Додека вниманието на јавноста е свртено кон Скопје, „360 степени“ направи тест на системот и во Тетово и во Куманово – два града во кои е најавено дека ќе почне автоматизираното казнување за сообраќајни прекршоци заедно со Скопје
Денеска, пак, затекнавме монтирање на нови камери во Куманово
Минатата недела го тестиравме системот за автоматско казнување „Безбеден град“ во Скопје. Намерно направивме неколку ситни прекршоци. Иако добивме две опомени, сфативме дека сите камери не можат да ги регистрираат сите прекршоци. Нашето и искуството на граѓаните беше повод да упатиме повеќе прашања до МВР, меѓу кои…
„Ќе се согласиме дека таа техничка отстапка, техничка грешка, дозволива грешка или како и да сакате наречете ја, е различна во различни држави. Некаде ќе се соочиме дека е 3 километри на час фиксно, некаде дека е 5, некаде дека е 7, некаде оди со проценти – 3 отсто до 100 километри брзина, некоја фиксна над 100 километри. одлуката сè уште не е донесена, меѓутоа ќе се донесе на обостран интерес“,
рече Петровиќ-Арсовска, советничка во кабинетот на министерот за внатрешни работи.
Додека трае тест-фазата во Скопје, одлучивме да ги тестираме камерите во другите градови.
„Видовме дека „Безбеден град“ освен во Скопје има и во Тетово и во Куманово и на коридорите 8 и 10“,

Возејќи од центарот на Скопје кон автопатот „Мајка Тереза“, првото нешто што ни остави впечаток беше дека долж булеварот „Илинден“ нема камери што мерат брзина. Така видовме и самите, а така ни покажа и една од апликациите за навигација за мобилен телефон, кои предупредуваат ако возилото се приближува до камера.
„Се појавија неколку апликации кои покажуваат каде има камери низ градот. Меѓу нив е и Waze“,
Дека апликацијата функционира се уверивме уште на излезот од Скопје.
„Да, ене ја горе, во овој случај се покажа како точно предупредувањето“,
Поминавме и на локацијата каде се направени најмногу прекршоци во главниот град откако започна тест-фазата, патот кој води од крстосницата за Сарај кон автопатот „Мајка Тереза“.

По неколку минути возење, го направивме првиот прекршок на автопатот.
Можеш да возиш и 130, да видиме дали ќе ни напише казна.
Возевме над дозволеното, но опомена не добивме. На автопатот кон Тетово, камерите се поставени на уште најмалку две локации. И таму возевме неколку километри на час над дозволеното. И таму не добивме опомена.

Она што можеби најмногу не изненади е дека единствената камера која „лови“ во Тетово е на самиот влез во градот. Поминавме со непрописна брзина.
Возиш над дозволените 80, камерата е над нас, треба да го регистрира овој прекршок.
Но и за овој прекршок не добивме опомена. Сообраќајниот хаос во Тетово е таков што можеби, во овој град брзината не е проблем. Таа и не може да се постигне поради непрописното паркирање на булеварите. Во Тетово „се лази“.

Токму овде, веројатно најголем предизвик ќе биде спроведувањето на другиот сегмент од „Безбеден град“ – специјализираните полициски возила опремени со уреди за снимање кои „ќе ловат“ несовесни возачи, меѓу другото и за оставање на автомобилот каде било.
Во интервју за „360 степени“ Тоа го најави Снежана Петровиќ-Арсовска, советничка во кабинетот на министерот Панче Тошковски.
„Паркирањето нема да се констатира само со статичните камери, туку ќе постојат и возила со посебна опрема кои што ќе кружат низ населеното место, ќе има според свој план задачи и ќе констатираат паркирање“,
изјави Петровиќ-Арсовска.
И покрај најавите од МВР дека кога ќе почне казнувањето, ќе почне во исто време во Скопје, Тетово и Куманово,возејќи низ градот под Шара не забележавме низ централното градско подрачје.

По завршувањето на проверките на системот „Безбеден град“ на единствената камера што ја затекнавме, на влезот на Тетово, нашиот фокус се префрли на Коридорот 8. Тргнавме за Куманово.
Од Тетово до Скопје, на автопатот, повторно поминавме под камерите.
Овде гледам камера, дозволено е 100, а ние намерно ќе возиме 120. Да видиме дачи Сејф сити тоа ќе го регистрира. Еве ја камерата, би требало да регистрира.

