Премиерите Ковачевски и Петков, во Клубот на пратениците, официјално ќе го промовираат проектот за помош во развојот „Електронски дневник за лица со дијабетес“, кој премиерот Петков ќе му го врачи на премиерот Ковачевски како донација од Република Бугарија
Премерот на Бугарија, Кирил Петков, кој денеска е во прва официјална посета, предмалку беше пречекан пред Владата од премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, со највисоки државни почести.
По интонирањето на химните, двајцата премиери во Владата ги започнаа тет-а-тет разговорите. Одделни средби ќе имаат и вицепремиерот Бојан Маричиќ со потпретседателот на бугарското Народно собрание, Кристијан Вигенин, министрите за надворешни работи на двете држави, Бујар Османи и Теодора Генчовска, како и министрите за транспорт и врски Благој Бочварски и Николај Сабев.






Програмата за посетата потоа предвидува пленарен состанок на двете делегации со кој ќе претседаваат премиерите Ковачевски и Петков, по што напладне ќе имаат заедничка прес-конференција.
Премиерите Ковачевски и Петков потоа, во Клубот на пратениците, официјално ќе го промовираат проектот за помош во развојот „Електронски дневник за лица со дијабетес“, кој премиерот Петков ќе му го врачи на премиерот Ковачевски како донација од Република Бугарија.
Во преостанатиот дел од агендата за посетата на делегацијата на Република Бугарија, премиерот Петков ќе има одделни средби со претседателот Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието Талат Џафери.
Официјалната посета е предвидено да заврши во вечерните часови, по што владината делегација на Република Бугарија ќе замине за Меѓународниот аеродром Скопје на лет за Софија.
Петков пристигна утрово со авион на скопскиот аеродром каде што го пречека министерот за надворешни работи Бујар Османи.


