За време на инцидентот, како што може да се забележи и на снимката, во трговскиот има случајни минувачи кои по пукотниците се разбегуваат
Објавено е видео од пукањето во трговскиот центар „Ист гејт“, во кое две лица се ранети. Едно лице е во критична состојба, а другото е пренесено на Клиниката за торакална хирургија.
Видеото е поставено на профилот на порталот „Курир“ на платформата Х, поранешен Твитер.
ЕКСКЛУЗИВНО ВИДЕО ОД ПУКАЊЕТО ВО ИСТ ГЕЈТ: Врз Раде Штекли е пукано како во див запад! (ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО) pic.twitter.com/3DosqGp7OR
— Курир (@KurirMK) October 24, 2023
Според снимката, се гледа како две лица се упатуваат и се спуштаат по ескалаторот надолу кон гаражите на трговскиот центар, а лице облечено во бел блузон се доближува до горната страна од ескалаторот и од горе пука во нив.
По пукањето, напаѓачот бега во спротивен правец и поминува под безбедносната камера.
На снимката се гледа дека напаѓачот е облечен во бел дуксер во чиј џеб го носи пиштолот.
На грбот на дуксерот има црни шари.
На главата, како што се гледа на снимката, напаѓачот има качкет со спуштени штитници за ушите. Носи и темни панталони, а на нозете има црно-сиви спортски обувки со бел ѓон.
За време на инцидентот, како што може да се забележи и на снимката, во трговскиот има случајни минувачи кои по пукотниците се разбегуваат.
Првичните информации за пукањето во трговскиот центар попладнево стигнаа од граѓани на социјалните мрежи, а по кратко време официјална потврда за инцидентот стигна и од Министерството за внатрешни работи.
„Денеска (24.10.) од трговскиот центар ‘Ист гејт’ во Скопје е пријавено дека било пукано кон две лица кои се здобиле со повреди и се пренесени во болница за укажување помош. Полициски екипи се упатени на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
информираа првично од МВР.
Попладнево МВР до медиумите испрати фотографија од лицето кое со огнено оружје денеска попладне пукаше во „Ист гејт“ и ја информира јавноста дека на фотографијата обезбедена од полициските служби е лицето што го изврши кривичноправниот настан.
Оттаму апелираат до сите граѓани доколку го забележат лицето од фотографијата, имаат какви било сознанија за него или корисна информација која може да помогне во истрагата која СВР Скопје ја води во координација со јавен обвинител, веднаш да известат во најблиската полициска станица или да пријават на телефонските броеви 192 или 112.
Неофицијално, како што објавуваат дел од порталите, цел на пукањето повторно бил Раде Трајковски со прекар Штекли кон кого, исто така во „Ист гејт“, беше пукано пред два месеца.