Градоначалничката на Скопје денеска изврши обиколка низ Општината Чаир и посети две градилишта за кои рече дека се дивоградби. Го повика министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски да изврши увид на посочените локации. Од градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, побара да дојде на терен и да објасни како дозволува секаде низ неговата општина да се гради на диво. Му порача да не ѝ праќа луѓе да ѝ се закануваат зашто не се плаши
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска изврши обиколка на неколку локации низ Општина Чаир каде што се извршуваат градежни активности, а за кои рече дека се дивоградби. Од градилиштата таа двапати се вклучи во живо на својот фејсбук-профил.
На терен со неа, како што вели, се инспекциските служби од градската управа.

На првото видео се гледа како градоначалничката прави обиколка на една парцела каде што се вршат градежни активности.
Движејќи се по градилиштето, Арсовска рече дека во Општина Чаир се гради спротивно на законот. Побара Министерството за внатрешни работи (МВР) да реагира.
„Во моментов во Општина Чаир спротивно на закон си почнале нова дивоградба. За жал, до овој момент не реагира ниту МВР. Го повикуваме министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да реагира. Го повикуваме и оној Стојанче Ангелов да дојде тука да ги види овие необезбедени дупки, каде што може секој случаен минувач, деца или кој било жител, да се повреди. Да излезат на самото место и да кажат дали тука има ‘сејфти фирст‘“,
вели таа.
Опишувајќи го градилиштето, посочи дека на главен булевар е направен сериозен ископ и е отпочната градба на објект. Додава дека возилата што работат на објектот не се регистрирани, како и дека се вршат градежни работи без никаква дозвола, без платени комуналии, без одобрение за градење, без проект и без ниту еден документ со кој се гарантира безбедност на градба.
„Општина Чаир и принцезата на дивоградбите го нема никаде. Тој не е од тука и не знае во Општина Чаир што се случува. Да не се чудиме што ни се случува во Македонија. Дополнително, објектот е во Генералниот урбанистички план на Град Скопје, каде што овие тука си одлучиле дека ќе си прават профит и ќе си градат нелегално зграда, без ниту еден документ за да можат да наштекаат уште некој милион на своето конто“,
вели таа.
Обвини дека од МВР, односно од надлежната полициска станица одбиваат да дојдат на терен и да извршат увид за безбедноста на градилиштето.
На второто видео Арсовска е на нова локација и покажува, како што рече, уште една дивоградба која се гради на државно земјиште.
„Денеска на Висар му фативме две дивоградби. Сега сме на 50 метри од првата локација. Еве, погледнете ја оваа градба на државно земјиште, без градежна дозвола и проект. Тука сме по пријава на граѓани. Требало на оваа локација да се гради парк, но сега се гради објект со голем габарит“,
рече градоначалничката.
Го повика и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, да дојде и да објасни како дозволува секаде низ неговата општина да се гради на диво.
„Ајде Ганиу, ако си маж, дојди, не се криј во општината, кажи како дозволуваш на диво да се гради низ општината. Не ми праќај тука да ми доаѓаат бесни коли и да ми се закануваат. Не се плашам“,
кажа Арсовска.
Посочи дека откако јавно ги повика екипите на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје, тие излегле на терен и се појавиле на првата локација што претходно ја посочи за дивоградба.
Според неа, потребно е итно преземање мерки и почитување на законот без оглед на политичката припадност или поврзаности со инвеститори.
Нагласи дека Град Скопје нема да дозволи да се шири урбанистички криминал со молк на институциите.
Сепак, додаде дека Град Скопје нема надлежност да урива објекти.