местото, според британскиот национален сервис, уапсени се двајца мажи за кои постои сомневање дека се поврзани со нападот.
Полицијата потврдила дека на местото на настанот се повикани и екипи на антитерористичката единица.
„Вооружени полицајци реагирале на инцидентот кратко пред 20 часот вечерва и успеале да го совладаат напаѓачот. Уапсени се две лица. Имало повеќе убодни рани. Сè уште не ја знаеме сериозноста на повредите, но очигледно е дека станува збор за многу сериозен инцидент“,
изјавил Бен Обез-Џекти, пратеник во британскиот парламент од Хантингдон.
Очевидец на крвавиот настан за Би-би-си сведочи дека првин мислел дека станува збор за шега по повод Ноќта на вештерките, но потоа сфатил дека станува збор за напад и почнал да бега.
„Се возев во економска класа. Слушав музика и одеднаш видов луѓе како трчаат покрај мене. Еден човек бодеше секого што ќе го сретнеше. Неколкумина од нас се погледнавме мислејќи дека можеби е шега за Ноќта на вештерките. Но, од изразите на нивните лица можевме да кажеме дека ситуацијата е сериозна и почнавме да бегаме“,
рекол очевидецот Оли Фостер за Би-би-си.
Според него, сите биле во паника, а меѓу оние што бегале имало и ранети кои ги предупредувале другите дека станува збор за напад.
