„Во ликвидација“ – пишува во досието на Централниот регистар на Бугарија покрај името на Граѓанското здружение за заштита на основни индивидуални човечки права, организацијата која го отвори клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград
Причината за затворањето на здружението регистрирано во 2019 година е процесот кој уште истата година го почнува тамошното обвинтелство, но сега добива правна разврска
Уште не се средија впечатоците од Благоевград, а граѓанското здружение што го отвори клубот „Никола Вапцаров“ во Бугарија заминува во ликвидација.
„Јас не знаев, сега станав свесен дека нашето здружение е укинато.“
вели Атанас Мазнев, основач на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“.
Одлуката е правосилна од првата половина на месецов, а основата е случај отворен од јавното обвинителство во Благоевград со тврдење дека целите на Граѓанското здружение за заштита на основни индивидуални човечки права, регистрирано во 2019 година, се спротивни на бугарските Устав и закони.
Независно од судските одлуки, градоначалникот на Благоевград вели дека отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ било приватен чин. Kога ќе се отвора државен Културно-информативен центар…
„Со сигурност, кога ќе биде официјален клуб ,би присуствувал и ќе присуствувам.“
вели градоначалникот Илко Стојанов.
Што се случи во, после, но и пред Благоевград?
Политичарите влегоа брзо, новинарите чекаа еден час. Такво добредојде на граничниот премин Делчево-Лисичково добија патниците тргнати кон Благоевград – местото на отворање на клубот „Никола Вапцаров“.

А и странците и домашните, во центарот на градот, ги чекаше силно полициско обезбедување. Беа таму за да ги двојат демонстрантите собрани против граѓаните дојдени за настанот во малата просторија сместена во приземјето на зградата со бр.14 на улицата „Димитар Димов“.
Добронамерниците беа пречекани со колачи, а на трпезата имаше и лепче. Присутните едвај успеваа да ги слушнат говорите додека од непосредна близина на звучник ечеа бугарски песни.

„Ние не сакаме да судиме, ние едноставно сакаме да сме рамноправни како останатите граѓани. Сакаме да се кажеме дека сме Македонци без да бидеме навредувани. Да можеме да се собираме и да твориме без страв.“
порача Милан Ризаков од ОМО Илинден „Пирин“.
Дел од гостите само се заблагодарија за поканата, а дел ја искористија можноста да кажат дека дошле за поддршка.
„Се надевам дека во иднина она што е нормално, да се отвораат клубови кои ќе поврзуваат, а ние имаме многу со бугарскиот народ и дека вакви ликови коишто не поврзуваат ќе бидат имиња и на бугарските клубови во Македонија, а не како сега да ги сфаќаме како провокација.“
изјави Димитар Апасиев, пратеник и лидер на Левица.
На улицата пред клубот тешко можеше да се разликува кој е дојден за поддршка, а кој за провокација. Отспротива, без присутни помал број поддржувачи на бугарската ВМРО-БНД. Меѓу новинарите, пак, се појави човек што се претстави како наследник на Вапцаров и се обиде да му подари книга на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
„Тука се е напишано, особено на последната страница си е напишано, тоа е ракопис на Никола Вапцаров каде што пишува кој е, што е.
–Ќе ви дадам јас една книга од нашата македонска историја што ја напишал Никола Јонков Впацаров за Македонија и неговиот македонски иднетитет. Следниот пат ви ветувам ќе ви дадам книга“,
објаснуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Клубот во Благоевград немаше да се отвори без помошта од македонска организација од Канада, која негува анти-НАТО, анти-САД и анти-ЕУ ставови. Па, го прашавме лидерот на опозицијата – дали му пречи што меѓу финансиерите на настанот е такво здружение?
„Не , иднината на Македонија е во Европа и очекуваме така бидејќи се наоѓаме во ЕУ, така и да се однесува – европски и да го почитува овој клуб и да ги почитува Македонците во Бугарија“
рече Мицкоски.
Оние што присуствуваа на отворањето на клубот потоа тргнаа да положат цвеќе на повеќе споменици во центарот на градот. Но, по пат почнаа инциденти.

„Врати го УСБ-то, крадец! Предавници! Зборувај бугарски, не се прави. И тој е предавник, и тој е предавник! Србите ви даваат пари! Мицкоски и ти си предавник на Бугарија“
извикуваше еден од демонстрантите.
По интервенција на полицијата толпата се расчисти, а поворката продолжи и положи цвеќе на споменикот на Димитар Благоев, по кого е именуван градот.
„Дојдовме за поддршка и верувам дека по ова ќе се охрабрат повеќе луѓе да можат слободно да си ги практикуваат своите права како Македонци и од друга страна мислам дека ова може да придонесе да се спроведат пресудите кои ги имаат добиено македонските здруженија во Бугарија“
порача поранешната пратеничка Лилјана Поповска.
Со венците и цвеќињата в раце, граѓаните сепак не успеаја да стигнат до споменикот на Гоце Делчев. Таму протестираше европратеникот Ангел Џамбаски со своите поддржувачи.

