Со новиот Закон за енергетика власта ја избриша забраната за членови на Регулаторната комисија за енергетика да можат да се избираат лица кои членуваат во управни и надзорни одбори на енергетски компании. Претходно законските услови имаа ограничување – најмалку две години претходно, кандидатот за член на РКЕ да не е дел од управен или надзорен одбор
Случајно или не, веднаш по усвојувањето на законските измени, Собранието закажа продолжување на отпочнатиот процес на разрешување на уште два члена на Регулаторната комисија за енергетика, што отвора сомнежи дека целта е лице или лица кои сега се дел од раководството на енергетските компании наскоро да биде избран за член на РКЕ
Верувам дека нема да се донесеме во ситуација во Регулаторната комисија за енергетика да се изберат луѓе подложни на тргување со влијание. Така вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, прашан за измените во новиот Закон за енергетика со кои се отвори можноста за членови на Регулаторната, да може да се избираат лица кои членуваат во управни и надзорни одбори на енергетски компании. Претходно законските услови беа ограничени – најмалку две години кандидатот за член на РКЕ да не е дел од управен или надзорен одбор.
„Колку што знам имаше амандман во Собранието, Собранието го прифати и верувам дека нема да се донесеме во таква ситуација да има луѓе со кои што би можело да има тргување со влијание. Она што можам да го кажам за себе и за колегите членови на РКЕ, со кои што сме соработувале тука и понатаму ќе соработуваме, досега немало никаква можност за било какво влијание од страна на компаниите. Така што во крајна линија тоа секогаш зависи од самиот човек кој што ќе биде поставен на одредена функција. Досега најодговорно тврдам дека за ниту еден член, ниту за мене, имало било какво тргување со влијание“,
посочи Бислимоски.

Новите членови на РКЕ ќе се избираат по новиот закон за енергетика. А за следната недела во Собранието веќе е закажано продолжението на седницата со точка на дневен ред – разрешување членови на РКЕ.
Документите се доставени уште минатата година до Собранието кога Владата достави предлог за разрешување на четири членови. Во владиниот предлог се бараше разрешување на Андреј Тасев, Мерита Дема, Лирим Сулејмани и Фатон Амбари од функцијата членови на Регулаторната комисија за енергетика. Но Собранието тогаш разреши само двајца – Андреј Тасев и Мерита Дема.
Во образложението за разрешување Владата се повикуваше на Законот за енергетика кој во членот 19, став 6, предвидува разрешување на член на комисијата пред истекот на мандатот ако:
– Несовесно и нестручно ја врши функцијата;
– Извршил повреда на обврските за непристрасност и независност;
– Ја злоупотребил функцијата;
– Или на друг начин работел спротивно на законот.
Но, потоа, во аргументацијата зошто се бара разрешување на четворицата членови, немаше посочено конкретно ниту една од пропишаните основи во член 19, став 6 од законот. Наместо тоа, владиниот документ констатира дека четворицата споменати членови биле незаконски именувани од Собранието, односно не ги исполнувале условите да бидат членови на РКЕ кога биле именувани во 2021 и 2023 година.
На местото на разрешените, беа избрани новите членови на РКЕ кои ги предложи Владата – Атанаско Тунески и Ирфан Шаќири.
Разрешувањето на членовите на РКЕ предизвика загриженост кај Енергетската заедница со седиште во Виена. Директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Артур Лорковски, кој во февруари беше во посета на земјава, од Собранието јавно порача – со предвремените разрешувања на членовите на Регулаторната комисија за енергетика, се доведува во прашање независноста на институцијата.
„Од неодамна забележавме одлука за распуштање на два члена од ова регулаторно тело, што можеби ја поткопува независноста на ова тело и сакав ова отворено да ви го кажам – разрешувањето на двата члена се набљудува навистина внимателно од Секретаријатот и очекуваме Владата да ни даде образложение за таквото разрешување“,
рече Лорковски.
Лорковски кој тогаш побара образложение од Владата за постапката на разрешување, одговори сè уште немаше добиено до крајот на март. Тој во изјава за „360 степени“ иако беше резервиран за коментар се додека не го добие образложението, не се воздржа да говори за принципиелноста на почитувањето на законите.
„Да ја споредиме ситуацијата со фудбалски натпревар. Значи, Регулаторната комисија е судија на пазарот. Тоа е причината поради која, според европските правила, Регулаторната комисија за енергетика треба да биде независна, како што при фудбалските натпревари судиите се независни. Значи, тие треба да бидат соодветно квалификувани кога ги избираат за таа позиција, но, откако ќе почнат да судат, за време на еден натпревар, не може да го разрешите судијата. Бидејќи, ако го разрешите судијата за време на натпреварот, тоа е мешање во независноста на судијата“,
порача Лорковски.