МЕПСО во наредниот период ќе распише тендер за поставување поголема кондензаторска батерија во Неготино и тој проблем ќе биде надминат во наредниот период. Во критични режими на работа операторот на електропреносниот систем секаде во Европа, па и во Македонија има обврска да преземе мерки за да го задржи целокупниот систем стабилен, вели Бислимоски
Сите механизми што му стојат на располагање на МЕПСО, во координација со соседните систем-оператори, се преземаат за да не се случи испад во електропреносниот систем, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, по колапсот што се случи за време на викендот кога снема струја во речиси целата држава. Според Бислимоски, мерките добро функционираат, но никогаш не може со сигурност да се каже. Повисоките напони, како што рече Бислимоски, се регулираат и со системските резерви.
„МЕПСО во наредниот период ќе распише тендер за поставување поголема кондензаторска батерија во Неготино и тој проблем ќе биде надминат во наредниот период. Во критични режими на работа операторот на електропреносниот систем секаде во Европа, па и во Македонија има обврска да преземе мерки за да го задржи целокупниот систем стабилен,“
порача Бислимоски.
Бислимоски додаде и дека со новиот Закон за енергетика се овозможува поставување батериски системи кај фотоволтаичните електрани.
„Обврска ќе биде кај сите фотоволтаични електрани и таму каде што има батериски системи да се постават уреди за далечинско управување на системите. Се разгледува можноста дел од капацитетот на батериите да биде даден на МЕПСО за системски услуги, односно за балансирање, за соодветен пазарен надомест“,
додаде Бислимоски.

Прашан за одлуката на Уставниот суд со која се либерализира постапката за исклучување на потрошувачите од системот за топлинска енергија, Бислимоски вели дека тоа може да доведе до зголемен број исклучени потрошувачи, што ќе влијае на цената за топлинска енергија.
„Особено се плашам дека тие потрошувачи кои би се исклучиле и би почнале да се греат на струја ќе го оптоваруваат особено дистрибутивниот систем во Скопје. Ние како РКЕ ќе ја почитуваме одлуката на Уставниот суд, но кажувам што ќе значи тоа во пракса – можност за полесно исклучување, намалување на бројот на потрошувачи на топлинска енергија, што може да доведе до зголемување на цената за парно и да имаме домаќинства кои повеќе ќе се греат на електрична енергија“,
рече Бислимоски.
Претседателот на РКЕ денеска потенцираше и дека вршителите на енергетски дејности треба да поднесат барање за промена на лиценцата до Регулаторната комисија за енергетика, согласно новиот Закон за енергетика. Рокот е до 30 јуни, односно еден месец по стапувањето на сила на новиот закон.
„РКЕ врши редовни контроли на сите лиценцирани компании кои имаат добиено лиценца од наша страна. Во минатото РКЕ ги менуваше лиценците по носење нов закон за енергетика по службена должност, а сега со оглед дека има поголем број лиценци, сами доставуваат барања. Нема никакво затворање на ниту еден пазар, има и лиценци издадени на компании кои вршат соодветна енергетска дејност, а не биле активни на некои од пазарите на струја, природен гас, нафтени деривати… Едноставно, ќе се направи прочистување на издадените лиценци во РКЕ, тие што се сериозни носители ќе си ги поднесат барањата, имајќи предвид дека се издадени доста лиценци во последниот период, ќе се прочистат тие што ја вршат соодветната дејност и се активни на сите пазари, сигурен сум дека тие ќе поднесат барање. Има некои што не се активни и за време на трaењето на лиценцата нè известуваат дека таа сака да престане“,
потенцира претседателот на РКЕ.