Дезинформациите, според извештаите на ЕУ за земјава, се третираат во корпусот „хибридни закани“. Во последниот таков документ, за 2024 година, земјата е пофалена за неколку преземени чекори, вклучително за размената на информации со партнерски земји, формирањето владин совет и спроведување на стратегија 2021-2025 година. Сепак, има и критика дека се потребни повеќе конкретни чекори. Од актуелната влада не добивме потврда дали советот кој се споменува во извештајот на ЕУ и натаму постои
Владината портпаролка Марија Митева тврди дека новата влада успеала да воспостави координиран комуникациски систем со кој, смета таа, ќе се намалат лажните вести и дезинформации. Во тек се и други процеси. Дел од невладиниот сектор, сепак, обвинува дека извршната власт не соработува по прашањето, на што Митева возвраќа дека не е точно
На фејсбук-страница именувана како „Јавен превоз во Скопје“ минатиот месец беше споделено дека ЈСП нуди бесплатен превоз. За 120 денари, како што пишуваше во објавата, со т.н. транспортна картичка, жителите на Скопје би можеле да се возат со сите автобуси низ градот. Во објавата беше споделен и линк за повеќе информации, но наместо детали од линкот станува јасно дека се работи за измама.

Лажната вест за бесплатен превоз е само една во мноштвото дезинформации кои се споделуваат на социјалните мрежи, а ги нотираат новинарите што прават проверка на факти. Главниот уредник на „Вистиномер“, Владимир Петрески, вели дека некои се повторуваат, како во случајот со ЈСП или се совпаѓаат со слични измами.
„Гледате, ова е веќе рецензирано и обележано е како лажна информација. Кога ќе отидете на страницата, кога ќе навлезете подлабоко, еве, вика примарна земја или регион, локација на луѓето што управуваат со оваа страница, тоа е од Виетнам. Значи, ова е меѓународна измама, глобална. Ние на европско ниво ова го имаме анализирано. Ова се преку сто градови, можеби 500 градови во цела Европа. Големи држави, на пример, има за 20-30 градови се нудат вакви лажни карти“,
вели Владимир Петрески, главен уредник во „Вистиномер“.
Петрески и неговите колеги „ловат“ дезинформации поврзани со вакцини, криптовалути, реклами за лажни лекови во кои се злоупотребуваат јавни личности, теории на заговор, но и објави со политички контекст. Особено актуелни се наративите поврзани со војната во Украина.
Според Петрески, тоа се нарекува хибридна војна, а ја води Кремљ. Целите се неколкукратни.
„Меѓународните организации како НАТО се напаѓаат директно, се нарекуваат агресори. Европската Унија се нарекува нацистичка, фашистичка, дури и некои функционери од Европа директно се нарекуваат така. Се проблематизираат нивните предци како да биле нацисти, што не е точно, се разбира, и тоа е повторно наратив на Кремљ. Со тоа се сака да се урне легитимитетот на Европската Унија, и тоа особено овде кај нас затоа што ние сме, нели, кандидат за членство на Европската Унија, за или никогаш да не станеме членки или нашето зачленување да се одложи, односно да се креира отпор во јавноста против Европската Унија“,
додава Петрески.

Дезинформациите се многу повеќе од само лажни вести. Тоа се неточни содржини кои се шират со намера да наштетат некому. Има и посебна категорија дезинформации кои во светски рамки се дефинираат како странско влијание и манипулации со информации. Токму тие се предмет на анализа за граѓанските организации како „Метаморфозис“, која е дел од регионалната мрежа против дезинформации на Балканот.
Директорот за партнерство и развој на ресурси, Филип Стојановски, вели дека целта на овој тип дезинформации е да се наштети на демократскиот систем, насочувајќи ја државата надвор од стратешките интереси како ЕУ и НАТО.
„Кај нас најголем дел од таквите дезинформациски наративи се за продлабочување на поделби и создавање конфликт, било во нашето општество – меѓуетнички, меѓусоцијални, меѓуполитички и било која друга основа, а на ниво на регионот и меѓу државите. Затоа сметаме дека дезинформациите не само што ја имаат таа геополитичка компонента која влијае на целиот правец на државата, тие влијаат и директно на животот на граѓаните“,
вели Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси во „Метаморфозис“.

