Поради невремето без струја остана и филтер станицата во Тработивиште и водоснабдувањето во моментов се врши исклучиво преку браната Лошана, па се препорачува граѓаните водата да не ја користат за пиење, информира директорот Комуналното претпријатие „Брегалница“, Стојче Стојковски
Тој упати апел до граѓаните да останат смирени и да пријават доколку има потреба за помош од страна на јавното претпријатие
Делови од Делчево останаа во мрак по силното невреме што вечерва го зафати градот и предизвика големи штети во градот.
Повеќе улици се под вода и се непроодни, а дел од градот од левата страна на река Брегалница е се уште без струја.

Силното невреме урна кровови, откорна дрвја, сруши бандери, лимови, оџаци…Голема штета е предизвикана и на Градскиот пазар, урнат е дел од кровот на училиштето „Ванчо Прке“. Улицата пред училиштето е блокирана поради искршените лимови од силниот ветер паднати на коловозот.
Прироритет во моментов е расчистување на коловозите од градот кон граничниот премин, како и на паднати дрвја кои се регистрирани на многу места, рече директорот на Комуналното претпријатие „Брегалница“ Стојче Стојковски за МИА.
„Во координација сме со сите служби, со Центарот за управување со кризи. Работиме со сите наши капацитети, на терен се сите вработени. Приоритет е расчистување на сообраќајниците, освен таму каде што има паднати електрични столбови каде се работи во координација со кои го одржуваат јавното осветлување за да може безбедно да се пристапи кон нивно отстранување“,
рече Стојковски.
Тој додаде дека засега нема информации за човечки жртви.
Поради невремето без струја е филтер станицата во Тработивиште и водоснабдувањето во моментов се врши исклучиво преку браната Лошана, па се препорачува до граѓаните водата да не ја користат за пиење.
Стојковски упати апел до граѓаните да останат смирени и да информираат доколку има потреба за интеревенции од страна на јавното претпријатие.
Пратеничката Соња Михаиловска, која е лекар по професија, за МИА потврди дека според информациите добиени од Итната медициснка помош во Делчево, засега нема повредени.
Се очекува вечерва да се одржи состанок на надлежните институции со цел да се утврдат понатамошните дејствија за санирање на штетите од невремето.