Државниот завод за ревизија е во завршна фаза на изготвување на извештаите за учесниците во минатогодишните претседателски и парламентарни избори
Генерално, вели Катерина Чалоска-Алековска, која е помошничка на државниот ревизор за политички партии, повеќе забелешки има за системските слабости, односно неизвесноста што произлегува од законските решенија кои се во сила
Чалоска-Алексовска: Генерално, низ годините наназад, што секоја година освен во 2023 имаме некаков вид избори, без разлика дали се претседателски, парламентарни или локални, Државниот завод за ревизија ги ревидира и ги објавува. За секој учесник изготвуваме посебен ревизорски извештај кој го објавуваме на нашата веб-страница. Генерално, можам да кажам дека во основа учесниците во изборните кампањи обезбедуваат почитување на законската регулатива. Секако, како и секаде, имаме исклучоци во делот на усогласеност со законите. Најчести недостатоци се, значи, доцнење со затворање на трансакциската сметка за избор на кампања. Постои, кај неодредени учесници да изостават дел од извештаите за примените донации, меѓутоа сепак вкупниот финансиски извештај кој е сублиматум на сите тие претходни извештаи, го доставиле. Имаме случај кога учесникот заборава да ја затвори, како што кажав, на време трансакциската сметка и притоа тој е должен да се избрише од Централниот регистар како правен субјект. Значи, имаме заборавање, односно доцнење.
360°: Дали овие забелешки се повторуваат кај исти политички субјекти?
Чалоска-Алексовска: Па не би рекла дека се повторуваат кај сите, значи кај истите, најчесто овие случаи се јавуваат кај оние учесници во изборна кампања, кои можеби првпат учествуваат во изборниот процес.

360°: Имате ли забелешки за изборниот закон и генерално за регулативата?
Чалоска-Алексовска: Ако ги погледнете ревизорските извештаи низ годините, во делот на останати прашања, таму истакнуваме одредени слабости, односно потреба од преиспитување или доуредување на Изборниот законик и ги класифицираме, да кажам, во повеќе области, во делот на финансирањето на изборната кампања, во делот на платеното политичко рекламирање, во делот на казнените одредби.
360°: Да, еве, да речам, меѓу најчестите коишто, ако ги навраќаме наназад претходните забелешки во речиси сите изборни циклуси и кај секој политички субјект практично, што рековте во останати прашања, во останати коментари, се повторува да речам забелешката за допрецизирање на членот 83 од Изборниот законик. Зошто токму овој дел, што е овде спорно?
Чалоска-Алексовска: Политичките партии, согласно Законот за финансирање на политички партии, добиваат секоја година од буџетот на државата средства за редовно работење на партијата. Во членот 83 од Изборниот законик, каде што се споредуваат изворите на финансирање на изборната кампања, дадена е можност средствата од редовната сметка на политичката партија да се префрлат на сметката за изборната кампања. Имаме партии и учесници во изборна кампања, кои единствените приходи на сметката за редовно работење е само од средствата од буџетот. И тие пари, нормално, ги префрлаат за потребите на изборната кампања.
360°: Да, дури имаше до 90 проценти.

Чалоска-Алексовска: Каде настанува проблемот? Во членот 88 од Изборниот законик е уредено дека средствата за изборите се обезбедуваат од буџетот на државата, се исплаќаат преку ДИК. Притоа е уредено дека една третина од тие средства се за надомест на дел од трошоците за учесниците во изборната кампања, тоа е платеното политичко рекламирање. Додека останатите две третини се за останатите изборни дејствија, значи за изборните комисии, за изборниот материјал, рекламирање, објавување на соопштение во врска со изборите. Со самата можност, значи висината на платеното политичко рекламирање е уреденo во Изборниот законик. Значи две евра, доколку изборите се во еден круг, две евра по запишан избирач на територија на републиката и плус дополнително едно евро, доколку има, ако се работи за претседателски избори, нели, дополнително едно евро за бројот на избирачи на територијата на државата и за локалните избори за оние места каде што ќе има согласно бројот на избирачи на таа единица. Со самото тоа што се дозволува да средствата од редовната сметка за редовно работење кои се средства од буџетот се префрлаат, постои можност да се надмине тој износ кој е утврден во членот 88.
360°: Во делот на финансиските извештаи кои се најчестите забелешки кои вие ги нотирате кај одредени политички субјекти кои можеби се повторуваат?
Чалоска-Алексовска: Вака, во делот на финансиските извештаи, учесниците во избраната кампања најчести забелешки се однесуваат на делот на платеното политичко рекламирање. Што тоа значи? Значи дел од учесниците најчесто или не ги прикажуваат во целост, или ги изоставуваат да ги прикажат средствата кои им се добиени за платено политичко рекламирање. Како причина најчесто е тоа што овие средства не легнуваат на сметката, на трансакциската сметка за изборна кампања, туку директно, од Државната изборна комисија, со договор за асигнација, се исплатуваат до медиумите преку кое е извршено реализирано платеното политичко рекламирање.
