Последниот тендер за чистење на Вила „Водно“ и други државни институции предвидува цена од 73,73 денари по квадратен метар месечно за одржување хигиена во внатрешни простории. Тоа е поскапување за речиси 50% споредено со претходниот тендер во 2022 (49,53 денари/м2) и околу 230% споредено со 2018 година (32,12 денари/м2)
Директорот на владината СОЗР вели дека поскапувањето е, пред сè, поради зголемувањето на минималната плата. Но, во исто време, нема толку изразен тренд на поскапување на одржувањето на надворешниот простор
Вилата „Водно“ е работна канцеларија на претседателот на државата. Така што, нема дилеми дека треба постојано да биде чиста и функционална. Не само поради делегациите што доаѓаат таму.
Чиста треба да биде цела држава, но тоа е друга тема. За одржувањето и хигиената на Вилата „Водно“, како и на другите објекти на државната управа, се грижи Службата за општи и заеднички работи при Владата. Грижата е преку периодични тендери, со кои се најмуваат фирми за чистење и одржување.

„Последниот таков договор за чистење СОЗР го потпиша неодамна, на крајот на мај годинава. Го доби фирмата „Стед – комерц“, со понуда од околу еден милион евра. Делот за одржување, вреден дополнителни 800 илјади евра, го доби „Бигор клининг“. Или, вкупно, двата договора изнесуваат околу 1,8 милиони евра. Доволно причини за да поставиме прашања.
Почнавме преку споредба на цените за услугите во најновите тендери, со претходните – од 2022 година. Кога е во прашање одржувањето на хигиена во затворен простор, цената пораснала од 49,53 денари на 73,73 денари. Или, за три години, тоа е раст од околу 49 отсто. Одржувањето, пак, поскапело од 39,11 на 55 денари, што е 40 отсто повеќе за три години.

Ова сознание беше основата за нашето прво прашање до директорот на Службата за општи и заеднички работи, кој се согласи на интервју. Ивица Томовски одговори дека растот на цената е пазарно оправдан.
„Процената вредност на оваа набавка е зголемена од минатото раководство. Значи, во планот за јавни набавки предвиделе дека треба да се покачи цената за 30% и јас се согласив со тоа дека предвиделе бидејќи имате вие покачување неколкукратно на минималната плата. Во оваа дејност најчесто луѓето работат на минимална плата… Причините заради таква висока цена е тоа. Бидејќи кога вие покачувате минимална плата се покачува се. И цената на чистење од квадратура и средства и алати и се се покачува“,
рече Томовски.

Имајќи ја предвид минималната плата како клучен трошок, Томовски ни кажа дека во последните договори има клаузула според која договорните страни имаат право на промена на цените доколку дојде до измени на Законот за минималната плата.
Но, тоа отвори дополнителни прашања.
Кога е во прашање одржувањето хигиена на надворешен простор, цената по квадратен метар на тендерот во 2022 година била 6,39 денари месечно, а во 2025 не само што не се зголемила, туку и се намалила – на 6,24 денари за квадрат месечно.

Како е можно минималната плата да ги зголеми трошоците по квадрат за 40-50% за внатрешна хигиена, а 0% за надворешна?
„Најверојатно тоа е интерно, на приватните компании коишто ја даваат таа цена. Сепак, тие си понудуваат таква цена. Мислам дека имаше две компании или две групации на компании коишто учествувале. Најнискиот ја добил цената. Претпоставувам дека си направиле интерна пресметка дека помалку ги трошат своите луѓе кога се одржува нешто надвор бидејќи ретко е… есен, зимо, лето одржувате надвор, додека внатрешните простории малтене секојдневно ги одржувате и ги чистите“,
вели Томовски.
Во анализата на цените не застанавме на споредба со претходниот тендер, туку се вративме до 2018 година.
Таа година, кога е во прашање цената за хигиена во внатрешен простор, чистење на квадратен метар за еден месец државата плаќала по 32,12 денари. По две години цената скокнала на 46,31. Во 2022 г. има незначително зголемување, за веќе – како што кажавме – да се случи раст од речиси 50% годинава. Или, вкупно, за седум години цената за чистење на Вила „Водно“ и во други државни институции по квадратен метар пораснала за 230 отсто.

Одржувањето, пак, во 2018 година чинело 20,92 денари по квадратен метар месечно, што значи дека за седум години пораснало за 260%.
Процентот на поскапување се чини огромен, дури и кога предвид се земаат растот на минималната плата и инфлацијата.
„Прво, шест години не направиле никаква промена на цените претходни, а имало покачување на минималната плата. Не зборуваме за последните три години, туку шест години и тоа е еден дел каде што се собрале тие проценти за да дојде до нивелација. Претходниот тендер работеле 25 лица во делот на хигиена, по новиот тендер 43 лица. Тековно одржување по нов тендер 13 лица, по стариот 8, а кога ќе сумираме една со друга квадратура сега се чисти и одржува над 50 000 метри квадратни, а претходно 30 000 квадратни. Кога ќе ги сумираме сите овие податоци коишто ги кажав, ќе биде тогаш оправдана цената“,
вели директорот на СОЗР.
Имајќи предвид колку брзо расте цената за овие услуги, се наметнува дилемата – дали е можеби попаметно институциите повторно сами да си вработуваат хигиеничари и хаусмајстори?
„Ние правевме и анализи ние да ги преземеме овие работници, под наша капа, но со минималната или најниската плата која ние можеме да ја дадеме како СОЗР, направив груба пресметка и ни излегува тендер за три години само за хигиена кои го добиле фирмите за 61 милион, ние да треба да платиме 84 милиони и тоа е по основа на плата, не влегува минат труд, ХТЗ-опрема, алати и не влегуваат средства за хигиена“,
изјави Томовски.

А цените на повеќето тендери, вклучувајќи ги и тие за чистење и одржување, во значителна мера зависат од конкуренцијата – колку повеќе тркачи, толку поевтини стоки и услуги.
Иако тендерите за чистење и одржување изнесуваат стотици илјади, па и милиони евра, на последниот се јавија само двајца понудувачи. Не е многу различно низ годините наназад.
„Има некакво ограничување во тој дел на фирмите. Можам со сигурност да кажам дека сме ги намалиле критериумите, не сум ги намалил за 100 отсто, сепак се работи за држава и сакам чекор по чекор да е намалувањето и да се зголеми конкуренција. Очекував повеќе конкуренција поради намалените услови, имаше интерес и прашување, но тоа е што е, тие се фирмите кои конкурирале, а реално да објавите тендер за држава кој ја опслужува цела држава, а да биде без ниту еден критериум, и тоа не соодветствува“,
рече Томовски.
Фирмата која е избрана да ја одржува Вилата „Водно 1“, заедно со други институции, е дел од групата избрана да ги чисти и одржува и другите објектите на државната управа. Тоа е посебен тендер што се спроведе кон крајот на минатата година и на кој исто така немаше голема конкуренција. Вкупната цена таму беше околу 9,6 милиони евра.
И тие и последните договори се склучени на три години. Што значи дека прашањето на цените, конкуренцијата и рационалноста повторно ќе се отвори на почетокот на 2028 година.