Опомена за возење со 20 километри над дозволеното, немаше. На скопската обиколница, забележавме оти се поставени голем број камери на повеќе места. Дилемата е, дали ваквата густина на контролни точки е поради тоа што обиколницата важи за црна точка во сообраќајот, па системот мора да биде максимално зајакнат токму тука?
Одговорот стигна веднаш.
„Михаил после неколку ситни прекршоци кои ги направивме, каде возевме 5, каде 10 над дозволената брзина, стигна и првата опомена која вели дека се движиш надвор од населено место со брзина поголема до 30 км/ч. Измерена е брзина од 122 км/ч на локација каде е дозовлено 120 км/ч и износот на глобата е 20 евра…“,
Возејќи кон Куманово, на дел од автопатот Е-75 има поставено неколку камери, а тука дозволената брзина е 100 км/ч. Како и на автопатот за Тетово, така и тука, иако го предизвикавме, „Безбеден град“ не реагираше.

Дека камерите „влеваат страв“ кај секој возач, покажува фактот оти сега, барем според нашиот впечаток, на автопатите се вози во рамки на дозволената брзина. Единствено возило кое ја пречекори брзината беше амбулантно. Пристапувајќи кон Куманово, забележавме камера поставена на стратешка локација, на влезот од градот. Ја видовме доцна за веднаш безбедно да направиме тест, па ја оставивме за заминување. Главните булевари во градот се копија на тетовските. Насекаде паркирани возила, со пуштени трепкачи кои го блокираат нормалното одвивање на сообраќајот.

Ниту пајак-службата не може да се справи со сообраќајната недисциплина. Во Куманово имавме различен пристап на проверка. Користејќи ја „Вејз“, прво се обидовме да ги лоцираме камерите низ градот. Апликацијата ни покажа две локации каде што, наводно, има поставено камери. Првата, во строгиот центар на градот, пред објектот на полицијата.
Апликацијата вика „Speed trap recording ahead“.
Јас тука камери не гледам, баш пред полицијата… камера јас не гледам, јас не видов.
Дополнително, покажа оти камери има на булеварот „Октомвриска револуција“ кој води кон Свети Николе и Кумановска бања. Во овој случај, „Вејз” беше во право.

Возејќи низ градот забележавме дека само на овие семафори од главните крстосници има камери од новите камери на Сејф сити, затоа ќе возиме со малку поголема брзина за да видиме дали ќе не регистрира.
Семафорот беше исклучен, па не можевме да утврдиме дали казнува и за поминување на жолто или црвено светло.
Ниту овој прекршок не беше регистриран. За да не оставиме на случајност, оти секогаш не може да и се верува на технологијата, направивме обиколка низ градот… и на најпрометните булевари, и во околните населби.
Камери има, но не од оние кои мерат брзина или поминување на црвено светло, туку поставени пред десетина години кои се користат за други намени. На крајот од тестирањето, кога го напуштавме градот, се вративме на камерата што ја пропуштивме при влезот во Куманово. Намерно возевме со поголема брзина, сега во насока кон автопатот Е-75.

Реакцијата од безбедносниот систем, идентична како и претходно, непостоечка. Па прашавме во МВР дали целиот моментален систем е ставен под тест и доколку не, кога се очекува негово целосно пуштање во функција? Но, прашавме и колку полициски возила со опрема за снимање ќе бидат во употреба за санкционирање на несовесните возачи кои паркираат и застануваат непрописно.
Добивме половичен одговор:
„Возилата за кои прашувате ќе бидат на располагање на секторите за внатрешни работи низ државата. Безбеден град ќе започне да функционира од 1.2.2026 година на територија на Скопје, Тетово и Куманово, како и долж коридорите 8 и 10“,
велат од Министерството за внатрешни работи.
Ова значи дека и официјално, наместо првично планираниот датум први јануари 2026 г., стартот на „Безбеден град“ се одложува за еден месец. Тоа, пак, сигнализира дека на МВР му е потребно повеќе време за тестирање и калибрирање на системот, кој и според нашиот тест очигледно не е целосно ставен на проба.
Уште еден доказ дека е така е тоа што, случајно или не, само два дена по нашиот тест и прашањата поставени до МВР, во Куманово започнаа да се поставуваат нови камери.
Дополнителниот месец ќе биде дополнителна можност и за возачите – да ги променат лошите навики во сообраќајот и подготвени да го дочекаат автоматизираното казнување.