360°: Гледате ли конкретно слабости во делот на платеното политичко рекламирање кај порталите?
Чалоска-Алексовска: Значи, останува еден вакуум, да речам, во мониторингот на рекламирањето преку интернет-медиумите или порталите. Што тоа значи? Значи, за мониторинг на платеното политичко рекламирање преку радиодифузерите, радијата и телевизиите, мониторинг врши Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Меѓутоа мониторинг над објавувањето на банерите на порталите нема воспоставен надзор, нема институција која го следи политичкото рекламирање. Изборниот законик укажува значи дека максимум 25 отсто од средствата за платено политичко рекламирање може да се користат за рекламирање преку интернет-порталите, и за печатените медиуми. За жал печатените медиуми, бидејќи живееме во ера на дигитализација, нели, учествуваат со незначителни некои, со еден процент, така да околу 22, 24 проценти зависи од изборниот циклус, отпаѓаат на средствата за порталите. Не е регулирано, значи, освен тоа дека треба интернет-медиумите да се регистрираат во пријавата и да ги достават ценовниците во Државната изборна комисија, не е регулирано колкав период претходно треба да бидат активни, дали едно правно лице доколку има еден, два, три портали, има право да добие 15 илјади евра максимум за секој портал посебно, или се мисли само на правното лице. Понатака немаме некое софтверско решение или некој интероперабилен систем, некој софтвер каде што ќе може да се мери кој ден биле фиксни објавите, банер-објавите, кои денови се рекламирани, дали се вршело објавување, дали да ги мери бројот на импресии. Значи некој софтвер кој ќе генерира да речам статистички податоци како ние би имале веродостојност во тоа што ни се претставува. Она што сега е регулирано е дека се остава на обврската на порталите, интернет-медиумите, да дадат изјава, и принт-скрин за секоја објава од ден нели каде што се врши, фиксна објава на фиксни банери, меѓутоа дали тие датуми можат да се менуваат, може самиот портал да ги прилагоди онака како што треба да биде, останува на самите портали. Така што, во тој поглед ние препорачуваме да се воспостави мониторинг, некој да го следи тоа платено политичко рекламирање и да се генерираат софтверски извештај, како би се потврдила веродостојноста. Понатака, за радиодифузерите и за телевизиите имаме казнени одредби. Доколку не достават извештај за реализирани услуги, меѓутоа за интернет-порталите нема такви казнени одредби, не се предвидени. Така да, постои потреба за доуредување и на тој дел.
360°: Иако Државниот завод за ревизија ги нема објавено последните извештаи за последните претседателски парламентарни избори, од друга страна да спомнам дека Антикорупциската комисија има објавено посебен извештај и за претседателски и за парламентарни избори. Мислам дека е релевантно да се спомене во овој разговор затоа што ДКСК смета дека финансирањето на изборниот процес со средства од буџетот би требало да се укине. Значи да скратам, антикорупционерите гледаат ризик од корупција на некој начин, значи, ризик од купување на уредувачката политика со пари од буџетот. Каква е вашата позиција во однос на плаќањето на партиските реклами од буџетот?
Чалоска-Алексовска: Како ќе се спроведува платеното политичко рекламирање, одлучуваат партиите преку своите претставници во законодавниот дом.
360°: Кои се препораките на Државниот завод за ревизија?
Чалоска-Алексовска: Па, составен дел на секој извештај и секоја состојба која ја утврдуваме се препораките кои ги даваме за надминување на состојбите, за разлика од останатите, да речам, политичките партии кои секоја година тие се да речам постојани субјекти, некои подолгорочни субјекти. Учесниците во изборната кампања се субјекти кои постојат само и се регистрираат само за изборниот процес. Така да, невозможно е да го следиме постапувањето по препораките и во самите извештаи, ние не даваме препораки за постапување до учесникот во изборната кампања, нормално во текот на ревизијата и одржуваме контакт и комуницираме со субјектите, укажуваме на слабостите и ги насочуваме како да постапуваат во идните периоди. Во делот на останати прашања каде што ги истакнуваме главните состојби да кажеме кои сметаме дека влијаат пред сѐ во законската регулатива и се на некој начин можеби причина за одредени состојби, сметаме дека надлежните институции треба да постапат по тие укажувања кои ги даваме секоја година во секој извештај, ревизорски извештај во континуитет, да постапат како би се надминале тие состојби и она што исто сметам дека е многу битно и за учесниците во изборната кампања е да се одржи едукација. Значи, со последните измени во Изборниот законик, во рамките на Државната изборна комисија е предвидено да се формира посебен центар за едукација, кој треба да ги едуцира сите засегнати страни и учесниците во изборната кампања, меѓутоа малце поголем фокус да се стави во делот на финансиското известување. Мислам дека тоа ќе биде едно од клучните чекори кои треба да ги направиме, како учесниците во изборната кампања би ги надминале и оние, да речам, слабости кои сега ги утврдуваме, би ги надминале.