Новиот трансформатор за Блок 3 во РЕК Битола кој се изработуваше во фабрика во Турција пристигна во РЕК Битола

Министерот за економија, Крешник Бектеши на својот профил на Фејсбук објави видео од транспортот на новиот трансформатор за Блок 3 во РЕК Битола кој се изработуваше во фабрика во Турција.
Тој во својот пост напиша: Целосно подготвени за ЗИМАТА…после повеќе години РЕК Битола работи на FULL капацитет!
Новиот трансформатор за Блок 3 во РЕК Битола кој се изработуваше во фабрика во Турција пристигна во РЕК Битола.
Четиристотини киловолтниот трансформатор е тежок 240 тони и од Турција се пренесуваше со специјална композиција.
Композицијата долга 60 метри бараше специјални услови за движење, зајакнување на патната инфраструктура на одредени делови на трасата, посебна сообраќајна регулација и управување со мала брзина, објаснуваа од ЕСМ. Трансформаторот се пренесуваше со специјална композиција преку патен транспорт низ Турција, бродски и патен транспорт низ Грција, и патен од преминот Меџитлија до РЕК Битола.
Новиот трансформатор за Блок 3 во РЕК Битола на 14 ноември тргна со специјален камионски транспорт кон Битола. ЕСМ претходно зацрта дека трансформаторот без кој третиот блок во РЕК Битола не може да работи, треба да пристигне до 22 ноември, но рокот е пробиен веќе еден месец. Во РЕК Битола веќе се одвиваат монтажните активности на блокот 3, со оглед на тоа дека дел од опремата е пристигната.
Откако трансформаторот ќе пристигне во РЕК Битола, ќе бидат потребни 10-тина дена за негова монтажа и ставање во погон, наведуваа од АД ЕСМ.