Уште во програмата во 2017 година, Владата ветува дека ќе воведе барем едно бесплатно контрацептивно средство на позитивната листа. Идејата е контрацепцијата да им стане достапна на сите оние на кои им треба, а не можат да си ја дозволат, а со цел да се подобри планирањето на семејството и да се спречи малолетничката бременост
Пет години подоцна, и во програмата на актуелната влада, истата заложба постои само на хартија. На терен, наместо државата, помагаат невладини организации
Не е лесен патот по кој животот засега ја води нашата 21-годишна соговорничка. Едвај врзува крај со крај, а веќе е мајка и живее во вонбрачна заедница.
„Пред една година се породив со првото дете. После пет месеци забременив пак, па морав да направам медикаментозен абортус, бидејќи мојата финансиска состојба не ми дозволува да одгледам уште едно дете. Морав да го направам тој абортус, се обратив во државната болница – гинекологија и акушерство, каде што ми ги направија сите потребни анализи и прегледи и направив медикаментозен абортус“
вели 21-годишна скопјанка.
Оваа млада мајка не е единствената жена во земјава која е во социјален ризик и која и да сака, речиси и да не може да го планира семејството. За да се спречи непланирана бременост потребни се контрацептивни средства, а за нив требаат пари.

„Кога најдов матичен гинеколог, се консултирав со матичниот гинеколог, ми даде рецепта која што морав да си ја купам. Не можев да си ја дозволам бидејки беше според мене прескапа. 500 и нешто денари е, не можев да си ја дозоволам“
вели младата мајка.
Освен лицата во социјален ризик, втора поголема група што често не може да си дозволи контрацепција и кај која почесто се јавува непланирана бременост, се младите. Активистите на „Хера-млади“ сведочат дека се повеќе млади луѓе немаат никакви иформации за правилна заштита од несакана бременост и сексуално преносливи болести.

„Колку на младите им се достапни средствата за контрацепција?
–Па, мислам дека многу малку, од причина што во аптеките треба да дојдеш со родител за да ти дадат одреден вид контрацепција. Кондом, на пример, не знаат како правилно се користи и како правилно се чува кондом пред да дојде до негова употреба“
вели Марко Тоневски, активист на „ХЕРА млади“.

„Контрацептивните средства – најпрво, во Македонија за младите, а и за целата популација не се достапни зашто ние имаме многу контрацептивни средства кои не се достапни во Македонија. На пример, како основни две контрацептивни средства – машкиот и женскиот кондом, во Македонија го имаме само машкиот кондом како избор. Додека од другите средства, имаме три од многу. Исто како недостапност е и цената по која тие се продаваат. Цената е многу повисока од она што треба да биде“,
вели Иларија Димулкова, активистка на „ХЕРА млади“.
Како изгледа кога млад човек ќе побара контрацепција ни покажаа Иларија и Марко. Во првата аптека што ја посетивме, добија совет дека се многу млади за да се интересираат за темата. Во друга добија подетални информации околу цените.
„Здраво, не интересира за контрацепција? – Микрогинонот ви е 160 денари, а ова (план б) е 700 денари. – А неорална? Нема. -Кондоми не држите? А кондоми има да, 130 денари за три. Има и на парче“
одговорија од аптеката.

Во една од аптеките ги прашаа и за возраста, а детално им беше објаснето и дека не можат да добијат средства за контрацепција без потпис од гинеколог.
„ 400 денари Јасмин, Микрогинон 165 ден. -Со рецепта? -Па, тие не одат на рецепта, приватно, ама пак ти треба од гинеколог да ти се препишани.
-Јасно, а неорална контрaцепција, како се движат цените? Претпоставувам само кондоми има.-Да, има и други, тоа е спирала, ама пак со доктор треба. Мхм, која е цената? – Па, ние ги немаме, но има варијанти на спирала отприлика 600 денари и има некои нови со повеќе хормони околу 9 000 денари“
објаснуваат од аптеката.
Немањето пари не би било пречка за младите и социјално ранливите категории да дојдат до контрацепција ако барем едно такво средство се стави на позитивната листа, велат од невладината ХЕРА. Од организацијата потсетуваат дека не само што треба, туку Владата се обврзала на такво нешто во меѓународни и национални документи.
„Во моментот тоа не е остварено, иако клучно според мене, е што не постои имплементација на последните законски измени на Законот за здравствено осигурување кој што го олесни начинот како ќе се ревидира позитивната листа на лекови. Значи, ако претходно имаше еден куп комисии сега има една комисија која одлучува и сето тоа се прави врз основа на правилник за позитивната листа. Ниту комисијата е се уште формирана (зборуваме за измени од 2020) комисијата не е формирана, правилникот се уште не е донесен, што значи овој процес е комплетно закочен“,
Драгана Каровска Чемерска – програмска раководителка на ХЕРА.

