Само една компанија се пријавила на повикот за јавно-приватно партнерство за изградба на катни гаражи и управување со паркирањето во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Инвестицијата е проценета на десет милиони евра, добивката за 20 години на 18,5-20,5 милиони евра, а за државата се предвидени еден отсто од годишните приходи
Дали приватниот партнер ќе добие „златна кокошка“ и зошто државата не е инвеститор – го прашавме министерот за здравство Арбен Таравари
360°: На кои места ќе бидат изградени катните гаражи и колку паркинг-места се очекува да бидат обезбедени?
Таравари: „Па предвидени се две катни гаражи, едната каде што беше старата гинекологија, кај што има нови 350 места, практично ќе биде приземје и два спрата катна гаража, и втората каде што е големиот паркинг, односно каде што е хелиодромот, тука се планирани околу 500 места и тука е исто приземје и уште два спрата, практично за паркирање на возила. Вкупно се планира два објекти да се изградат, уште еднаш повторувам, кај стара гинекологија и кај хелиодромот – големиот паркинг. Во Гинекологија 350 и 500 места, тоа се 850 нови паркинг-места.“
360°: Во која фаза е сега процесот, колку фирми се пријавија на јавната набавка и дали можете да ни кажете кои се фирмите?
Таравари: „Јас побарав утрово да ми се подготват материјали од кабинетот, гледам дека конкурирала само една фирма, сè уште е во фаза на евалуација на сите материјали, дали ги исполнува условите. Практично се работи по една физибилити студија од пред две години во која е предвидено да биде јавно-приватно партнерство меѓу министерството и инвеститорот по принципот проектирање, финансирање и изградба, трансфер и стопанисување. Јас се надевам дека екипата која е во проектна единица, која е одговорна за целата процедура, се надевам дека за неколку дена ќе нè информираат дали единствената компанија која конкурирала ги исполнила сите услови иако е предвидено со физибилити студијата некаде 20 години да трае јавно-приватното партнерство, имаме одлука на Влада со која го дава на користење на партнерот, толку колку што ќе остане клиничкиот центар. Во Македонија се планира одамна да има нов клинички центар, хипотетички ако во 2026 или 2027 почне да се гради нов клинички центар, практично ќе се дислоцира целосно од тука и партнерот ќе може да го користи паркингот додека е тука Клиничкиот центар – пет, шест, седум, осум години. Затоа најверојатно и немало многу интерес за да се пријават повеќе компании.“
360°: Дали може во оваа фаза да се знае која е таа компанија?
Таравари: „Јас искрено не ја знам, меѓутоа за неколку дена ќе излеземе и ќе кажеме, не го знам името на компанијата, но не е ништо тајно, која е компанијата можеме за два, три дена или уште утре да ве известиме која е компанијата, не сум ги прашал по име која е таа.“
360°: Од вашиот кабинет пред интервјуто нè информираа дека во оваа фаза не може да се соопшти името на компанијата бидејќи таков бил процесот.
Таравари: „Не знам точно, само знам дека побарав да ме брифираат, да ми дадат што имаат информации за новите паркинзи во Клинички, затоа им побарав брифинг и гледам тука дека не е спомната компанијата, па не би сакал да кажам без да знам точна информација.“
360°: Дали сметате дека е малку нетранспарентно во оваа фаза јавноста да не знае која е фирмата, особено што е само една?
Таравари: „За мене нема никаков проблем, доколку можеме и денеска подоцна, ако овозможува процесот за да се каже која е таа компанија, нема никаков проблем, не ни пречи тоа.“

360°: Го давате паркингот на Клинички под концесија на 20 години, а за возврат концесионерот треба да изгради две катни гаражи и да плаќа надомест на државата од само 1% од остварените годишни приходи. Дали е логично, на пример, државата да добие десетина илјади евра годишно, што одговара, на пример, на милион евра приходи годишно на идниот концесионер?
Таравари: „Физибилитетот не сме го изработиле ние. Постои студија којашто е изработена од професионалци, којашто предвидува така. Значи не е дека ние сме го криеле, така го правиме и така ни одговара. Досега министерството ништо не добивало. Јас колку што гледам во тоа што е напишано, инвестицијата треба да чини околу 10 милиони евра и концесионерот, иако е предвидено според физибилитетот да се користи 20 години, меѓутоа нема никакви гаранции дека паркинзите на Клинички ќе се користат 20 години. Може да се користат и 7-8-9 години или не знам колку, бидејќи имаме одлука на Влада, може да се даде на користење само додека е Клиничкиот центар тука.“
360°: Но еве една поедноставена пресметка. Ако ова го сведеме на еден час паркирање, сега ми кажавте дека е 25 денари, јас мислам дека е 30. Ако го сведеме на еден час паркирање којшто сега чини 30 денари, тогаш државата би добивала 0,3 денари по еден час од идниот концесионер. Дали сметате дека со ова некому давате златна кокошка за да може да зараборува овде?
