„Значи, министре, кога ние ќе бидеме исплатени по грло? Како што кажа Злате, ние програмата воопшто не ти ја поддржуваме. И ние не сме со друга багра, ние сме со вас, знаеш. Кој те гласаше тебе, кој те шеташе по селата, сега не, не те признавам оти не работиш како што треба, ќе чекам новиот министер да дојде за еден месец, тоа ми е јасно. Друга работа сега, дали тој ќе ги продолжи вашите програми, како што кажуваш, тоа треба да го гарантира Мицкоски“, рече еден битолски сточар на вчерашната трибина со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски во рамките на кампањата „Гласот што го слушаме – македонско најдобро“
Јас дојдов, замижав, ја поддржав програмата тогаш, затоа што кога бевме во кабинeтот ми рече дека ќе почнеме со исплата, го исплати грозјето за да одиш на Свети Трифун. На 13 февруари лани ветивте 1 600 хектари земја од Комбинатот (Земјоделски комбинат „Пелагонија“ н.з.), каде што се 1 600 хектари.

Ова е само една од многубројните и жестоки по децибели дискусии што можеа да се слушнат од битолските земјоделци на вчерашната трибина со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски во рамките на кампањата „Гласот што го слушаме – македонско најдобро“.
За атмосферата од трибината говорат кратките видеа што на својот фејсбук-профил ги објави „Зелена берза“.
Како што може да се види и слушне од нив, дел од земјоделците револтирано прашуваат зошто доцнат субвенциите за сточните грла, а до министерот упатија и критики за начинот на кој се доделува државната помош за земјоделско земјиште.
И додека дискусиите говорат за критики, од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство велат дека нападите дошле од поединци по однапред смислено сценарио.
Од она што може да се слушне, дел од земјоделците бараат субвенциите да им бидат исплатени по килограм за она што ќе го произведат, директно ним, а не на сопствениците од кои ги изнајмуваат нивите.
„Зошто толку си ја мачите душата со субвенциите, министре, дај ни субвенции на килограм, не на хектар. Зошто? Ние изнајмуваме ниви, но тие не се со договор, не ни даваат договор. И сега јас што да правам како земјоделец, јас имам фарма, ја земам нивата под наем, му плаќам кирија на газдата, тој мене не ми дава пусулче дека јас ја земам (под наем, н.з.) нивата, 99 отсто не даваат. И сега што прави газдата – јас ја обработувам земјата, имам фарма, ми треба земја, а газдата си ги зема субвенциите, си ја зема нафтата, за мене нема ништо. Тоа запиши си го. Зошто си ја мачиш душата, абе на кило дај ми субвенции, ако сум предал 200 тони, дај ми за тие 200 тони, тој што ја изнајмува нивата не треба да зема субвенции, едноставно“,
рече еден од земјоделците.
Незадоволство може да се слушне и од сточарите, кои велат дека субвенциите им доцнат, иако им било ветено дека ќе им бидат исплатени навреме.
„Грло е грло, еве сега овчарите зедоа, и на краварите им треба. Грло е грло. Имате пари да ги исплатите, кажете имате или немате, кажете – речи немаме, што се срамиш, зошто не плаќаш. Те чекаме цела година, еве уште четири месеци поминаа. Плус имаме субвенции што кажа дека ќе ги исплатите, каде се“,
рече друг сточар.
Неговата дискусија во еден момент беше прекината од еден од присутните во салата, кој рече: „Од СДС не баравте, сега барате“.
„Кој барал од СДС, скапан еден“,
возврати говорникот по што настана кавга во салата.
Откако се смирија страстите, сточарот продолжи.
„Значи, министре, кога ние ќе бидеме исплатени по грло? Како што кажа Злате, ние програмата воопшто не ти ја поддржуваме. И ние не сме со друга багра, ние сме со вас, знаеш. Кој те гласаше тебе, кој те шеташе по селата, сега не, не те признавам оти не работиш како што треба, ќе чекам новиот министер да дојде за еден месец, тоа ми е јасно. Друга работа сега, дали тој ќе ги продолжи вашите програми, како што кажуваш, тоа треба да го гарантира Мицкоски“,
рече говорникот.
Незадоволство од исплатата на субвенциите искажа и друг сточар, кој рече дека во време на криза ако помошта не се исплаќа како што треба и како што се ветува нема да има земјоделство и домашното производство на храна ќе секне.
„Со земјоделскиот пакет во ова кризно време одиме надолу. Млекото се откупува за 25 денари, субвенции ми ветувавте пред изборната кампања за девет месеци, ми дадовте за три. Ако ги добиев јас тие субвенции во септември, немаше да продавам три јуници за да посеам 11 хектари. Ако ги добиев субвенциите, ќе купев два тони нафта, сега ќе купам 500 килограми, така што ако не нè помогнете сега и ако не ни излезете во пресрет во ова кризно време, тогаш нема храна, нема земјоделство, нема фарми, ќе се испустат. Двајца в село зедоа визи за Австралија, ќе си одат, а такви ќе ги има многу“,
наведе земјоделецот.
Ресорниот министер одговори на дел од прашањата во однос на субвенциите. За доцнењето на дел од нив рече дека тоа се должи на административни процедури што одземаат време, но ќе бидат завршени. Рече дека досега се исплатени 50 милиони евра субвенции и дека тоа што го ветил ќе го исполни.
„Од почетокот на носењето на програмата, од почеток на февруари до вчерашната исплата којашто се случи кон овчарите во Република Македонија, коишто зедоа 16 милиони евра субвенции заслужени, државата има исплатено речиси 50 милиони евра за два месеци. Оние што не ги заслужуваат од икс причини, нормално нема да им бидат исплатени. Во делот на земјоделското земјиште, јас овде пред една година, во една друга сала ветив дека ќе ослободиме 1 600 хектари од ЗК ‘Пелагонија’, плус дополнителни коишто се ослободени од оние коишто земале, а не работеле, што сакаат да глумат земјоделци и да висат на државниот буџет. Веќе е избришано корисничкото право од страна на Агенцијата за катастар. Само да знаете дека се работи за стотици илјади ка-пе проекти коишто се во тие договори кои што се анексирани од ЗК ‘Пелагонија’ и мора административно да се спроведе. Дополнително, има уште една пречка којашто практично не дозволуваше или имаше момент на сопнување да објавиме еден наменски оглас за сточарите во Македонија. Јас овде од Битола ветив дека ќе има наменски оглас за сточарите и тоа ќе го исполнам, а тоа што ни требало малку време да средам други административни работи мислам дека нема ми замерите и нема да бидам како еден претходен министер којшто само ветуваше, а не реализираше. Јас мојот збор ќе си го одржам и тоа ќе го видите за многу скоро од денеска, и затоа сум овде пред вас со крената глава. Може нешто ќе се пролонгира поради склоп на околности, меѓутоа нема да биде одложено“,
кажа Трипуновски.

Во врска со вчерашната трибина денеска преку писмено соопштение реагира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од каде што велат дека дискусијата била конструктивна, а однесувањето на одредени поединци го припишаа на однапред смислено сценарио.
„Земјоделците на трибината поставија низа прашања, на нив беше одговорено, што и ja претставува суштината на оваа кампања. Целта на трибината е директен дијалог и слушање на реалните потреби на македонските земјоделци. Воедно, сакаме да истакнеме дека однесувањето на одредени поединци и однапред смисленото сценарио говори исклучиво за нив самите. Апелираме информациите да се пренесуваат објективно, без генерализација која не ја отсликува реалната слика од вчерашната трибина“,
се вели во реакцијата од МЗШВ.