Државата треба да има систем за одбрана од дезинформации и штетни влијанија, вели Стојановски. Додава дека изминативе години била иницирана стратешка рамка, со вклученост на неколку општествени чинители.
„Не само што од тоа имаме практична потреба во секојдневието или на ниво на безбедност, туку е и дел од процесот на европски интеграции бидејќи од 2024 година, како дел од поглавјето за одбрана и меѓународни односи, се бара државите да создадат таков механизам за отпорност кон овој тип на штетни антидемократски влијанија, било од странство, било преку дезинформации“,
додава Стојановски.
Кога станува збор за лажни вести и измами, земјава веќе има „голем багаж“ во светски рамки. Извозот на дезинформации од Велес и нивните објави за Трамп беа посочени како причина за Владата во 2019 година да почне посериозно да се занимава со проблемот на дезинформации.
„Како одговор на овие сајбер-закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност, Владата работи на Акциски план за справување со дезинформациите на системско ниво. Нашата цел е да ја зајакнеме националната безбедност и сигурноста на граѓаните на нашата земја“,
изјави тогашниот премиер Зоран Заев. (24.07.2019г.)
Планот предвидуваше јакнење на соработката меѓу институциите, зголемување на транспарентноста и едукација на населението за штетното влијание на дезинформациите.

Со оглед на тоа што следуваше ковид-период, а потоа и процес на зачленување во НАТО, дополнително се вклучил алармот кај институциите и Владата дека е потребно јакнење на механизмот за отпорност од дезинформации. Светлана Силјановска, консултантка за стратешки комуникации и справување со дезинформации, во тој период беше советничка во Владата.
„Со нашето зачленување во НАТО, односно со периодот на зачленувањето во НАТО не само што јасно се исцртаа контурите на проблемот, јасно се исцртаа и линиите по коишто институциите мора да постапуваат. Во тоа време се воспостави некаква координација помеѓу, да речеме, 15-ина институции на ниво на извршната власт. Тоа е, да речеме, Министерството за образование во делот на медиумска писменост, да речеме безбедносните министерства како што се Одбрана и МВР во делот којшто ги засега, којшто ја засега безбедносната природа, Здравство коешто, нели, ги засега, го засега здравствениот аспект, односно сите аспекти до коишто тој проблем некако може да допре во секојдневниот живот на граѓаните“,
вели Светлана Силјаноска, консултантка за стратешки комуникации и справување со дезинформации.

Дека дел од дезинформациите може да имаат фатален исход се потврдило токму во пандемијата, потенцира Силјановска.
„Во пандемијата имавме, да речеме, случаи каде што лекари ни пријавуваа дека пациентите доаѓаат премногу доцна да побараат лекарска помош, затоа што е проширена дезинформација дека лекарите, не знам, здрави пациенти убиваат во име на ковид и за тоа земаат некакви пари. Тоа беше еден од, да речеме, најсериозните проблеми коишто директно влијае врз живот на граѓанин. И тоа беше поводот Министерството за здравство да воспостави една стратегија за управување со информации
посочува Силјаноска.,којашто подразбира дека министерството ќе работи со здравствените работници, со кадарот, коишто ќе работат со граѓаните за да може да се воспостави и тоа ниво на доверба, меѓутоа и тоа ниво на точно и правилно информирање“,
Рамката на дејствување е поставена, посочува Силјановска, и порачува дека искуството покажало дека вклученост на целото општество е единствениот правилен начин за борба со дезинформациите.
„Во тоа време размислувавме за совет којшто ќе биде по истиот принцип на Советот за соработка со граѓански организации, односно ќе биде тело коешто ќе се бави со проблемот, меѓутоа во себе ќе вклучи и граѓански организации, и медиумски организации, и академска заедница, дури и бизнис-заедницата, ако е тоа потребно, бидејќи различните сегменти на различен начин допираат до ова прашање“,
додава Силјаноска.
Во последниот извештај на Европската комисија за земјава, за 2024 година, е нотирано дека Македонија е членка на Европскиот центар за борба со хибридни закани и дека разменува информации со партнерските разузнавачки служби. Понатаму, се вели во извештајот, земјата ја спроведува стратегијата 2021-2025 година, а од март 2024 има и совет со кој претседава премиерот.
Владата, забележува Брисел, има направено рамка, а невладиниот сектор и препораки за заедничко дејствување против малигни влијанија со дезинформации. Но…

