Партиите во власта ги наместија коцките така што кандидатот на ВЛЕН, Билал Касами, да има големи шанси да победи уште во првиот круг во Тетово со гласовите и на Македонците. Тоа требаше да го зајакне кредибилитетот на ВЛЕН во власта, но и да се замолчат амбициите на политичките противници ДУИ за предвремени избори. Касами освои најмногу гласови, но не доволно за да победи
Разликата од 4 000 гласа меѓу Касами и Реџепи повеќе не изгледа толку недостижна откако Касами од Тирана изјави дека ќе ги поддржат кандидатите на ДУИ по етничка линија, во општините во кои во вториот круг се тркаат со кандидати Македонци. Касами оттогаш ја смени реториката, но Бајрами се надева дека неговиот противкандидат веќе ја загубил поддршката кај Македонците
Тетово е една од општините во кои ВМРО-ДПМНЕ не предложи кандидат за градоначалник. Уште во првиот круг ги повика членовите и симпатизерите да гласаат за Билал Касами од ВЛЕН, во обид од прва да го победи ривалот од ДУИ.
Касами освои најмногу гласови, но не победи во првиот круг.

Сепак, веднаш по првиот круг, кандидатот за градоначалник на Тетово и еден од првите луѓе на ВЛЕН, Билал Касами, од телевизиско студио во Тирана даде ваква изјава.

Новинар: Ќе го поддржите ли кандидатот на ДУИ во Кичево?
Касами: Да, секако, како во Кичево, бидејќи нашиот кандидат не помина како на другите места…
Аналитичар: Каде и да се Албанците во вториот круг, вие ќе им се придружите?
Касами: Јас верувам дека и ДУИ ќе го направи истото.
изјавил Касами во гостивуње на емисија во Албанија.
Со ова Касами сам го отвори прашањето – зошто Македонците и ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат во Тетово, ако тој ветува поддршка по етничка линија и против интересите на партнерот во власта ВМРО-ДПМНЕ?
Одговорот стигна брзо, и тоа во свечениот говор на Христијан Мицкоски по повод 23 Октомври. Говорејќи дека падот на ДУИ и Али Ахмети се должи на поразот на етничките теми, тој кажа…

„И тоа е добра лекција за некои други политичари на македонската политичка сцена кои мора да разберат дека за да бидеме коалициони партнери, треба да сме подготвени, да се обединиме и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања и низ призмата на шовинизам и слични етнички процедурални разлики.Треба да се прифати дека поедини градоначалници станаа градоначалници поради волјата и поддршката на Македонците, која не треба да се дозволи да ја изневерат. Секој чекор, повторувам секој чекор, има акција и реакција. А јас секогаш ќе се однесувам така како што е најдобро за граѓаните и државата.“
изјавил премиерот Мицкоски.
По оваа размена, лентата прво ја смени Касами.
Како го коментирате премиерот Мицкоски со пораката за …
– Го сменивте ставот или останувате на своето?
„Како градоначалник на Тетово, ги претставував и продолжувам да ги претставувам сите граѓани на оваа општина на најдобар можен начин. Моите граѓани знаат дека како градоначалник во ниту еден момент не сум дискриминирал политички, етнички или религиски“.
изјавил Касами на новинарско прашање.
А потоа и Мицкоски, откако кажа дека имал средба со Касами и оти тој почнал да дава изјави кои доликуваат на градоначалник на мултиетничка општина.

„Во врска со изјавите дека не сте ја добиле почитта од ВРЕДИ во првиот круг, дали е стабилна коалицијата со ВРЕДИ во власт?
– Каде сум дал таква изјава?
Секаде.
– Никаде не сум спомнал дали сме добиле почит од ВРЕДИ, ЗНАМ, ДУИ или слично, никaде немам спомнато, ова ви е шпекулација. Друго прашање?“
изјавил премиерот Мицкоскина новинарско прашање.
И така, предвечерјето на вториот круг во Тетово се врти околу прашањето – дали ВМРО-ДПМНЕ, која има најмногу гласачи Македонци, ќе му ја даде поддршката на Касами? Или ќе го прати во политичка пензија?
Актуелниот градоначалник и пред камерата на „360 степени“ одбегнуваше да даде став кого ќе поддржи во Кичево. Се држеше до Тетово – дека е убеден оти ќе освои уште еден мандат.