Таравари: „Не мислам така. Доколку можевме ние, требаше да се изгради катна гаража тука. Не знам зошто и не е изградена катна гаража сега. Знаете, една од најголемите жалби на пациентите кога доаѓаат на доктор, бидејќи јас работам и како доктор веќе 18 години сум тука, тоа е епопеја – изнаоѓање паркинг-место кога ќе дојдете за преглед. Јас кога бев редовно вработен тука, знам дека доаѓав половина час или еден час да пијам кафе, да прочитам кои пациенти треба да ги прегледувам, само за паркинг-место доаѓав порано. Така да, се согласувам со вас. Да имавме ние можност да инвестираме сами како Министерство за здравство, се согласувам дека министерството тоа да го работи отколку да се даде некому да профитира од тоа. Меѓутоа, бидејќи е направена физибилити студија, јас мислам дека ова е едно решение наместо да нема никакво решение. Ако оставиме вака да продолжи, јас мислам ќе има огромно незадоволство од луѓето коишто секојдневно доаѓаат, а не се малку. Според бројките околу 2-3 000 возила дневно доаѓаат во Клинички центар. Тука не ги вбројуваме бројот на вработените коишто се вкупно во Клинички центар околу 3 400 вработени.“
360°: Но според физибилити студијата на која се повикувате, идниот концесионер, доколку оди ова сценарио со две катни гаражи, ќе има добивка од 18,5 до 20,5 милиони евра.
Таравари: „Тоа е за 20 години.“
360°: Така, за 20 години. Не знаеме колку ќе трае, како што рековте, Клиничкиот центар да биде на оваа локација. Зошто овие пари да не ги заработи државата?
Таравари: „Кажете ми модел како би го заработиле тоа доколку немате буџет за тоа. Да имавме буџет, јас се согласувам дека најдобро би било сами да изградиме. Меѓутоа често ни се случува да земаме кредити за изградба на болници, за изградба на здравствени објекти, училишта, патишта… за жал. Најдобро би било за ништо да не земаме кредити, сè да изградиме сами. Јас се согласувам дека најдоброто решение би било да можеме сами да го изградиме, меѓутоа хендикеп за овој случај и за партнерот, било кој и да е, е тоа што и тој не знае точно колку би траело користењето на паркингот. Јас мислам затоа и интересот за пријавување во тендерот е многу мал како приватен партнер. Само една компанија е пријавена. Јас мислам дека баш тоа е таа непредвидливост колку би можело да заработува, односно да функционира или да го искористува тој простор каде што би се изградиле паркинг-места, исто така и хоризонтална и вертикална сигнализација, што би изгледало на еден модерен паркинг-простор.“

360°: Изградбата на двете катни гаржи се проектира на околу 10,5 милиони евра без ДДВ. Кој ја направи таа проекција и врз база на што?
Таравари: „Јас не знам точно која компнаија ја направила таа проекција, меѓутоа се надевам дека е компетентна, доколку има нешто што е спорно, можеме уште еднаш тоа да го разгледаме и да видиме, одлуката не е донесена, фала Богу, така да не инсиситираме, но сакаме што побрзо да имаме што повеќе паркинг места во Клинички центар. Доколку во меѓувреме има и друга идеја додека не е донесена нашата одлука, јас сум подготвен да биде и државна инвестиција доколку можеме за да не оди некој, да доаѓа еве приватен партнер, туку сами тоа да го направиме. Овде, ви велам, се зборува за проектирање, финанасирање, изградба, трансфер и стопанисување со паркинг-места.“
360°: Кој ќе ја одреди цената за паркирање по час?
Таравари: „Тука е напишано дека ќе има аукција. Почетна цена е 50 денари за еден час, 1000 денари за месечна претплата, но ќе има аукција, таа цена најверојатно би требало да падне.“

360°: Според она што ни го обајснија од вашиот кабинет пред снимањето, има јасни рокови кога треба да се почне со инвестициите на терен и до кога треба да биде готова првата катна гаража, но не ни кажаа рокови кога треба да биде завршена целата инвестиција на идниот концесионер?
