Во првиот круг повеќе гласови освои Сотир Лукровски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Неговиот противкандидат, Стевчо Јакимовски, доби околу 1 500 помалку од него
Победникот во вториот круг, се чини, ќе го одлучат граѓаните кои на 19 октомври гласаа за другите кандидати, а тие вкупно над 9 000
Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ и Стевчо Јакимовски од ГРОМ – тоа се имињата на двајцата кандидати кои останаа во трката за градоначалничката фотелја во Карпош.
Освен што се од спротивставени политички групации, станува збор и за сосема различни профили. Лукровски нема кариера во политиката туку во приватниот сектор. Јакимовски е во политиката речиси цел животи и има четири градоначалнички мандати – токму во Карпош. Во првиот круг, повеќе гласови освои Сотир Лукровски – 10 284, односно 34,51%. Стевчо Јакимовски освои 8 761 глас или 29,4%.

Гласовите што Јакимовски ги брои за опозициски на ВМРО-ДПМНЕ, се за:
Маја Мојсова-Мијовска од СДСМ, која доби 3 828 гласа, Антонио Димитров од Левица со 2 802 и независната Невена Георгиевска која освои 2 669 гласа. Или тројцата кандидати што отпаднаа од трката тежат 9 299 гласа, кои имаат потенцијал да го одлучат победникот во вториот круг.

Стевчо Јакимовски не крие дека очекува тие гласови да се слеат кај него.
„Моите очекувања се дека сите опозициони сили во Карпош ќе се обединат против владеачката партија, од повеќе причини. Прво, затоа што ја води лошо државата, второ затоа што нема никаква понуда за Општина Карпош. Нивната понуда за Општина Карпош е негативна кампања против мене и ништо повеќе од тоа. Очекувам и поддршка од партиите коишто учествуваа во оваа изборна трка, а не влегоа во вториот круг. Очекувам и некои од нив да не повикаат за гласање, туку граѓаните по слободна волја да одлучуваат за кого ќе гласаат, што исто така сметам дека е принципиелно“,
кажа Јакимовски.

Од друга страна, и Лукровски се надева дека на неговото конто ќе „легнат“ дел од гласовите кои беа дисперзирани во првиот круг и покрај фактот што СДСМ и Левица, на централно ниво, се опозиција на партијата од која доаѓа.
„Видете, разговори, преговори секако дека има. Ние пред сѐ сме соседи, пријатели, карпошани. Јас правам една дистинкција на она што е локална политика. Овде се засегнати граѓаните од комуналните проблеми, сѐ она што ги мори во секојдневието. Како што споменавте, одреден број на гласови најверојатно се од оние непринципиелни коалиции за кои ние најавувавме апропо тоа како се водеше кампањата од одредени политички конкуренти, партии, опоненти, како кандидати за градоначалници колку низ кампањата ги имаше, односно ги немаше. Сето тоа резултираше со една поддршка на човекот кој остана да се бори со мене во вториот круг. Очекувам да се зголеми моето конто“,
рече Лукровски.
Дека исходот од вториот круг во Карпош не може да се предвиди, покажува и гласањето за советничките листи. Споредбата со кандидатите за градоначалник покажува прелевање на гласови.
Сотир Лукровски, зад кого стоеја ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, освои 799 гласа помалку отколку советничките листи на овие две групации. Стевчо Јакимовски, пак, освои 4 921 глас повеќе отколку што доби советничката листа на коалицијата која го номинираше – „Искуство за успех“. Маја Мојсова-Мијоска доби 294 гласа помалку отколку листата на коалицијата на СДСМ, а Антонио Димитров освои 1 365 гласа помалку од листата на неговата партија – Левица. Само кандидатката Невена Георгиевска освои речиси идентичен број гласови како и листата „Независни за Карпош“. Другите листи, кои немаа свој кандидат за градоначалник, освоија 2 151 глас.