„Она што е важно е дека ние во Тетово ја добивме поддршката од сите тетовчани и не можеме да оцениме дали тие гласови во Тетово биле на Албанците, Македонците, дали биле на граѓаните или на жителите на другите населени места. Ние освоивме над 19 000 гласови, убедлива победа што не се случила никогаш во првиот круг, и очекуваме дека во вториот круг оваа победа ќе биде уште поубедлива.Во моментов мојот главен фокус е Тетово, дека во овие неколку денови што останаа да тропнам на секоја врата, да ја претставам мојата програма, решението на проблемите на тетовчани, на секој граѓанин“
рече Касами.
360°:Добро, тогаш, но за што беше изјавата за општина Кичево во Албанија?
„Секако, уште еднаш, за мене е поважно Тетово како општина и е поважно дека во секоја општина, градоначалникот, како што е и мојата определба, градоначалникот кој ќе ја води таа општина, да ја води врз принципите на еднаквост, правичност и застапеност на сите граѓани. И во таа насока е и мојот став и ставот на ВЛЕН и за Тетово и за сите општини“.
изјави Касами.
360°:Очекувате победа во вториот круг без гласовите на ВМРО?
„Ние очекуваме победа во вториот круг со гласовите на тетовци, како граѓани, без разлика на нивната политичка, етничка и верска припадност“.
рече Касами.
Иако одбегна да даде директен одговор на дел од директните прашања, Касами изјави дека односите со поголемиот владин партнер се на добро ниво.
„Ние имаме комуникација на дневна основа со премиерот, затоа што заедно владееме во централната власт, заедно владееме во општина Тетово и секако дека комуникацијата е, би рекол, нормална и немало некоја ситуација на недоразбирање. Јас не сум слушнал некоја изјава ексклузивно или директно упатена кон мене како градоначалник од премиерот. Секако дека тие вредности кои ги претставува премиерот ги претставувам и јас. Ако премиерот ги брани сите граѓани на Северна Македонија, без разлика на нивната припадност, и јас во Тетово како градоначалник на Тетово ги бранам сите граѓани, мои сограѓани, тетовчани, без разлика на нивната припадност.“
изјави Касами.
Оној што може да има полза од целата ситуација е ривалот на Касами во вториот круг, Бајрам Реџепи. Станува збор за еден од потпретседателите на ДУИ, кој е кандидат на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“.
Иако разликата од првиот круг е речиси 3 800 гласа во полза на Касами, тој вели дека трката започнува од нула.

„Секојдневно сме во постојана комуникација со граѓаните, има извонредна мобилизација на нашите партиски структури и целата структура на Националната алијанса за интеграција. Не верувам дека ќе има поддршка како што имаше во првиот круг од македонската партија ВМРО-ДПМНЕ и цврсто верувам дека ќе се случи пресврт на тој резултат и ќе излеземе како победници во вториот круг“.
изјави Реџепи.
360°:Како ќе направите пресврт на резултатот, дали разговаравте со партиите што веќе не се во трката во вториот круг?
„Не. Нашата единствена коалиција е во рамките на НАИ, а другата коалиција е само со граѓаните на Тетово, со жителите на Тетово.“
рече Реџепи.
360°:Дали веќе комунициравте со жителите на Тетово, мислам со македонските граѓани во Тетово, каква е атмосферата таму, како ве пречекуваат?
„Тоа е многу позитивна и извонредна атмосфера, се чувствува на секоја средба што ја имаме, на секоја врата на која тропаме, и цврсто верувам дека жителите на Тетово ќе покажат дека Тетово ќе остане град на тетовското граѓанство, на тетовскиот интелектуализам, а не на импровизациите и масовните злоупотреби што се случија во овој мандат“.
изјави Реџепи.
Но, меѓу моментот на снимање на ова интервју со Реџепи и објавувањето на оваа сторија, во јавноста се појави фотографија – кандидатката на Левица за градоначалник на Тетово, Катка Божиноска, во кафуле со човекот задолжен за односи со јавноста на Бајрам Реџепи од ДУИ – Ардит Исмаили.

Најнаивното толкување би било дека пијат кафе. Политички најпрагматичното, пак, е дека и Бајрам Реџепи бара гласови од Македонците на други начини освен од врата на врата.
Разговаравме по телефон со Божиновска. На прашањето, дали ќе поддржат некого во вториот круг во Тетово, ни одговори дека ќе соопшти лидерот Димитар Апасиев, во текот на утрешниот ден.
Истото прашање му го поставивме и на Стевица Саркоски од ВМРО-НП. Еве го интегралниот одговор:

Што и да прават политичарите, одлуката е кај граѓаните. Оние што застанаа да разговараат со нас велат – ќе излезат и во вториот круг, но имаат конкретни барања за оној што ќе победи.




„Работете помалку за себе, повеќе за луѓето.“
рече жител на Тетово.
„Како да кажам, овие сега зборуваат само за чистота и хигиена, треба да отворат нешто за младите, да не одат на печалба, тоа го барам.“
изјави жител на Тетово.
„Јас мислам треба да има поголем простор за паркирање, улиците што може да се добри – се, ама некаде да се дотераат каде што се жалеа по нагорните делови на градот, може да се поправат, да се дотераат, како што е редно.“
рече друг жител на Тетово.
„Нам не ни требаат рекламите на функционерите, треба да се гледа бедата што ја зафати оваа земја, ни требаат младите луѓе што отидоа, и моите деца што се на Запад, да создадат услови за проширување на производствената економија, да создадат нови вредности, да отворат работни места и да ги оставиме овие бескорисни муабети, ова е претстава“.
изјави жител на Тетово.
