По кратките лекарски прегледи, за жителот на Гази Баба брзо реагираа и лица од Министерството за енергетика, кои ваучерот му го донесоа на лице место, наместо во канцелариите каде што се одвиваше процесот на доделување
Поради недоволна координираност при информирањето на граѓаните, утрово пред салата „Борис Трајковски“ во Скопје, скопјани формираа долга редица во која чекаа да подигнат ваучери за клими (инвертери) кои ги доделува Министерството за енергетика.
Во соопштението од министерството објавено на 2 ноември беше посочено дека ваучерите ќе се подигнуваат на 7 ноември од 9 до 17 часот. Додека во вчерашното соопштение на Министерството беше напоменато дека освен на 7 ноември, ваучерите ќе се доделуваат и во следниот период до крајниот рок.
„Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги извести добитниците на вредносните ваучери преку средствата за јавно информирање, веб-страницата на Министерството и преку СМС-порака дека доделувањето на ваучерите ќе се одвива по следниов распоред:
Скопје – СЦ ‘Борис Трајковски’ од 9 до 17 часот во четврток, 7.10.2024
Битола – Спортска сала ‘Боро Чурлески’ од 9 до 17 часот во четврток, 7.10.2024“,
се вели во вчерашното соопштение.
Во соопштението беше напоменато дека ќе има флексибилност за луѓето кои нема да можат својот ваучер да го подигнат денес.
„За граѓаните што нема да бидат во можност да ги подигнат ваучерите на одредениот датум, обезбедена е дополнителна флексибилност – ваучерите да можат да ги подигнат до крајот на месецот, во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини“,
стои во вчерашното соопштени од Енергетика.
Дополнително недоразбирање, велат граѓаните со кои разговаравме, било тоа што во СМС-известувањата кои ги добиле, бил посочен денешниот датум и терминот.
Па така, иако ниту сосема студено, ниту сосема топло, од редицата граѓани пред „Борис Трајковски“, се слушаа негодувања и разочараност, затоа што некои граѓани чекаа стоејќи и повеќе од еден час.
Веројатно најзагрижувачкиот момент при целата организација беше што на повозрасен жител на Гази Баба, кој рече дека дошол сам, без придружба, да го подигне ваучерот, му се слоши. Веднаш реагираа луѓето околу него кои му помогнаа да смогне сили и да ја причека Брзата помош, на која, пак, ѝ беа потребни само пет минути да пристигне и да укаже помош.
По кратките лекарски прегледи, за жителот на Гази Баба брзо реагираа и лица од Министерството за енергетика, кои ваучерот му го донесоа на лице место, наместо во канцелариите каде што се одвиваше процесот на доделување.
Но сведочењето на ваков настан веројатно им влеа дополнителен страв на одредена група граѓани кои негодуваа дека не е во ред да се чека толку долго. Всушност дури откако им беше соопштено дека рокот за ваучерите не е само денеска, односно дека и утре и во наредните денови ќе може да се подигне, се скрати и долгиот ред.
„Откако му се слоши на човекот, се тресам цела. Чекам саат и 20 минути. Јас сум во пензија, тоа е помал проблем, инаку многу тешко е да си на работа и да извршуваш работа по институции. Ни пуштија вчера порака, отворив мејл и се најдов во списокот. Ова да чекаш… дали може човек или не, здравствени проблеми имаме, така да ова не го бива, ама ете пробавме, искуство“,
вели жителка на Скопје.
„Чекам пред 9. Чувам детенце, таткото требаше на пат да иде, јас уште чекам. Ми се слоши и мене, ми се сврти неколку пати во глава, ама тоа е. Не е во ред навистина. Прочитав на Фејсбук и дојдов. Сега стигна порака дека и утре ама за малку не можам да чекам пак утре 2-3 саати“,
вели друга жителка на главниот град.
Околу еден час подоцна пристигна и министерката за енергетика. Таа даде образложение зошто наместо првичната најава, дека ваучерите ќе им бидат доставени на граѓани на домашна адреса, е променет начинот, па мора сами да ги подигнат. Во прашање е договор кој граѓаните треба да го потпишат дека им е доделен ваучерот, за да нема злоупотреби.
„Процесот со пошта е малку подолг и тие договори треба да се вратат назад. Така да сметавме дека ова е покорисно и поефикасно. Секако рокот е до крајот на месецот, не мора да се зема цел работен ден. Во Министерството ќе имаме повеќе луѓе. Овозможивме на 30 места низ Македонија да се делат ваучерите, не мора сите во Скопје да доаѓаат. Рокот е до 30 ноември за да се купат. Колку што знам, нема рок до кога треба да ги инсталираат. Најбитно е да се платат и да се искористат“,
рече Божиновска.
Климите мора да се купат до 30 ноември, а може да се инсталираат и по рокот. Потоа ваучерите не важат. Оние граѓани што денеска не успеаја да стигнат, можат да се обратат до крајот на ноември во просториите на Министерството за енергетика.
За овие ваучери граѓаните аплицираа во февруари. Проектот е на минатата влада на СДСМ и ДУИ во вредност од 4,1 милион евра. На повикот пристигнале вкупно 18 805 барања по двата јавни повика. На огласот кој не е за ранливи потрошувачи барања доставиле 14 500 баратели, а за огласот за ранливи потрошувачи 4 305 баратели.
Согласно јавниот оглас за финансиска поддршка преку доделување потврда-ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди за ранливи потрошувачи за 2024 година, предвидени се ваучери од 27 000 денари за лица со ниски примања (приходи до 21 000 денари за самец, 30 000 денари за домаќинство со два члена, и 35 000 денари за домаќинство со три члена). За домаќинствата со четири члена предвиден е ваучер од 30 000 денари, а за домаќинствата со пет или повеќе члена – 45 000 денари. Дополнително, за неранливи потрошувачи од Пелагонискиот и Југозападниот Регион предвидени се ваучери од 25 000 денари, а за останатите региони – по 23 000 денари.