И покрај тоа што е нивно, Комненови ниту вчера не успеаја да влезат на своето земјиште на ул. „Бутелска“ 22 и соодветно да го оградат. Ниту извршител ниту интервентната полиција не успеаја да ги натераат соседите да го ослободат земјиштето кое, иако не е во нивна сопственост, и натаму го користат како паркинг-простор
Интервентна полиција, извршител, багер и десетици возбудени граѓани. Ова беше сликата што вчера напладне можеше да ја види секој минувач на „Бутелска“ 22 во скопската Општина Бутел. Сите протагонисти учествуваа во „драма“ погодна за категоријата – верувале или не. Газда на имот сака да си ја огради парцелата, а соседите не му дозволуваат.
Оштетено, во случајот, е семејството Комненови. И покрај правосилната судска одлука во нивна корист, која ја користат како доказ за сопственост на земјиштето, вчера по вторпат извршителот не можеше да ја спроведе одлуката на судот. Соседите се собираат на „спорниот“ имот на кој имаат направено паркинг и не дозволуваат да се околчи тој дел од парцелата.
За разлика од првиот пат, поради очекуваниот отпор, сега извршителот дојде со полиција. Но таа не ги поколеба соседите. На парцелата што требаше да се огради имаше паркирани возила, а застанаа и жени и деца кои полицијата реши да не ги отстранува со сила. Меѓу другото, затоа што немаа жени полицајки кои би интервенирале кон сосетките.
Ставот на соседите е дека спорот за парцелата не е завршен и дека за неа се води судски процес за утврдување на вистинскиот сопственик, иако Комненови веќе имаат судска пресуда дека земјиштето е нивно, a тоа се утврдува и со имотниот лист за парцелата, кој се води на нивно име.
Целата приказна, според тврдењата на семејството Комненови, започнува кога во 2018 година соседите почнале насилно да ја туркаат жичената оградата на парцелата и постепено да ја користат како паркинг, иако таа во моментот била во постапка на приватизација.
„Малку по малку ја буткаа оградата. Од Општината баравме заштита, но не ни дадоа. Сè што правеа не беше потврдено ниту со документ. На што ви изгледа вам ова кога имаат поддршка од Општината? Тоа е направено во координација со градоначалникот“,
тврди Ивица Комненов, чие земјиште е узурпирано од соседите.
По овој потег на соседите, вели Комненов, во 2019 година тогашниот градоначалник на Општина Бутел, Велимир Смилевски од редовите на СДСМ, на Комненови им ветил дека откако земјиштето конечно ќе се приватизира и ќе биде во нивни раце, ќе може да го оградат и да го користат. Дотогаш на нивните соседите им вели оти истото тоа земјиште може да го користат како паркинг-простор.
По „зеленото светло“, кое Комненов тврди дека Смилевски им го дал на соседите за користење на земјиштето како паркинг, дошле и вработени од Јавното претпријатие „Улици и патишта“ кои на државен празник, 1 Мај, почнале на земјиштето да истураат градежен шут, земја и песок, за парцелата да ја добие својата нова намена.
„Ние се судевме со ‘Улици и патишта’ затоа што истуриja дробен камен, а тоа го прават за трети лица, односно за на соседите да им направат паркинг“,
додава Комненов.
Ова што го говори Комненов се потврдува и во документот на судската пресуда од Основниот граѓански суд Скопје, каде што е наведено оти Јавното претпријатие е должно да постапи според одлуката, односно парцелата да ја врати во првобитната состојба.
„Се задолжува тужениот Јавно претпријатие ‘Улици и патишта’ Скопје да престане со таквото вознемирување на правото на сопственост на тужителката на КП бр 23241/1 за КО Бутел и на КП бр. 2325 за КО Бутел и да ја воспостави поранешната состојба на земјиштето и на овие парцели и да ги доведе недвижностите во состојба каква што била пред 3.3.2019 година, а во рок од 15 дена од приемот на пресудата, а доколку тоа не го стори тужениот по истекот на тој рок тоа ќе го стори тужителката Славица Комненова на трошок на тужениот, по пат на присилно извршување“,
се наведува во пресудата од 2021 година.
„360 степени“ го побара и поранешниот градоначалник на Бутел, Велимир Смилевски. Се сети на случајот и кажа дека лично ги советувал Комненови прво да ја дооформат парцелата, која сега е спорна, пред да се постапува.
„Јас ги подучував дека можат да бидат сопственици само ако ја дооформат парцелата, односно да ја купат од државата. Јас ги советував да го направат тоа. По поднесувањето на документите, ја дооформија парцелата и станаа сопственици. За ние да ги тргневме луѓето (соседите н.з.) треба да имаме судска пресуда, која во тој момент ја немаше“,
тврди Смилевски.
Според Смилевски, Општината не учествувала во поставувањето чакал и земја на дел од парцелата за да се направи паркинг. Вели дека жителите сами си ангажирале фирма. За разлика од Комненови, ексградоначалникот тврди дека дел од спорното земјиште служело за паркинг од многу поодамна.
„Ние не можевме да ги избркаме луѓето што паркираат таму 30-40 години додека ние не добиеме документ од судот. А и нема објект што ние би го рушеле“,
вели Смилевски.
Од друга страна, пак, семејството Комненови тврди дека има поднесено претставки и до судијката која е надлежна за спорот со „Улици и патишта“ и до претседателот на судот, но, како што вели, никој не одговара и не ја извршува пресудата, дури и по една година откако таа е правосилна и откако парцелата е внесена во имотниот лист под нивно име.
Следниот обид за извршување на судската одлука за отстапување на земјиштето на семејството Комненови веројатно ќе се случи за околу еден месец, кога меѓу полицајците ќе има и полицајки – причината поради која вчерашното постапување не беше спроведено.