Иако нема на позитивна листа, во земјава, сепак, има бесплатна контрацепција, но колку да се каже дека постои. Првиот проблем е што програмата се однесува само на жени од социјален ризик и тоа на многу мал број.
„Загрижувачки е трендот дека се многу ниски средствата што се одвојуваат за оваа контрацепција, за ранливите категории жени. Ако 2018 сме имале околу 150 жени со овие средства веќе 2019 и 2020 имаме само околу 50 жени што е речиси воопшто, немаме покриеност никаква.“
додава Каровска Чемерска.
Вториот проблем во актуелниот модел за бесплатна контрацепција ни го открија од здружението Иницијатива на жени од Шуто Оризари. Средствата, велат, се достапни само на Клиниката за гинекологија и во гинеколошката болница во Чаир.

„Кога го тестиравме ова на терен увидовме дека имаме нула проценти искористеност од сто испитанички. мислиме дека сепак и начинот на имплементација на оваа мерка за бесплатни контрацептивни средства и буџетот дополнително ги обесхрабурва жените да дојдат да ги искористат овие контрацептивни средства наменети за нив. Една од препораките е впрочем и контрацептивните средства за да се достапни треба да се бесплатни но воедно да бидат достапни во самите ординации на матичните гинеколози.“
препорачува Салија Зеќир Халим, здружение Иницијатива на жени од Шуто Оризари.
Дека ќе го олесни пристапот до средства за контрацепција Владата ветила во своите програми – и во 2017 и во 2022 година, во делот за планирање на семејството. Па, прашавме во Владата – зошто наместо тоа, се кратат парите?
Од Владата не упатија до Министерството за здравство, од каде пак се оправдаа дека ги намалуваат парите бидејќи нема интерес.
„Потенцираме дека финансиските проценки во Министерството се во согласност со процентот на реализацијата на самите активности во програмите. Министерството за здравство подеднакво се грижи за сите категории пациенти во рамки на обезбедениот буџет, утврден преку Министерството за финансии и Владата на РСМ. Тоа не значи дека во иднина нема да биде тренд растење на средствата за програмските активности,“
велат од Министерството за здравство.
Зошто, пак, и покрај владините ветувања нема ниту еден контрацептив на позитивната листа, од Министерството за здравство велат:
„Во однос на проширување на позитивната листа, потсетуваме дека веќе има подготвено предлог Правилник кој го направивме во соработка со комисија од ЕУ кој ќе биде најобјективен во делот на селектирањето кој лек под какви услови може да биде дел од позитивната листа“
додаваат од Министерството.

Во земјава има само дел од различните орални средства за контрацепција, вели претседателот на Македонската асоцијација на гинеколози и професор од Клиниката за гинекологија, Глигор Тофоски.
„Значи, освен кондомите, има и хормонски таблетки и хормонски интраутерини т.н. спирали. Во Македонија, за жал, нема, наместо тие комбинирани хормонски, имаме само прогестеронски хормонски апчиња и импланти кои се ставаат и траат, држат со години. Во светот има дури и спирали за кај жени што не раѓале, за девојки. Сето тоа, на некој начин, постои како начин за контрацепција.“
вели претседателот на МАГО и професор од Клиниката за гинекологија, Глигор Тофоски.

Според Тофоски, правилната употреба на современите средства за контрацепција носи повеќе придобивки не само за репродуктивното здравје на жената туку и во креирањето на политиките за планирање семејство.
„Научно е докажано дека оние кои го планираат семејството и употребуваат контрацепција, статистички имаат повеќе деца од оние кои не употребуваат. Имаме еден огромен процент на адолесцентни мајки кои раѓаат до 20 години кои понатаму во животот се во стрес, тие самите не се доволно зрели да бидат родители и понатаму не се решаваат за второ дете.“
додава Тофоски.
Додека се чека бесплатна и достапна контрацепција од државата, потребите на околу 500 жени во социјален ризик ги покрива невладиниот сектор. Во центрите „Сакам да знам“ на Водно и во Шуто Оризари, младите може да добијат бесплатни кондоми и орална контрацепција, па и преглед од гинеколог и психолошка поддршка.
Во центарот во Шуто Оризари редовна контрацепција секој месец земаат околу 30 жени. Меѓу нив е и 21-годишната млада мајка која вели дека сега научила повеќе да се грижи за своето здравје.
„Со оглед дека не сакам во следните пет години да забременам, сакам да си ставам и спирала, но чекам да започне со работа новата ординација што е предвидена во Шуто Оризари со новиот матичен гинеколог за да можам да се консултирам за потребните прегледи и анализи“,
вели нашата соговорничка.