Градоначалничката Арсовска, наспроти министерката за култура и аргитекти од Асоцијалцијата на архитекти, остана на тврдењата дека проектот е небезбеден. Архитектот Муча, пак, кој е дел од архитектонското биро кое го проектирало проектот, рече дека секогаш кога се прави реконструкција се појавуваат некои работи, но тврди дека проектот бил проектиран уште еднаш по испитувањето на материјалите и Град Скопје ги има сите документи. Тој рече дека ја изработиле документацијата и за втората фаза, но тоа што градските власти не признаваат дека е готова е затоа што не ја ни побарале
По тврдењата од Град Скопје дека проектот за реконструкција на Универзалната сала е небезбеден, денеска градоначалничката Данела Арсовска се соочи со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и архитектите, токму пред објектот кој веќе седум години не е во функција и чека реконструкција.

„Прво сакам да ѝ се заблагодарам на градоначалничката што ја прифати оваа покана да се сретнеме конечно вака во живо пред медиуми и со претставници од стручната фела кои се најповикани да објаснат околу оние недоразбирања што се појавија во јавноста во однос на проектот за реконструкција. Универзална сала веќе седум години не е во функција. Како објект што го претставува срцето на Скопје, треба да се надминат многу разлики и да се продолжи со проектот кој е веќе е постоен и одобрен за да може реконструкцијата на Универзална сала да се одвива во најбрз можен рок“,
рече министерката која потсети дека проектот е финансиран со пари од државниот буџет во 2020 година, одобрени од Владата.
На средбата пред медиумите, на покана на министерката, присуствуваа и претставници на Асоцијацијата на архитекти, Комората на архитекти и самата фирма што го изработила проектот.
Откако пред медиумите кратко се обрати Костадиновска-Стојчевска, изјава даде и градоначалничката Арсовска. Таа ѝ се заблагодари на министерката што „собрала храброст и сила наместо да седне на маса да се презентираат документите, да одговори со покана за оваа средба“, а потоа ја обвини Асоцијацијата на архитекти дека зад вчерашното нејзино соопштение стои СДСМ.
„Проектот за Универзална сала продолжува, меѓутоа не со онаа документација која е небезбедна за скопјани и која не може да ја гарантира нивната сигурност во оваа фаза. Прво, би сакала да ѝ напоменам на министерката дека на ваков начин не се прави шоу. Зошто? Затоа што треба да си ги знаеме надлежностите. Второ, Асоцијацијата на архитекти вчера излезе со еден памфлет напишан од страна на СДСМ, дека ја застапува фелата. Алудирам на Мишко Ралев, професор и декан на Факултетот за архитектура и дизајн, кој всушност е член на Извршниот одбор на СДСМ. Целиот извршен одбор на СДСМ да го донесете тука исти ќе бидат аргументите“,
рече Арсовска.
Понатаму во изјавата градоначалничката тврдеше дека од претходното градско раководство е констатирано дека ова во овој момент што го има, како техничка документација и проект, не е безбедно затоа што немало претходно извршено анализа на постојниот објект, да се знае дали тоа што е ставено во тој проект е реално и одржливо.
„Затоа уште во јули е констатирано дека како таков проектот не ја отсликува реалната состојба на терен, констатирани се многубројни елементи кои укажуваат дека не може да се продолжи. Затоа уште вчера на седница на Советот на Град Скопје поранешната претседателка на Советот, а сега актуелна советничка Љубица Јанчева самата кажа дека откриле недостатоци во проектот“,
зборуваше Арсовска.
Не сакам, рече градоначалничката, никој да ги омаловажува урбанистите ниту, пак, целата група што седи во Градот Скопје, а се истите оние кои работеле од самиот почеток на овој проект и кои сега не сакаат да го стават својот потпис бидејќи е небезбедно да продолжи проектот на начинот и формата што го има сега.
„Да, проект Универзална сала ќе има, меѓутоа не небезбеден проект односно проект кој ќе биде согласно сите стандарди кои ќе ја гарантира безбедноста. И, доколку вие тука сега сметате ова сега што го имаме може да помине без никаква корекција, гарантирајте со своја изјава, дојдете и влезете во градот и гарантирајте со своја изјава дека не треба ништо да се измени“,
рече Арсовска по што читаше документи и записници за да докаже дека проектот е небезбеден.
По градоначалничката, изјава сакаше да даде претседателката на Собранието на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Искра Јанковска-Михајловска, но Арсовска на почеток ја прекина и го прозва архитектот Ралев да дојде и да каже нешто. Арсовска пред камерите ја праша и во кое својство и таа и Ралев се таму, што ќе презентираат и од чие име.

„Ви благодарам што нè навредивте цела Асоцијација на архитекти“,
рече архитектката.
„Не ве навредувам“, возврати Арсовска и продолжи: „Кажувам дека личноста (Мишко Ралев) која се дрзнува да етикетира и да каже дека лицата што работат во Градот Скопје и се потпишани на овие записници не знаат што зборуваат“.
„Прво, тоа што го нарекувате памфлет, го пишуваше Управниот одбор на Асоцијацијата. Ние сме сите еднакви меѓу еднаквите и нема тој (Мишко Ралев) право што било да наметнува, ние сме сите самомислечки и независни, ние сме струково здружение. Асоцијацијата постои и пред вас и пред господинот Шилегов“,
рече Јанковска-Михајловска.
Во понатамошната нејзина изјава, во која постојано беше прекинувана од Арсовска, претседателката на Собранието на Асоцијацијата на архитекти рече:
„Како архитекти секогаш во реконструкции, посебно вака тешки, се соочуваме со измени во градба. Едноставно, претпоставувате дека тука има ѕид, во ѕидот некој пред 50 години ставил некои кабли. И постојат процедури со ревизии, со одговорни лица каде тие процедури се потврдуваат. Да ги плашите луѓето дека некој објект е небезбеден … Објектот не е завршен, кога ќе биде завршен ќе биде безбеден“,
рече архитектката.
И Ралев, кој беше присутен на настанот, по прозивките од Арсовска, се обрати пред медиумите и побара архитектите повеќе да не биде омаловажувани.

„Ние секогаш сме биле критични кон одредени постапки и бараме струката да не биде повеќе омаловажувана“,
рече Ралев по што од мобилен го прочита вчерашното соопштение од Асоцијацијата на архитекти.

Расправијата не застана тука, Арсовска повторно застана пред камерите и порача тоа што го прочитал Ралев да се земе со резерва бидејќи го прочитал член на Извршниот одбор на СДСМ.

„Да се потргнеме малку да не ни падне конструкцијата“, ѝ рече на градоначалничката проектантот Бујар Муча од архитектонското биро „Мегарон инженеринг“ откако таа заврши со втората изјава и продолжи:
„Извештаите што ги чита градоначалничката се тие, на многу од тие состаноци присуствував и јас. Секогаш кога се прави реконструкција се појавуваат некои работи, некои се дури резултат на тоа што по договорот што го имаме потпишано со Град Скопје продолживме да ја работиме втората фаза. Таа е готова и е кај нас. Тоа што тие не признаваат дека е готова е затоа што не ни ја бараат. Врз основа на тоа излегоа некои мали греди, столбови… Сето тоа произведе да го повикаме ЗИМ како институција која се занимава со испитување на материјали. Го направија испитувањето на материјалите, ние го препроектиравме сето тоа и еве има повторно едно позитивно мислење од ИЗИИС кое не поништува ништо. Позитивно мислење за измените во тек на градба. Така што, Град Скопје има сè“,
рече Муча.
Целата расправија на градоначалничката Арсовска и архитектите можете да ја погледнете и во видеото во продолжение.