„Потребни се дополнителни напори за намалување на можностите за странски вмешувања и манипулации со информациите, вклучително и дезинформации, и да се изгради општествена отпорност на нив и на другите форми на хибридни закани“,
се наведува во извештајот на ЕК.
Од Владата не добивме одговор на прашањето – дали Советот кој го одржал својот прв состанок за време на техничката влада на Талат Џафери и натаму функционира. Во однос на заклучоците на Брисел дека земјава има и рамки и препораки, од Владата велат дека допрва се дефинира процесот за справување со дезинформациите.
„Она што успеавме како Влада изминативе година и неколку месеци да го направиме е да воспоставиме координиран комуникациски систем меѓу Владата, институциите, министерствата, сè со цел да го направиме првиот чекор – а тоа е да имаме унифицирано пренесување на пораката. Затоа што сметаме дека така ќе ги намалиме оние лажни вести или дезинформации кои би се јавувале. Сакам да потенцирам дека работиме на комплетно нов документ кој се однесува на Стратегија за транспарентност. Целта наша е во тој документ да има посебен дел посветен на дезинформациите и така некако ќе ја воспоставиме таа рамка која ни недостасува“,
– Кои се приоритетни области од она што изминативе година дена ги имате детектирано како најранливи? Предизборието, одбраната, здравството?
„Сите сектори се ранливи кога станува збор за дезинформации. Не би ги класифицирала на повеќе или помалку, затоа што дезинформацијата е штетна сама по себе за јавноста. Затоа фокусот го правиме на широка димензија. Се фокусираме исклучително преку следење на социјалните мрежи, како што напоменав. Ќе го дадам примерот со измената на Законот за медиуми, каде што воведовме и регистар за онлајн портали. Тоа се чекори кои во самиот почеток можеби е тешко да ги видиме резултатите затоа што за истото бара време, но е добар импулс дека ќе може барем уредничката структура да биде дефинирана и така граѓаните да знаат од каде ги добиваат вестите“,
додава Митева.
Митева ги отфрла критиките на дел од граѓанскиот сектор дека е закочена соработката со нив. Формирана е работна група со претставници на невладините, медиумските здруженија и институциите, посочува Митева. Досега е одржана една средба, а иницијативата е на Институтот за комуникациски студии.
Првата средба била за запознавање со проблемот на дезинформации.
„Главниот проблем е дека постои недоволна координација меѓу тие институции во рамки на систематизиран одговор, односно систематски одговор на заканите коишто доаѓаат со хибридните закани, со дезинформациите и со странските влијанија
вели Бојан Георгиевски од Институтот за комуникациски студии..Тоа води кон потенцијален хаос во однос на реакциите коишто ги има државата кон таквите закани. Еве како пример би го дал и нападот којшто беше во 2023 година кон Фондот за здравствено осигурување, каде што се дозна подоцна од извештајот на Државниот завод за ревизија дека не постоел некој висок степен на загриженост околу предупредувањата коишто им биле упатувани на ИТ-секторот во Фондот, и игнорирањето на тие предупредувања доведе до сериозно загрозување на личните податоци на граѓаните“,

Од Институтот за комуникациски студии посочуваат дека заклучоците од средбите сепак не се обврзувачки, туку советодавни. Понатаму останува на институциите дали ќе ги имплементираат препораките кои би произлегле од средбите.
Но, она што е јасно и во што се согласуваат нашите соговорници, е дека државата мора да го подигне нивото на отпорност на дезинформациите, кои сè побрзо се шират и сè потешко се препознаваат.