Нарекувајќи ја земјава сигурен извозник на безбедност, генералниот секретар го поздравува учеството на припадниците на Армијата во мисиите на Алијансата
Северна Македонија е вреден сојузник на НАТО, нагласува генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во честитката за, како што вели, успешната прва година на Северна Македонија во Алијансата.
Во видео обраќање по повод годишнината, Столтенберг, истакна дека Северна Македонија е суверена земја во силната Алијанса, со свое место на масата на НАТО и еднаков глас во обликувањето на одлуките.
„Тоа е крај на едно патување поплочено со храброст и одлучност, што ја постави Северна Македонија на патот на стабилноста и просперитетот, опкружена со 29 пријатели и сојузници, а тоа е добро за граѓаните на Северна Македонија, за регионалната безбедност и за трансатлантската безбедност“,
вели Столтенберг.
Нарекувајќи ја Северна Македонија сигурен извозник на безбедност, генералниот секретар го поздравува учеството на припадниците на Армијата во мисиите на НАТО.
„Заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги запознав вашите специјални единици кои се обучуваа во Скопје. Ги запознав и вашите високо професионални храбри трупи кои се борат против меѓународниот тероризам, кога го посетив Кабул. Северна Македонија е сигурен извозник на безбедност“,
вели Столтенберг.
Тој го поздравил планот за инвестирање на 2 проценти од БДП во одбраната.
„НАТО помага во создавањето стабилност, што е темел на економскиот раст“,
додава Столтенберг
Генералниот секретар на Алијансата се осврнува и на солидарноста на НАТО во услови на пандемија и најавува дека на следниот самит е биде поставена амбициозна агенда за иднината на Алијансата преку иницијативата за НАТО 2030 година.