Анкетата на Телма и М-Проспект објавена пред неколку дена покажа благо водство на коалицијата на чие чело е СДСМ пред онаа предводена од ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ пред коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива. СДСМ има 1,6 процентни поени повеќе од ВМРО-ДПМНЕ, а ДУИ 1,4 повеќе од Алијанса.

Какво е значењето на истражувањата на јавното мислење што се прават на ниво на целата држава во услови кога за парламентарните избори државата е поделена на изборни единици.

„Имајте предвид дека анкети на национално ниво, кои се со статистичка грешка под 3%, кога ќе се направат на ниво на изборни единици, маргината на грешка се качува на 6-7%. Така што, не може да се преведе целото национално истражување на реални резултати по изборни единици“,
вели Петар Арсовски – комуниколог.
Вака изгледа картата на Македонија поделена на шест изборни единици од кои секоја дава по дваесет пратеници во Собранието. Првиот регион е скопски; вториот, исто така, опфаќа дел од Скопје, како и Липково и Куманово; во третата изборна единица влегуваат Велес, Штип, Кочани, Малешевијата и Крива Паланка; четвртиот регион се протега од Струмица преку Гевгелија и Кавадарци до Прилеп и делови од Битола; во петтата изборна единица се најголемиот дел од Битола, Ресен, Охрид, Струга, Кичево; и, конечно, шестиот регион е распослан во Полог и ги опфаќа тетовско и гостиварско.
Во сите изборни единици се запишани по околу 300 илјади гласачи, но тоа не значи и дека во секој регион се потребни приближно ист број гласови за едно пратеничко место. Тоа, пред се, зависи од излезноста на ниво на изборна единица и од бројот на партиите или коалициите што се борат за пратеници.
На пример, на последните парламентарни избори во 2016 година, во четвртата изборна единица, при излезност од 75 отсто, беа неопходни околу 9500 гласа за едно пратеничко место. За споредба, во шестиот изборен регион, каде на гласање се појавија 51 отсто од запишаните избирачи, во Собранието се влегуваше со 6500 гласа, што е разлика од околу три илјади.

„Таквите дискрепанции кои се појавуваат во бројот на гласови кои се неопходни за 20-иот пратеник да влезе во Собрание на ниво на една или друга изборна единица многу варираат од излезноста. Имајте предвид дека имате многу гранични вредности. Има многу места каде 100-200 гласа можат да променат два пратеника – да одземат еден пратеник од една листа и да додат пратеник на друга листа. Така што, тие мали маргинални гранични вредности се нешто што може многу да значи во изборите, особено кај тие помали партии или на тие помали избирачки места“,
вели Петар Арсовски – комуниколог.
Таква ситуација во 2016 година се случи во шестата изборна единица. Со само 207 гласа повеќе од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ освои пратеник плус, со што и ја обезбеди победата на државно ниво од 51 наспрема 49 мандати. Ако само 104-ца гласачи, наместо за ВМРО-ДПМНЕ гласале за тогашната опозициска партија, СДСМ ќе имаше пратеник плус во шестиот регион, а со тоа резултатот од изборите на национално ниво ќе беше изедначен – 50 – 50 во пратеници со ВМРО-ДПМНЕ. Притоа, на ниво на целата држава ВМРО-ДПМНЕ освои околу 18 илјади гласа или еден процентен поен повеќе од СДСМ, но тоа, на крај, можеше и да не значи предност во пратеници.
Слично беше и во втората изборна единица, каде волјата на 50 гласачи беше решавачка за ВМРО-ДПМНЕ да добие 9 мандати, а БЕСА само еден, иако освои повеќе од 16 илјади гласа.
Во оваа анализа за ефектите од поделеноста на државава во шест изборни единици и од Донтовата формула, која се користи за да се добие конечната дистрибуција на мандати по партии, важен е уште еден аспект – концентрацијата на гласовите по изборни региони. Тоа е решавачко особено за помалите партии, кои ако имаат регионални упоришта, имаат и шанса за пратеник. Ако, пак, гласовите им се распрскани низ целата држава, може да завршат со солиден резултат на национално ниво, но да не освојат ниеден пратеник.
Токму тоа ѝ се случи на коалицијата „ВМРО за Македонија“ на парламентарните избори во 2016 година. На ниво на држава освои околу 25 илјади гласа или 1,4 отсто од вкупниот електорат, но не влезе во парламентот. Листата на оваа коалиција предводена од Стојанче Ангелов во третиот регион доби 6700 гласа, што е повеќе од 6500 со колку што се стануваше пратеник во шетата изборна единица, но тоа не беше доволно за мандат во „тројката“.
Но, затоа ДПА со само пет илјади гласа повеќе од коалицијата „ВМРО за Македонија“ заврши со двајца пратеници во Собранието.
„Тоа е затоа што гласовите на ДПА биле сконцентрирани во една изборна единица, најверојатно 6 ИЕ, а гласовите на другата партија биле дисперзирани по изборните единици. Тоа, меѓу другото, е еден од главните аргументи зошто треба да се разговара за една изборна единица на територија на државата“,
вели Арсовски.
Значи, анкетите на ниво на целата држава се индикација за расположението на гласачите, но не и за финалната распределба на пратеници. За дефинитивно да се насети изборниот исход, потребно е ваква анкета да се направи за секоја изборна единица одделно. Но, дури и во таков случај, прашање е дали може прецизно да се предвиди поделбата на мандати, бидејќи, како што видовме во примерите, решавачки знаат да бидат и педестина гласа.