Таравари: „По ова што е планирано во физибилито шест месеци има за одобрување од парнтерот, потоа комплетната изградба и уредување на сите паркинг-места треба да се заврши за максимум две години. Се надевам дека тие ќе брзаат бидејќи и за нив е подобро да инвестираат и да завршат сè побргу за да ги вратат барем парите коишто ги иневстираат. Јас сум сигурен дека Клинички центар во Македонија е неопходно да се направи, една од капиталните инвестиции која е приоритет во државата. И се надевам дека нема да останеме повеќе од 7-8 години во оваа просторија каде што е моментално Клинички центар. Се надевам за шест, седум, одум години максимум да има нов клинички ценатр некаде на друго место што ќе функционира како што треба и тоа би било проект за следните сто години за државата.“
360°: Значи, идниот концесионер да не се надева на 20 години.
Таравари: „Ја сум скептик, сè е можно во нашата држава, но не верувам дека Македонија ќе остане без клинички ценатр 7-8 години, или десет години да речеме хипотетички, но не можам да предвидам, непредвидливо е ниту за партнерот ниту за нас, да речам дека 2030 Македонија ќе има нов клинички центар, ова не може никој да го каже.“
360°: Велите нови паркинг-места. Катните гаражи ќе имаат приземје и две нивоа. Дали во тие нови паркинг-места всушност се сметаат и оние од приземјето кои и сега ги имаме?
Таравари: „Вкупно. Сега можеби има сто паркинг-места, а ако се направат уште две нивоа, ќе има 300. Со приземјето. Ако има 450, значи има 150 и плус 300 паркинг-места. Така што, колку-толку јас мислам дека повеќе од 30 до 40 отсто ќе има повеќе паркинг-места. Мислам дека тоа ќе им олесни на сите што работат и секојдневно доаѓаат во Клиничкиот центар.“
360°: Тогаш, од вкупната бројка нови паркинг-места треба да го одземеме приземјето Зашто тоа веќе го имаме.
Таравари: „Секако. Меѓутоа повторно доаѓаат околу 1 400 вкупно. Околу 450 паркинг-места повеќе. Јас мислам дека не е мала бројка.“
360°: Во физибилити студијата што е направена уште кога Никола Тодоров беше министер за здравство и ревидирана е два пати досега, во еден дел се вели дека и да се реши паркинг-просторот, сепак ќе остане метежот на влезовите. Дали идниот концесионер има обврска да направи некаков зафат и на влезовите и на сообраќајниците низ Клинички?
Таравари: „За тоа немам точни информации. Меѓутоа, секако дека ќе има повторно метеж. Дневно во Клинички центар влегуваат 2 200 фо 3 000 возила. Бидејќи имаме 1 500 паркинг-места. Така што не можам да кажам со сигурност. Повеќето од овие возила се претпладне. Попладне и сега нема некоја гужва. Не можам да кажам дека нема да има гужви, меѓутоа повторно се санира оваа состојба, која е олеснување и за вработените, за кои ќе има посебни места, и за пациентите што секојневно доаѓаат во Клинички центар. Не велам дека проблемот го решаваме во целост, меѓутоа колку-толку ќе биде олеснување за нас што работиме тукa и тие што доаѓаат секојневно за секакви испитувања и прегледи.“
360°: Ако се покаже дека некои од можните решенија како што е јавно-приватно партнерство, како она што треба да го изгради новиот концесионер, ако биде избран, се покаже како неповолно, како несоодветно – вие како министер сте отворени за поинакви решенија?
Таравари: „Апсолутно, секогаш сум отворен за сите можни најдобри решенија што можат да се направат. Генерално се обидуваме да решаваме проблеми што требало да бидат решени одамна. Јас ќе бев пресреќен доколку веќе имаше катни гаражи во Клинички центар, ќе бев пресреќен ако не се занимававме со гасната станица што се расипа во април, ќе бев пресреќен да имавме реновирани клиники за психијатрија, Инфективна и Урологија, Дигестивна хирургија и сè да беше добро. Сега да зборуваме само за здравствени политики и да не се занимаваме со овие пожари што мораме некако да ги превенираме, да изнајдеме решенија што се моментално најдобри и што решаваат не долгорочно, меѓутоа среднорочно решаваат проблеми.“