Во студено декемвриско утро, пред точно четири години, градежна механизација ненадејно почна да го „чисти теренот“ во кампусот на УКИМ. Ќе се градат два факултети, беше објавено. И тоа во барок – за физичко образование и за информатички технологии. Дел од студентите и професорите се кренаа против, бидејќи никој не слушал дека ректорската управа ја дала неопходната дозвола. Во знак на револт, студентите на УКИМ објавија прекинување на работата на Ректоратот.
„Каква било интервенција иод надвор на кона било власт на територија на универзитетот, без одобрение на органите односно Сенатот и Ректоратот не може никој да влегува и најмалку нешто да презема како акција или градба“
изјави тогаш професорот по уставно право Светимир Шкариќ.
А полицијата беше таму за да ги штити деканите на факултетите кои требаше да добијат нови згради.
„65 години факултетот опстојува во енормно лоши услови“
рече тогаш поранешниот декан на Факултетот за физично образование, Вујица Живковиќ.
„Конечно студентите по информатика ќе добијат зграда. Станува збор за преку 3.000 студенти кои се двигател на растот на УКИМ“
рече деканот на ФИНКИ, Иван Чорбев.
Нова барокна зграда требаше да биде решение и за Факултетот за драмски уметности. Неколку години подоцна сите се сѐ уште во старите објекти.
Гласот на студентите и професорите е единствената врева која веќе петти месец може да се слушне во централниот кампус на УКИМ во Скопје. Скелињата поставени околу карабините на двата нови факултети се празни. Нема работници, нема градежни активности. Во непосредна близина се уште стои таблата дека изведувач на барокните факултети е Бетон – Штип, фирма која за изградбата доби тендери во вредност од 20 милиони евра, од Министерството за образование. Но, Бетон-Штип од јули годинава е во стечај. Постапката се води во судот во Штип.
На последното рочиште, пред една недела, до стечајниот управник стигнаа побарувања од 571 доверител, од кои 124 се компании, а останатите се поранешни вработени во фирмата. Судот во Штип утврди дека Бетон должи 15 милиони евра, а спорни се уште дополнителни 8.
Засега, јавно не се знае кој е најголем доверител. Но, во Службен весник, може да се види дека значителен дел од долгот на „Бетон-Штип“ е кон дел од фирмите газди. На 16 октомври годинава, Комерцијална банка од Скопје одлучила побарувањето од 3.963.842 евра од Бетон-Штип да го отстапи на „Орка Холдинг“ на Орце Камчев и „ТИМ“ на Панделевски.
Според последните податоци од Централниот депозитар, „Орка Холдинг“ има 19,5% од Бетон-Штип, а исто толкав удел има и „Тим“.
Но, овие игри, не го засегаат директно министерството за образование и наука, кое е инвеститор во факултетските згради. Министерот Арбeр Адеми вели дека „Бетон-Штип“ не им останал должен, бидејќи навреме го поништиле договорот, откако не бил испочитуван рокот од 3 години за изградба на објектите.
„На 27 јуни 2019 година, пред да стапи во стечај акцинерското друштво Бетон Штип, е активирана банкарска гаранција од наша страна за неисполнување на договорните обврски и, секако, веднаш беа стопирани сите работи кои се вршеа таму“
вели министерот за образование, Арбер Адеми.
Парите од буџетот, уверува Адеми, биле исплаќани по завршување на секоја градежна ситуација. Според сработеното, МОН за ФИНКИ исплатил 1.750.000 евра од предвидените 13 милиони или за околу 14 отсто од изграденото. За Факултетот за спорт, пак, реализацијата била 16 отсто, па од предвидените 7 милиони евра досега се исплатени 1.150.000.
Тоа што не е потрошено, ќе се пренамени за доизградба на објектите.
„На 28 октомври оваа година доставиме информација до Владата да добиеме согласност за објавување на долгогодишна јавна набавка и тоа останува една од нашите објективни цели во рамките на реализирање на капиталните инвестиции, да ги изградиме објектите на овие два факултети. И за оваа и за следната година ќе се најдат доволно средства во рамките на предвидената динамика да се изградат овие два објекти“
објаснува Адеми.
„360 Степени“ побара став за актуелната состојба и од раководствата на ФИНКИ и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. За разлика од пред четири години кога беа гласни, сега одлучија да не зборуваат јавно за просториите и условите во кои изведуваат настава.
Барокот на Скопје 2014 требаше да го реши проблемот и на друг факултет, за драмски уметности. Нивната зграда е готова веќе две години, но тие се уште не можат да се вселат.
Проблемот тука е што за зградата од 8 ката, чиј инвеститор е владината Служба за општи и заеднички работи, долго не можеше да се направи технички прием поради серија недостатоци. Директорот на Службата, Пеце Мирчевски, вели дека на проблемот му се гледа крајот.
„Чекаме само Правобранителство, заедно со Катастар, да го впише објектот во имотен лист за да можеме следната фаза да го предадеме објектот на факултетот со одлука на Влада. По завршување на целата постапка ќе го предадеме објектот на Факултетот на драмски уметности и од тука натаму треба да стопанисутваат и да се грижат комплетно за објектот. Плаќање на сите режиски трошоци и одржување од аспект на објект и хигиена на самиот објект. Така што, оставаме на нив“,
вели во разговор за „360 Степени“ директорот Пеце Мирчевски.
Како се снаоѓаат во старите простории, но и колку им одговараат новите, не успеавме да дознаеме од раководството на Факултет за драмски уметности. Како и нивните колеги од ФИНКИ и ДИВ, и тие одлучија да не настапат јавно.Одговорите ќе се видат наскоро, откако студентите на ФДУ ќе почнат да следат настава во новите простории. Нивните колеги од ФИНКИ и од Факултетот за физичко образование ќе почекаат уште неколку години за да видат дали новите барокни зданија се вистинско и трајно решение за актуелните проблеми.