Поради безбедносниот ризик, полицијата не дозволи да се оддаде почит и на ова место. Цвеќињата останаа на неколку метри од споменикот, а гостите се упатија на последната локација.
Се смири атмосферата и во центарот и пред клубот.
„Треба да се разбираме, ние имаме роднини во Струмица, си одиме на гости, тие доаѓаат кај нас, зошто треба да има скандали?
–Вам ви пречи отворањето на овој клуб? – Не. Тоа е во соседната до нас кооперација, зошто да ни пречи, само да е тивко, да нема скандали.
–А, ваше е знамето?- Да
-Секој ден стои тука? –Не, за празници ги изложуваме, не може секој ден да стои.
–А, кој празник е денеска? –Денеска е недела, убав ден.“
вели жителка на Благоевград.
По настанот, во клубот останаа неколку луѓе. Меѓу оние што ги средуваа впечатоците, релативно задоволен беше и Јанко Банчев, од Единствена Македонија.

„Тоа е вообичаено при вакви настани, изолирани инциденти, а додека се движеше поворката, од тука од клубот до црквата видов многу луѓе кои седеа околу во кафаните, кафичите, видов кај нив една восхит, една поддршка им се гледаше во очите на луѓето“
изјави Јанко Бачев.
Но, еден од основачите на клубот и на организацијата што стои зад клубот – Граѓанското здружение за заштита на основни индивидуални човечки права, тогаш објави дека регистрацијата им е поништена.

„Јас не знаев, сега ми стана јасно дека нашето здружение е прекинато. Прекинато е по законски пат од надлежен судски орган. Но, прекинувањето не е легитимно, поради тоа што ние имаме 15 други барања кои, исто така, се прекинати од бугарските институции, но во Европа тие се отфрлени. Ние како Европејци, како жители на Бугарија, па оттука жители на Европа, сметаме дека се прекршени европските правила за општествен живот.“
вели Атанас Мазнев основач на Здружението за заштита на основни индивидуални човечки права и македонскиот културен центар „Никола Вапцаров“.
Според проверките што ги направи „360 степени“, на страницата на бугарскиот Централен регистар пишува дека здружението е „во ликвидација“. Последен документ во влошката на здружението е судска одлука која датира од втората половина на месецов. Не бевме во можност да извршиме увид во документот, но извесно е дека станува збор за правосилна пресуда по предмет почнат од тамошното обвинителство. Овој државен орган уште во 2019 година се жалел на тоа што Централниот регистар го впишал здружението.

Уште едно непријатно прашање за ораганизаторите беа анти-западните гледишта на дел од нивните донатори.
„Благодарни сме им на тие кои не поддржуваат, а за тоа какви позиции заземаат во светот е второстепено. Ние не би сакале да учествуваме во тие спорови.“
додаде Мазнев.

Од каде доаѓаат парите за настанот не беше важно и за поранешната пратеничка Лилјана Поповска и други лица кои дадоа поддршка. А некои од жителите на Благоевград не ни знаеја што се случува во нивниот град.
„Не знам, не знам, ниту го познавам Џамбаски ниту партијата не му ја знам кои се и што сакаат. Не можам да ви кажам“
изјави граѓанин.
„Мислам дека треба да се отворат што повеќе клубови за да можат навистина да се дружат народите зашто ние сме еден народ.“
порача жител на Благоевград.
„Едноставно, така отвораат но Македонија си е држава од кога, не е од вчера“
порача жителка.

Општинската зграда се наоѓа на плоштадот во Благоевград во близина на театарот Никола Вапцаров и еден од спомениците каде беше положено цвеќе. Токму Советот на Општина е меѓу првите кои со декларација се спротивставија на отворањето на културниот центар, оценувајќи го како провокација. Од градоначалникот побаравме одговори дали и тој е на истиот став, дали до него стигнало официјално барање и зошто е спорно отворањето на македонкиот културен ценатр „Никола Вапцаров“?
Градоначалникот Илко Стојанов, кадар на партијата Има таков народ на Слави Трифонов, не прими во неговиот кабинет. Според него, важно е што настанот поминал без поголеми инциденти.
„Општинскиот совет е различен орган од градоначалникот на општината, но тоа што го изнесоа како декларација е навистина нивно произнесување, тоа го одлучува општинскиот совет. Во моето изнесување, како што кажав пред малку, сакам да го истакнам, навистина, Благоевград е општина која одлично соработува со многу македонски општини. Единствено што како градоначалник сакам е да биде спокојно, да не сееме омраза, напротив, да градиме мостови.“
вели градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов.

Стојанов вели дека е „за“ отворање на Културно-информативен центар во Благоевград, но тој да биде официјален, како што најавил премиерот Димитар Ковачевски.
„Со сигурност, кога ќе биде официјален клуб би присуствувал и ќе присуствувам и, навистина, претходно треба да поработиме околу локацијата, да одбереме соодветно место, тука веќе може да помогне и бугарската држава, кога е соодветно, по официјалниот ред“
додава Стојанов.
Пред заминување, уште еднаш ги поминавме „жешките“ места на денот во Благоевград. Цвеќињата во близина на споменикот на Гоце Делчев веќе беа отстранети. Кај споменикот на Димитар Благоев недостасуваа само лентите со посвета.

На „Димитар Димов“ бр 14 не испратија преостанатите новинари, една полициска патрола и оштетените букви на името на клубот со цитатот од песната „Земја“ на Никола Вапцаров.