На новинарска констатација дека ако го пуштат да влезе (Ангел Џамбаски), нема да знаат како ќе се однесува, па за да бидат сигурни, треба да го задржат на граница, Спасовски коментираше: Има варијната како ќе се постапува во едниот и варијанта како ќе се постапува во другиот случај
МВР има сознанија колку луѓе од Бугарија би тргнале кон Скопје за одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Според информации на Министерството, станува збор за 100-150 луѓе. Спасовски вели дека нема информација дали меѓу нив ќе биде и европратеникот Ангел Џамбаски, за кого претседателот на државата Стево Пендаровски јавно алармираше од Советот за безбедност да му буде забранет влез во земјава на 4 февруари.
„Се уште немам најава дали ќе дојде и за мене е ирелевантно дали е Џамбаски или било кој друг. За мене е важно дека тој што сака да влезе во Северна Македонија мора да го почитува македонскиот народ и држава. Во ниту еден момент нема да дозволам ниту јас ниту МВР и тоа е ставот на Владата, да имаме нарушување на достоинството на македонските граѓани“,
рече Спасовски.

На новинарска констатација дека ако го пуштат да влезе, нема да знаат како ќе се однесува, па за да бидат сигурни, треба да го задржат на граница, Спасовски коментираше:
„Има варијната како ќе се постапува во едниот и варијанта како ќе се постапува во другиот случај. Црвената линија е дека никој не смее да го навредува овој народ и граѓаните на Северна Македонија и државата. Ниту некој од внатре, ниту некој од надвор. Повеќето навреди изминатиов период доаѓаа од надвор, оние што пробуваат да не негираат, затоа и претходно реков дека многу е важно колку ќе имаме национално единство во однос на овие прашања. Ако ние сме сплотени во сочувување на нашиот идентитет, народ, јазик, култура и традиција, тогаш нема некој од надвор што може да ни наштети“.

МВР е подготвено утре (4 февруари) да забрани влез на секој што нема да ја почитува оваа држава и овој народ, порача Спасовски, но не прецизира како ќе се прават проценките на граница кој смее да влезе во земјава.
„Знаеме според многу оперативни податоци и информации кои ги имаме, а за многу од тие луѓе знаеме и преку нивни јавни настапи. Чествувањето треба да е достоинствено и почитта кон тој македонски великан треба да доаѓа од сите. Знаете дека доаѓаат делегации од странство и досега оддавале почит пред Гоце Делчев за неговите дело и лик, за сето она што направил и вложил во минатото за да ја имаме оваа денешнина и секој што сака тоа да го почитува мора да го почитува на начин на кој нема да не навредува“,
рече министерот за внатрешни работи.