Овој висок степен на прелевање гласови кај актуелниот градоначалник може да укажува на две околности – или тој е препознаен како добар градоначалник меѓу граѓаните со различна политичка определба или во Карпош има скриени коалиции.
Во телефонски разговор, кандидатите од Левица и од СДСМ ни посочија дека досега воопшто не се разговарало внатре во партиите дали ќе се даде поддршка на некој од двајцата кандидати во вториот круг. Независната Невена Георгиевска, пак, беше децидна.
„Ние сме независни, што значи дека нема шанси да им кажеме на гласачите за кого да гласаат. Ниту можеме ниту сакаме да ги насочиме, поддршка не даваме на никому, а ќе соработуваме во однос на тоа одлуките колку ќе бидат добри за граѓаните“,
рече таа.
Дури и да не договори поддршка, Јакимовски вели:
„Очекувам дека карпошани нема да си го дадат своето достоинство пред оваа наезда што се шири и кон општина Карпош и очекувам дека уште еднаш ќе бидеме пример дека народот е непобедлив, а јас сум убеден дека народот стои зад мене, зад проектите, зад резултатите и зад автономијата на општина Карпош. Автономијата во смисла на туторството што го имаат политичките партии. Нам што ни се нуди од другата страна? Ни се нуди кандидат којшто се слика со премиерот и којшто се слика и којшто стои зад сенката на премиерот или зад знакчето на партијата и четирите свети букви. Ништо повеќе од тоа. Тоа јасно укажува дека таму имаме кандидат којшто други ќе му ја водат општината“,
кажа тој.

А, на прашањето за аргументот што го користи ВМРО-ДПМНЕ дека не треба да се гласа за Стевчо Јакимовски бидејќи е човек на црната листа на САД, тој коментира:
„Нарачателот седи во ќуметот на белата палата. Јасно им е на сите граѓани, јасно им е и на моите противкандидати, освен на нарачателот. Тоа јасно ги открива дека тие се нарачатели и без трунка срам тоа доаѓа токму од оние за коишто Ѓорге Иванов донесе аболиција, токму од оние за коишто Зоран Заев донесе закон за амнестија, токму од оние за коишто се формираше Специјално обвинителство во оваа држава и токму од оние зборат за криминал за коишто Али Ахмети, по којшто сега плукаат, донесе, предложи и донесе закон за измени на кривичниот закон со којшто се спасија сите тие“,
изјави Јакимовски.
Лукровски, пак, вели дека има доблест да каже дека Јакимовски бил добар градоначалник, но само во првиот мандат. Кога станува збор за отровните стрели што редовно се испраќаат помеѓу нив, вели:
„Јас не би сакал да зборувам за црни листи, за пресуди и така натаму. Сето тоа е работа на обвинителството, на судските органи. Меѓутоа, тоа што се изнесува се факти, тоа се вистини. Од друга страна, она јас што го, дури бев на неколку наврати како омаловажуван со љубовта за Карпош. Меѓутоа, јас стварно нудам љубов за Карпош. Љубовта е еден добар зачин во сѐ што сакаш да, да спремиш, треба да ставиш малку љубов. Меѓутоа, љубовта не ја разбираат оние што ја купуваат“,
изјави Лукровски.

Лукровски е оптимист оти за првпат од независноста, Карпош ќе отиде во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи првиот круг, како што кажа, донел историски резултат.
„Мојата кампања ќе биде онаква каква што беше и досега, без црнила, очекувам сѐ и сешто. Значи, во овој период од изминативе неколку месеци се изнесоа одреден број на лаги, невистини кон мене, снимени во некои рилсови или како и да е, во некои студија и тоа мене малце, првично можам да кажам и ме погоди како човек затоа што јас доаѓам од еден друг свет и јас ако ви кажам дека сте дипломирале лани, стварно треба да знам дека сте дипломирале лани, а не пред 15 години, ме разбирате? Така да очекувам да слушнеме сега сѐ и сешто, меѓутоа граѓаните се оние кои на крај ја даваат поддршката“,
кажа Лукровски.
Во Карпош има 56 856 регистрирани избирачи. На гласање излегоа 29 803, а речиси исто толку, 28 343, не го искористија гласачкото право.
